Во организација на Советот за регионална соработка (СРС) со поддршка од Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија (МАЕЧИ) и Министерството за внатрешни работи на Италија, и во партнерство со Владата на Северна Македонија, на 11 ноември 2025 година во Скопје официјално започна јубилејната 10-та Годишна конференција за координација на безбедноста во Западен Балкан под мотото „Западен Балкан – ЕУ: Заедничка безбедност, заедничка иднина“. Како земја-домаќин, Република Северна Македонија повторно ја потврдува својата лидерска улога во регионалните безбедносни иницијативи и во промовирањето на европските вредности.
Заменик-претседателот на Владата, задолжен за политики за добро владеење, г. Арбен Фетаи, се обрати на официјалната воведна сесија заедно со генералниот секретар на СРС, г. Амер Капетановиќ, заменик-директорот за јавна безбедност на Италија, г. Стефано Гамбакурта, и амбасадорот на Италија, Н.Е. Паоло Палминтери.
Во своето излагање, г. Фетаи порача: „Безбедноста не се раѓа од стравот, таа расте од довербата. Кога институциите се транспарентни и одговорни, се намалува просторот за злоупотреба, корупција и арбитрерност.“ Тој додаде: „Довербата е одлучувачкиот збор на нашето време. Таа е новата валута на современото владеење, повредна од сè друго, бидејќи без неа нема економски напредок, политичка стабилност ниту институционална реформа.“
Оваа јубилејна 10-та конференција се одржува во клучен момент кога Европската Унија ги интензивира напорите за создавање на Европска одбранбена унија, проширување на Шенген-зоната и имплементација на Планот за раст за Западен Балкан. Италија, како долгогодишен стратегиски партнер, повторно ја потврдува својата посветеност кон стабилноста на регионот, додека Северна Македонија, како домаќин, покажува лидерство во усогласувањето со европските безбедносни стандарди. Г. Фетаи нагласи дека „заедничката иднина на Балканот и Европа нема да се мери со бројот на договорите што ги потпишуваме, туку со длабочината на довербба што ја градиме меѓу државите, институциите и граѓаните“, повикувајќи се на потребата од изградба на нова култура на безбедност – похумана, покооперативна и поевропска.
Конференцијата продолжува и на 12 ноември со работни групи за миграција, организиран криминал и сајбер-закани, со цел изработка на конкретни препораки за идните чекори.