Поддршка за проширувањето на ЕУ е голема , јавното мислење е со голема подршка за членство во ЕУ. Македонија успешно ги спроведува реформските процеси, бележи трет најголем економски раст во Европа од 4,3% раст на БДП во вториот квартал, целосно сме посветени и целосно усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, истакна заменик претседателот на Владата на панел дискусијата посветена на проширувањето на ЕУ, во организација на тинк тенк орагнизацијата “Пријатели на Европа” што се оддржува денеска во Брисел.
“Што се однесува до реформите, генерално добро се справуваме. Беше споменат Планот за раст, сè што беше побарано од нас, направивме. Економијата буквално бележи рапиден раст. Во вториот квартал од оваа година имаме раст на БДП од 4,3%, што е трет највисок во Европа. Она што е многу важно за мојата земја: имаме политичка, економска, но и меѓуетничка стабилност и кохезија, нешто кон кое стремевме во минатото. кога ќе јагледнете целата слика, земјата се движи во добар правец. Целосно сме посветени и усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија — не 80%, не 90%, туку 100%. Единствената причина зошто не напредуваме, за жал е ова вето од Бугарија” – се обрати Николоски.
Тој истакна дека поддршка од ЕУ е голема за Македонија. Голем сигнал е тоа што претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен доаѓа во Скопје.
“Сега работите дефинитивно се менуваат. Секако, ситуацијата со Украина и Молдавија му помага на целиот процес на проширување и тоа треба да се искористи. Постои интерес за регионот. Претседателката Фон дер Лајен доаѓа во Скопје — беше во Албанија, Црна Гора, Косово и доаѓа во Македонија, што е одличен сигнал. Се надевам дека ќе се најде механизам што Европската Комисија ќе може да го искористи и да ги отвориме пристапните преговори. Отворените прашања со соседите мора да се решат на еден или друг начин, но сметам дека атмосферата ќе биде многу порелаксирана и позитивна ако ги започнеме преговорите” – рече Николоски.
На панелот, тој потенцира дека успехот на регионот е заедничкиот настап и тоа веќе се препознава преку економскиот раст на регионот, преку развој на туризмот и развој на ависообраќајот.