Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на денешната панел дискусија „Раст на економијата – економска сигурност на граѓаните“, говореше за состојбата во земјоделскиот сектор.
Трипуновски истакна дека земјоделството во изминатите години, според податоците со кои располага Министерството, бележело негативен тренд, особено во делот на квантитетот на производството и извозот на земјоделските производи.
„Ако ги споредиме бројките од 2025 година со 2024 година и претходните години, можеме да забележиме сериозен раст во преработувачката индустрија од 3,6%. Она што е уште поважно е анализата по квартали во 2025 година, особено во делот на откупот и продажбата на земјоделски производи, што претставува еден од најрелевантните показатели за квантитетот на домашното производство“, истакна Трипуновски.
„Во четвртиот квартал од 2025 година, откупот и продажбата на земјоделски производи изнесуваат околу 12,5 милијарди денари, што е за 15% повеќе споредбено со 2024 година. Сличен позитивен тренд е забележан и во останатите квартали, што значи дека домашното производство по квантитет бележи раст“, појасни министерот.
Тој додаде дека годината била успешна и покрај неповолните климатски услови.
„Ако ја анализираме целата година во целина, не само во делот на откупот и продажбата, туку и во извозот на земјоделски производи, бележиме раст од околу 5,5% во споредба со 2024 година. Тоа е јасен показател дека земјоделското производство се движи во позитивна насока и дека го зголемуваме производството на храна“, истакна Трипуновски.
Министерот посочи дека овие резултати се должат на добрите политики на Владата, креирање на интервентни мерки, стабилизација на секторот и исплатата на заостанати обврски.