Роберт Алаѓозовски, Национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка

Во рамките на своите задолженија, како Национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, м-р Роберт Алаѓозовски, останува одговорен за:

- Имплементација на Националната Стратегија за развој на концептот Едно општество и интеркултурализам, како Претседател на координативното тело за изработка и имплементација на стратегијата;

- Стратешки координатор, номиниран од Владата, за развој на проектот, Скопје кандидат за Европска престолнина на културата во 2028 година, во соработка со Град Скопје;

- Член на Телото за следење и имплементација на Националната Стратегија за развој на културата 2018-2022;

- Член на Работната група за интеркултурна интеграција при Одделот за антидискриминација на Советот на Европа.

Освен овие номинации, Националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, соработува со разни владини институции и тела за прашања од меѓуресорска надлежност, како заштитата на културното наследство, децентрализација на културата, унапредување и развој на креативните и културните индустрии и други прашања.

Кратка биографија

Роберт Алаѓозовски е Национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка.

Ја вршеше функцијата Министер за култура во Владата на Република Македонија, во периодот од јуни 2017 до мај 2018 година.

Роден е во 1973 година во Струмица. Дипломирал и магистрирал на Катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје.

Алаѓозовски е основач и бил главен уредник во издавачката куќа „Готен“, како и Претседател и проектен директор во Здружението на граѓани „Есперанца“ - Светски културен центар. Најзначаен проект му е „Од дијаспора до различност“, 2015-2017 година, поддржан од Регионалната програма за култура, на Холандија и Швајцарија, во чии рамки ги истражувал регионалните и европските јавни политики и уметнички практики во полето на управување со различноста, мигрантските заедници, дијаспората и номадизмот.

Член е на Друштвото на независни писатели на Македонија.

Во 2006 година, Алаѓозовски се стекнува со „Европска диплома по културен проектен менаџмент“ што ја доделува фондацијата „Марсел Хиктер“ од Брисел, Во периодот од 2005 до 2014 година бил  Претседател на Европската мрежа на менаџери во културата „Оракл“ со седиште во Брисел. Во тој капацитет е дел од проектот Одржлив развој во светот на различноста, нови форми на граѓанство и културни идентитети (2005-2010) година, поддржано од ФП6 програмата на Европската комисија.
Од 2008 е член на педагошкиот тим на „Европската диплома по културен проектен менаџмент“ со седиште во Брисел. 

Од богатото искуство, главно во областа на културата, кај Алаѓозовски може да се забележи и неговото учество во уредувачкиот одбор на списанието „Сараевски тетратки“, како и позицијата проектен координатор во Независниот културен центар „Точка“ и во „Контрапункт“, во периодот од 2002 до 2007 година. Најзначаен проект му е „Слевање на маргините“ од 2003 до 2007, посветен на културната децентрализација, намалување на етничките тензии во постконфликтниот период и повторно воспоставување на соработката во поделените и мешаните заедници.

Работел како уредник во издавачките куќи, „Темплум“ и „Магор“. Има објавено преку 200 критики, рецензии, статии, научни текстови, во разни списанија во земјата и регионот.

Соработувал на културни проекти и манифестации со многу институции и здруженија на граѓани.
Има објавено шест книги, и добитник е на наградата „Прозни мајстори“ на издавачката куќа „Феникс“ и на фондацијата „Македонија Презент“.

 

Е-маил: Robert.Alagjozovski@gs.gov.mk