„Вашето време како министер за земјоделство ќе биде запомнено по криминалот кој што цветаше. За тоа се поднесени и кривични пријави за сторено кривично дело - Злоупотреба на службената положба и овластување“, истакна министерот за земјодлество, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
Министерот потсети дека во 2022 и 2023 година Министерството објавило и спровело јавен повик за финансиска поддршка на микро производители на вино, при што биле распределени над 100 милиони денари при што се заобиколила Агенцијата која што е надлежна да спроведе ваков повик.
„Поднесена е кривична пријава поради тоа што Mинистерството иако го раскинало договорот за закуп не доставило примерок до Агенција за Катастар на недвижности за бришење на правото на сопственост. Заради непостапување и недоволна координација со АФПЗРР и по раскинувањето на договорот продолжила исплатата на финансиска поддршка, при што во периодот од 2021 до 2023 година на закупецот му биле исплатени над 19 милиони денари“, додаде министерот Трипуновски.
„Да потсетам дека во периодот од 2019 до 2023 година Министерството склучило 19 договори за закуп на државно земјоделско земјиште со правно лице, со вкупна површина од над 1.400 хектари. Дополнително, закупецот имал обврска да инвестира над 2.5 милиони евра, но реализирал помалку. Дел од земјиштето било користено од трети лица без правен основ, што укажува на несовесно управување со закупениот имот“ појасни тој.
Министерот нагласи дека биле склучени три договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, со кои е опфатена површина за повеќе од 20 хектари на човек кој што имал над 40 години, а согласно закон тие што се под 40 години се ослободени 3 години. Намерно бил ослободен за да не плати 100.000 евра, затоа што бил близок до еден локален функционер.
„Имаме и индиции дека незаконски унапредивте административен службеник на повисоко ниво без спроведување законска постапка, без согласност од Министерството за финансии и без обезбедени финансиски средства“, истакна министерот Трипуновски.
„Не постоеше гранка во која не се чувствуваа последиците од вашите погрешни политики, но со посветена работа успеавме да ги санираме штетите кои што вие ги оставивте“, нагласи тој.