Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Одржан „Форум за јакнење на капацитетите на добавувачите“ со компании заинтересирани за учество во санацијата на ОХИС

Одржан „Форум за јакнење на капацитетите на добавувачите“ со компании заинтересирани за учество во санацијата на ОХИС

Владата на Северна Македонија, во партнерство со Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС), организираше „Форум за јакнење на капацитетите на добавувачи“ во рамки на Националниот еколошки фонд за чистење на контаминираните локации на поранешната фабрика ОХИС во Скопје. Форумот привлече 28 домашни и меѓународни компании, даватели на еколошки услуги, технички експерти и релевантни институции и беше организиран за запознавање на заинтересираните компании со начинот на аплицирање на претстојните тендери за продолжување на активностите за ремедијација на малата депонија контаминирана со линдан во рамки на поранешниот индустриски комплекс ОХИС.

Форумот следи по неодамнешното продолжување на партнерскиот договор меѓу Владата и УНОПС, со што се обезбедија дополнителни средства за комплетирање на ремедијацијата на малата депонија во следните три години. Со тоа се потврди посветеноста на Владата за решавање на еден од најкомплексните еколошки предизвици во земјата преку безбедни, транспарентни и меѓународно прифатени процеси.

Отворајќи го форумот, Зоран Атанасов, специјален советник за економски прашања во Генералниот секретаријат на Владата, ја истакна важноста од ангажирање способни и одговорни изведувачи за реализација на оваа клучна еколошка интервенција.

„Санацијата на ОХИС е национален приоритет и прашање на јавно здравје и заштита на животната средина. Преку овој форум сакаме заинтересираните компании јасно да ги разберат техничките барања, еколошките заштитни мерки и стандардите за јавни набавки што следат во наредната фаза од работите,“ изјави тој.

На форумот беа презентирани детални информации за опсегот на претстојните активности, вклучително и ископот, пакувањето, привременото складирање, транспортот и конечното отстранување преку согорување на HCH отпадот и контаминираната земја. Учесниците беа запознаени и со постапките за јавни набавки на УНОПС за двата претстојни тендера – за санациски работи и за надзор на активностите за чистење на локацијата.

Далиборка Колар, раководителка на Секторот за поддршка во канцеларијата на УНОПС за Југоисточна Европа, ја нагласи важноста од транспарентна соработка со приватниот сектор.

„Спроведувањето на сложена санација на безбеден и одговорен начин бара силна соработка меѓу јавните институции и квалификуваните приватни оператори. Овој форум има за цел да изгради заедничко разбирање за очекувањата, стандардите и одговорностите, со што добавувачите ќе бидат добро подготвени да придонесат за успешно завршување на санацијата на малата депонија,“ рече Колар на настанот.

Форумот за градење капацитетите на добавувачите претставува дел од пошироките напори во рамки на Националниот еколошки фонд за обезбедување конкурентна, транспарентна и висококвалитетна имплементација на санациските работи. Со зајакнување на капацитетите на добавувачите и појаснување на техничките и процедурните барања, Владата и УНОПС имаат за цел да го забрзаат процесот на ремедијација, во согласност со највисоките стандарди за заштита на животната средина и безбедност при работа.

Од почетокот на санацијата на малата депонија во 2021 година, 1,969 тони HCH отпад и 586 тони почва контаминирана со HCH беа отстранети и согорени, што претставува приближно 60 проценти од планираното чистење на малата депонија. Работите се реализираа со комбинирано финансирање од Владата на Северна Македонија, Европската Унија и Кралството Норвешка, што претставува значаен чекор во справувањето со историското индустриско загадување на локацијата.

Успешното завршување на санацијата на малата депонија значително ќе ги намали ризиците по јавното здравје и животната средина и ќе создаде предуслови за започнување на санација на големиот базен.

Мени за пристапност