Врз основа на член 5 став (1) од Законот за издавање на вредносни ваучери („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 154/25), Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на _____________ 2025 година, донесе
УПАТСТВО
за дизајн на ваучерот, начинот на аплицирање, издавање и дистрибуција на ваучерот, како и начинот на водење на евиденцијата за издадени и искористени вредносни ваучери
Член 1
Со ова упатство се уредува дизајнот на ваучерот, начинот за аплицирање, издавањето и дистрибуцијата на ваучерот, како и начинот на водењето на евиденцијата за издадените и искористени вредносни ваучери за набавка на електронски уреди (во натамошниот текст: ваучер) за редовни и вонредни студенти.
Член 2
(1) Ваучер се издава врз основа на поднесено барање за издавање на ваучер за набавка на електронски уред, во електронска форма преку Националниот портал за електронски услуги, најдоцна до 20 декември 2025 година.
(2) Барањето од ставот (1) на овој член, ги содржи следниве податоци:
- име
- презиме,
- датум на раѓање
- e-mail адреса
- согласност со условите на јавниот повик за издавање вредносен ваучер за набавка на електронски уред и
- согласност за користење и обработка на лични податоци за добивање вредносен ваучер за набавка на електронски уред.
(3) Врз основа на барањето од ставот (1) на овој член, се проверува дали студентот е запишан во Регистарот за редовни и вонредни студенти.
(4) Доколку студентот не е запишан во Регистарот за редовни и вонредни студенти, статусот на студент (вонреден/редовен) го докажува со прикачување на Националниот портал за електронски услуги, потврда издадена од високобразовната установа во која е запишан студентот.
(5) За студентите од ставот (4) на овој член, проверката се врши од страна на комисија составена од редот на административни службеници во Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија.
Член 3
(1) По утврдувањето на исполнетоста на условите од членовите 1 и 2 од Законот за издавање на вредносни ваучери, преку Националниот портал за електронски услуги се генерира електронски ваучер, кој студентот може да го преземе и користи во електронска или печатена форма.
(2) Формата и содржината на ваучерот е дадена во Прилог кој е составен дел на ова упатство.
Член 4
Евиденцијата за издадени и искористени ваучери ги содржи следниве податоци:
- реден број;
- име и презиме на студентот;
- матичен број на студентот;
- датум на издавање на ваучерот;
- број на ваучер;
- датум на искористување на ваучерот;
- подружница на економски оператор кај кој е искористен ваучерот;
- фискална сметка;
- гаранција за искористениот ваучер и
- статус на ваучер.
Член 5
Ова упатство влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.