Математичко – информатичката гимназија во Скопје доби вредна донација од 50 персонални компјутери од Уни Банка со што значително се унапредија условите во кои учениците ги стекнуваат знаењата од областа на математиката, информатиката и физиката. На промоцијата на опремената училница присуствуваа министерката за образование и наука, Мила Царовска, директорката на училиштето Јулија Гајдаџиева и извршниот директор на Уни Банка, Владислав Хаџидинев.
„Исклучително сме благодарни на Уни Банка, но и на сите останати општествено одговорни компании кои ја сфаќаат вредноста на влогот во образованието и даваат значителен придонес во унапредувањето на националниот образовен систем на било каков начин. Со тоа помагаат во создавањето на што поквалитетни генерации кои се и всушност нивниот иден кадровски потенцијал, но и потенцијал за развој на земјата“, рече Царовска.
Министерката додаде дека донацијата е од голема важност за ова училиште кое е релативно ново и започна со работа во октомври 2020 година и за кое, поддршката од ваков вид е особено добредојдена во насока на подигнување на стандардите за квалитет и постигнување на очекуваните резултати и цели поради кои е и основана гимназијата.
Извршниот директор на УНИ Банка, Владислав Хаџидинев истакна дека донираната опрема е од највисока класа и дека со оваа иницијатива банката придонесува за успешен развој на информатичкото образование во земјата – аспект кој во време на пандемија придоби големо значење.
„И покрај овие услови, УНИ Банка уште еднаш докажа дека е една од активните социјално одговорни компании во државата“, рече Хаџидинев.