Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека денес се очекуваат нови цени од Регулаторната комисија за енергетика на горивата и каков ефект се очекува од намалување на акцизата на горивото, изјави:
„Па ние со вчерашната одлука на Влада, практично овозможивме да Регулаторната комисија денеска ги намали акцизите за дизелот од 4 денари по литар, а за бензините 2 денари по литар. Исто така во разговор со ОКТА, лично разговарав и со раководството на ОКТА во Атина, но и со раководството на, односно со „Хеленик Петролеум“ и ОКТА тука во Скопје и успеавме да обезбедиме дополнителен период од месец дена за оние 3 денари за литар дизел и 2 денара за безоловен. Кога сето ова ќе се стави во функција, тогаш за бензините треба да имаме и поевтина цена од таа којашто е сега. А за дизел горивата, не би требало да имаме, на одредени бензински пумпи, покачување и покрај тоа што имаме озбилна, предизвикувачка состојба во државата, но не само во државата, насекаде низ светот.
Од аспект на количини сме стабилни, имаме доволни количини, тука не треба да имаме никакви стравувања. Зголемена е потрошувачката, зголемен е конзумот од негде милион и пол на ден литри, на два милиона литри. Имаме притисок на одредени погранични места. Ја продолживме и мерката од 18 на 10% ДДВ, сè со цел да го заштитиме и стандардот на граѓаните и бизнисите, се разбира.
Она коешто претставува наша цел е да бидеме фактор на стабилност. И тоа го правиме. Онаа Македонија којашто коленичеше и молеше, верувале или не, повеќе не постои. Сега имаме Македонија којашто помага, од којашто бараат помош, којашто рефлектира стабилност во регионот, којашто е фактор на стабилност, зрелост, тоа е многу важно. И на тој начин ќе се однесуваме како Влада и во иднина. И ќе ја следиме состојбата.
Утринава откако стартуваа берзите на Исток, постепено продуктите ја намалуваат својата цена. Но, да видиме како ќе затвори денот и да видиме како ќе затвори неделата, за да можеме да имаме некаков репер околу цената на берзите. Да знаеме и какви ќе бидат цените на производите, односно дизел горивото и безоловниот 95 и 98 октански.“