Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Мицкоски: Шабани и Сулејмани со својата работа и посветеност ќе придонесат за зајакнување на институционалниот капацитет

Мицкоски: Шабани и Сулејмани со својата работа и посветеност ќе придонесат за зајакнување на институционалниот капацитет

Почитуван претседател на Собранието,

Почитувани пратеници,

Почитувани граѓани,

Денес пред вас стојам со предлог за избор на двајца заменици министри, решение кое не е само кадровска одлука, туку дел од поширокиот процес на зајакнување на институциите, на враќање на довербата во државата и на градење систем кој работи во интерес на граѓаните.

Нашата обврска како Влада е да поставиме луѓе кои имаат знаење, интегритет и чувство за државна одговорност. Луѓе кои ќе работат посветено, професионално и чесно, во служба на државата и на сите граѓани.

Пред вас денес се два предлога кои се дел од таа визија.

Предлагам за заменик министер во Министерството за одбрана да биде избран Адмир Шабани.

Министерството за одбрана е столб на националната безбедност и на нашата меѓународна позиција како држава членка на НАТО. Во време на сериозни безбедносни предизвици, во време кога светот се соочува со нови ризици и нестабилности, нашата држава мора да има институции кои се силни, професионални и подготвени да одговорат на секој предизвик.

Нашата Армија е гордост на државата. Таа е симбол на стабилноста, на професионализмот и на нашата евроатлантска определба. Затоа е важно во Министерството за одбрана да работат луѓе кои ќе придонесат за понатамошна модернизација на одбранбениот систем, за зајакнување на институционалниот капацитет и за продлабочување на соработката со нашите сојузници.

Убеден сум дека Адмир Шабани ќе даде значаен придонес во таа мисија.

Истовремено, предлагам за заменик министер во Министерството за образование и наука да биде избран Дритон Сулејмани.

Образованието е темелот врз кој се гради иднината на секоја нација. Држава која инвестира во образование инвестира во сопствената иднина. Затоа реформите во образованието, модернизацијата на системот и создавањето услови за квалитетно образование за сите млади луѓе се врвен приоритет на оваа Влада.

Нашата цел е јасна – образование кое создава знаење, кое развива критичко размислување, кое ги подготвува младите за современиот свет и кое ја прави Македонија конкурентна и развиена држава.

Верувам дека Дритон Сулејмани со својата работа, енергија и посветеност ќе придонесе кон унапредување на образовниот систем и кон спроведување на реформите кои им се потребни на учениците, студентите и наставниот кадар.

Почитувани пратеници,

Оваа Влада има јасна мисија: да изгради функционални институции, да ја врати довербата на граѓаните и да ја движи државата напред.

Знаеме дека пред нас има многу работа. Но исто така знаеме дека само со силни институции, со чесни луѓе и со јасна визија можеме да изградиме држава со која ќе се гордеат идните генерации.

Верувам дека со заедничка работа ќе продолжиме да ја градиме стабилна, силна и успешна Македонија.

Мени за пристапност