Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос тоа дека денес се отвораат нови хируршки сали во склоп на здравствениот систем и за тоа каков е планот за најавените вложувања во образовна инфраструктура, изјави:
„Па би сакал да кажам дека, исто така кога станува збор за здравството, имаме синергија и со образованието. Во тек е процесот, односно нашето барање како Влада до меѓународни финансиски институции коишто би се вклучиле во процесот на финансирање на проектот за конечно завршување на Клиничкиот центар, односно Клиничката болница во Штип, заедно со Медицинскиот факултет и студентскиот дом таму. Завршување на проектот Здравствен дом со проширена дејност во Кичево, односно Болницата таму. И нормално реконструкција на Клиничката болница во Тетово.
Очекувам дека и овој процес ќе биде привршен овој месец и ќе можеме веќе да влеземе и во следната фаза. Така што реновирањето и изградбата на сите овие проекти ќе бидат навистина нешто што досега е невидено во Македонија.
И исто така, кога станува збор само за образованието, дозволете ми да ве информирам и вас и македонската јавност дека во суштина преку Министерството за образование се работат во моментот триесетина проекти со вредност поголема од една милијарда денари, спортски училишни сали, училишта се реновираат, нови се градат, студентски домови и така натаму и така натаму. Така што сето она коешто, откако се консолидиравме, продолживме да го реализираме, ќе биде завршено за подобри услови за работа на наставно-образовниот кадар и подобри услови за учење на учениците и студентите.“