Денеска, непосредно пред официјалниот старт на македонско–српскиот бизнис форум во Скопје, во Владата на Република Северна Македонија беше потпишан Меморандум за разбирање за соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија. Документот го потпишаа потпретседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за односи меѓу заедниците, г. Иван Стоилковиќ, и потпретседателката на Владата на Република Србија и министерка за економија, г-ѓа Адријана Месаровиќ.
Меморандумот претставува значаен чекор во продлабочувањето на стратешката економска соработка меѓу двете земји и поставува рамка за поттикнување на трговијата, инвестициите, размената на искуства и развојот на заеднички проекти. Со документот се опфаќа унапредувањето на комуникацијата меѓу институциите и приватниот сектор, размената на информации и добри практики, координацијата на економските политики, поддршката за деловните субјекти и создавањето услови за посилен заеднички настап на регионалните и трети пазари. Посебен акцент е ставен и на унапредувањето на инфраструктурната поврзаност меѓу двете земји, вклучително и соработката на проекти од заеднички интерес како што е развојот и модернизацијата на железничката и патната инфраструктура.
Со денешното потпишување, Меморандумот кој веднаш стапува во сила и останува важечки пет години, ја потврдува јасната политичка волја и заедничката определба на двете влади за интензивирање на економската соработка и отворање нови можности за бизнис-заедниците.
Потпишувањето се надоврзува на вчерашната заедничка посета на вицепремиерите Стоилковиќ и Месаровиќ на компаниите „Пекабеско“ и винаријата „Камник“. За време на посетата беа презентирани производствените капацитети, извозниот потенцијал и перспективите за зајакнување на регионалната соработка, а беше истакнато и дека успешните компании од двете земји претставуваат силна основа за забрзување на економското поврзување.
Денешниот македонско–српски бизнис форум ја заокружува оваа заедничка иницијатива, обединувајќи ги водечките компании, институции и инвеститори од земјава и Србија. Форумот се очекува да отвори нови партнерства, да засили деловни контакти и да овозможи брза операционализација на приоритетите предвидени со Меморандумот, придонесувајќи за уште поинтензивен економски развој и соработка меѓу двете држави.