Почитувани,
Како што беше кажано, денес Владата го усвои Законот за правична и соодветна застапеност, со што се заокружува важен процес кој помина низ неколку фази и кој беше внимателно изграден, и по мислењето на Венецијанската комисија.
Уставниот принцип на правична и соодветна застапеност се издигнува на ниво на законска материја и како таков станува задолжителен за сите државни институции.
По одлуката на Уставниот суд за укинување на балансерот, стана уште појасно дека државата не може повеќе да продолжи со делумни решенија или со привремени механизми. Потребен беше закон. И денес, по целиот овој процес, ние имаме таков закон.
Она што го носи овој закон е дека за првпат, правичната и соодветна застапеност не останува само општ принцип, туку станува законска обврска за институциите. Значи, имаме закон.
Исто така, законот воспоставува конкретни механизми за негова примена, односно се прави значителен напредок во правичната и соодветна застапеност.
Законот предвидува формирање на Координативно тело за следење на правичната и соодветна застапеност со одлука на Владата. Ова тело ќе го следи, мониторира и ќе го гарантира спроведувањето на законот во пракса. Ова е многу важно, бидејќи без ваква алка на одговорност, секој закон ризикува да остане само формален.
Воедно, законот предвидува во рок од 6 месеци по неговото донесување да се изврши усогласување на релевантното законодавство и да се донесат подзаконски акти со кои ќе се уредат деталите за имплементација на законот. Сето ова ќе овозможи ова прашање да не остане изолирано само во еден текст, туку да се рефлектира низ целиот институционален систем.
Една од главните цели на ова решение е и затворање на просторот за нејаснотии, импровизации и злоупотреби кои во минатото создаваа проблеми и недоверба. Значи, се воспоставува појасен, поконтролиран и посериозен пристап.
Вреди да се нагласи дека овој закон го носи печатот на Венецијанската комисија. Истиот е изработен и усогласен по позитивното мислење и препораките на оваа комисија. Тоа значи дека денес немаме текст донесен набрзина, туку решение кое поминало низ сериозен правен, институционален филтер.
Почитувани,
Овој закон има една единствена цел, администрацијата да биде вистински сервис за сите граѓани, изградена врз знаење, професионализам, одговорност и интегритет. Ние не градиме сериозни институции оставајќи празнини, туку воспоставувајќи ред и одговорност.
Со овој закон, воспоставуваме баланс и истовремено ги поставуваме темелите на професионална, транспарентна, модерна и силна мултиетничка администрација. Силната администрација не е во интерес само на една заедница. Таа е во интерес на секој граѓанин. Кога институциите се правични и ефикасни, сите имаат придобивка.
Посебно внимание се посветува на подобрување на застапеноста на граѓаните кои припаѓаат на заедниците што се под застапени во органите на државната власт и другите институции од јавниот сектор, при што квалификациите, стручноста и компетентноста претставуваат примарен критериум, а припадноста кон под застапена заедница може да се земе предвид само како секундарен критериум, во случај на еднакви квалификации и компетентност на кандидатите.
Ова е начинот на кој се зајакнува довербата меѓу граѓаните и меѓу заедниците. И ова е начинот на кој се зајакнува самата држава.
По денешното усвојување во Владата, законот ќе биде проследен до Собранието. Ние очекуваме сериозна дебата, со аргументи и одговорност, бидејќи станува збор за прашање што му е потребно на државата и кое требаше да се реши многу порано.
Со овој закон, воспоставуваме ред, создаваме основа институциите да им служат на сите граѓани со правичност, сериозност и еднаквост.