Модерна и ефикасна администрација: повеќе систем, помалку бирократија
Сите граѓани и сите деловни компании, заслужуваат брзо и ефикасно задоволување на нивните потреби и барања, без непотребни процедури, документи и даватели. Истовремено, јавната администрација заслужува добра организација, професионални, мотивирани и соодветно платени службеници. Затоа, целта на Владата ќе биде да создадеме ефикасна професионална јавна администрација, базирана на интензивна дигитализација, оптимална структура и иновативни процеси и техники. Така ќе постигнеме: побрза услуга, подобар квалитет и еднаквост во пристапот за сите граѓани и деловни субјекти.
Пандемијата предизвикана од вирусот COVID-19 покажа дека дигиталните услуги и дигитализацијата на јавната администрација, не само што се можни, туку се и корисни, особено во услови на криза, кога и со преполовени капацитети се испорачуваат сите услуги.
Дигитализацијата и иновациите се главната реформа на современата, европска јавна администрација, помагајќи им на граѓаните и на деловната заедница да добијат најмногу од дигиталните технологии. Ефективна е-Влада обезбедува широк спектар на придобивки, вклучувајќи поголема ефикасност и заштеди во буџетот, зголемена транспарентност и поголемо учество на граѓаните и деловната заедница во креирањето на политиките. Во овој контекст Владата смета дека јавната администрација мора да обезбедува дигитални услуги, како задолжителна опција; не смее да бара од граѓаните и деловната заедница никаква информација или податок, кој веќе е обезбеден и мора да дизајнира јавни услуги кои по дефиниција се инклузивни и ги исполнуваат потребите на ранливите групи, како што се возрасните и луѓето со пречки.
Дигитализацијата не е доволна. Таа не е ни возможна ако не го промениме пристапот и поимањето на администрацијата за нивната важност, улога и одговорност во државата. Јавната администрација може и мора да биде професионална, иновативна, одржлива, транспарентна и меѓусебно да соработува и да се надополнува заради спроведување на успешни реформи и исполнување на зголемените очекувања за подобри јавни услуги за граѓаните и деловната заедница. Администрацијата треба да биде силна, но не за да ги кочи туку да ги забрзува демократските, економските и развојните процеси. Во нашата администрација работат одлични професионалци, но има и многумина кои сметаат дека немаат обврски ниту одговорност кон граѓаните и државата. Структурата на институции и нивната поставеност е далеку од оптимална и создава бесконечни лавиринти, кои наместо да ги штитат правата на граѓаните и да ја помагаат економијата, стануваат нивни кочничари.
Во согласност со Охридскиот Рамковен Договор, Владата на Република Северна Македонија ќе обезбеди ефикасно и квалитетно спроведување на процесот на унапредување на правичната и адекватна застапеност во јавната администрација. Истото ги опфаќа и органите кои што не се регулирани со Законот за јавна и државна администрација, на сите нивоа на централната власт како и во јавните служби или претпријатија со јавни овластувања. Во првите шест месеци, ќе се распоредат и ќе тргнат на работа сите вработени по Рамковен договор во државните институции, додека институциите ќе ги одобрат барањата на вработените за признавање на образованието согласно последните промени во Законот за вработените во јавната администрација и јавниот сектор. Етничката припадност нема да се злоупотребува при вработувањата.
Фокусот на Владата ќе биде погореспоменатите состојби да ги промениме, со промени во структурата, квалитетот и големината на администрацијата. Ќе разгледаме неколку модели за намалување на обемот на администрацијата за 20%, преку спојување на функции и надлежности на институциите, пензионирање на 64 години (со споменатите исклучоци), пакети за трансфер во приватен сектор или предвремено пензионирање и сл. Вниманието ќе го насочиме кон вработување на квалитетни кадри и нивно задржување во државната служба, развој на нивната кариера и обука, наградување и плати, мотивација.
Реформите имаат потреба од вистински лидери. Ќе утврдиме современи критериуми за поставување, избор или именување на високи функционери со цел воспоставување на изедначени услови за избрани и именувани лица. Веруваме дека професионализацијата и деполитизацијата на јавната администрацијата мора да почне од врвот и затоа создаваме висока раководна служба.
Владата ќе започне со храбри промени во администрацијата кои ќе подразбираат:
- Целосна реорганизација на јавната управа, која ќе започне веќе во 2020. Ќе елиминираме секакво преклопување на надлежностите меѓу институциите и ќе воведеме јасна хиерархиска подреденост согласно улогата на институцијата (креатор на политики, спроведувач на политики, спроведувач на инспекциски надзор). Ќе имаме јасен план за спојување на постоечки институции, укинување на постоечки институции или основање на нови институции.
- Целта е оптимизирање и очекувано намалување на бројот на институциите, намалување на трошоците за работа, подобрување на управувањето и конечно зголемување на ефикасноста во работењето и испорачувањето на услуги кон граѓаните и деловната заедница.
- Јасно и значително дефинирање на надлежности на сите нивоа во администрацијата. Ова значително ќе ја намали неодржливата централизација во администрацијата која ги забавува сите процеси, но и создава атмосфера на неодговорност и навики сè „да се чека од горе“. Ако сите одлуки ги носи еден човек, таа институција ниту е функционална ниту одржлива. Ќе биде јасно дефинирано што спаѓа во надлежности на министер, државен секретар, раководители на сектор и одделение. Така ќе се гради култура на придонес и одговорност кај секој вработен.
- Нов концепт во средниот менаџмент: нема повеќе раководители до пензија! Целта е да воспоставиме нов систем за раководителите од среден ранг, заснован на темелни анализи и најдобрите европски практики, кој ќе обезбеди поголема мобилност и посилна мотивација за постигнување на подобри резултати.
- Повисоки плати - награда за резултат. Сите вработени во институцијата ќе можат да добијат додатоци од 5% на плата доколку ги постигнат целите кои на почеток на година Владата ќе ги утврди како нивна задача. На овој начин ќе се стимулира администрацијата да го даде својот максимум, а од друга страна и јавноста и бизнисот нема да имаат впечаток дека даваат повеќе пари за одржување на скап и бавен апарат. Овој принцип ќе започне со примена на исплати од 2022 (за целите дефинирани за 2021).
- Индивидуална одговорност, но тимска оценка. Сегашниот систем на 360° оценување на вработените во административната служба не го постигнува ефектот за подобрување на работата, ниту пак во однос на одговорноста на службениците. Граѓаните и бизнисите не ги интересира колку институциите формално спровеле од своите стратешки и акциски планови, туку какви услуги нудат. Не им значи ниту колку е добар или успешен раководителот, туку како функционира неговиот/нејзиниот тим. Значи, ќе воведеме систем кој ги оценува институциите наспроти формално пополнување табели и спроведување на стратешките планови и оценка на тимовите односно одделенијата наспроти спроведувањето на акциските планови.
- Иста плата за иста работа. Веруваме дека сите вработени во јавниот сектор заслужуваат еднаква плата за еднаква работа и еднакво вложен труд и одговорност за својата работа. Освен системот на плати за административните службеници, практично не постои ниту еден друг систем на плати во јавниот сектор, кој е така сеопфатен, а сегашните разлики во платите за иста работа во различни институции делуваат демотивирачки кон вработените, но создаваат и притисок за вработување во институции чии вработени се високо платени.
Целта е тоа да го запреме уште во првата година од новиот мандат, преку донесување на целосно нов закон за платите на сите вработени во јавниот сектор. Заради ублажување на евентуалните фискални и социјални ефекти, воведувањето на новиот систем може да се одвива етапно, во период од најмалку две години. - По примерот на Естонија, премиерот ќе формира мали групи (академска заедница, бизнис-сектор, администрација) т.н System Innovation units за нудење нови, иновативни решенија за системски проблеми во државата кои се провлекуваат со години.
- Пандемијата предизвикана од вирусот COVID-19 покажа дека електронската комуникација меѓу институциите е можна и многу ефикасна. Затоа, за две години, целокупната комуникација помеѓу институциите и во рамки на секоја институција ќе се води електронски. Ќе се решат сите административни и правни резерви во врска со ова. Сите вработени во администрација ќе добијат јасни и обврзувачки инструкции во оваа смисла.
- Еден Центар за услуги (ЕЦУ) во секој град по примерот на ЕЦУ во Скопје. Сега фокус ќе ни се десетте најбарани услуги од страна на граѓаните, од кои еден дел ќе финишираат со целосно електронски продукт (на пр. уверенијата од матичните книги).
- Со потпишаниот договор со светски релевантниот Мастеркард (прв од ваков тип), станавме вистински глобален лидер во развојот и имплементацијата на иновативни дигитални сертификати за потврда на идентитетот. Договорот ќе значи брзи постапки и малку потрошено време за граѓаните да добијат документи од страна на институциите, но исто така и брзо потпишување и одобрување на барања во комуникацијата со приватните компании и банките. Се со помош исклучиво на еден мобилен телефон. Мастеркард ја избра нашата држава за да ја доразвие технологијата која ќе ја направи пластиката непотребна. Она за што порано беа потребни картички и документи (кои можеа да се злоупотребат и изгубат) сега ќе се прави преку мобилен телефон.
- Со воведување на Електронски систем за автоматизација на административни постапки БПМС секоја работна задача кон вработените ќе се задава јасно и прецизно со можност во реално време да се следи нејзиното извршување, со што ќе се зголеми ефективноста и отчетноста за работата, а унапредувањето и наградувањето ќе се базира на реални показатели и придонес. Владата планира до крајот на 2021 година да воведе БПМС систем, во најмалку 30% од органите на државната управа, а до крајот на 2024 година системот ќе биде воведен во сите органи на државната управа.
- Во првата година од новиот мандат ќе воспоставиме централна институција која ќе биде одговорна за координација и спроведување на процесот на дигитализацијата во општеството, но и целосна ИТ поддршка за институциите на државната управа. Со основањето на ваква агенција, создаваме можност за постојано напредување и надградување на знаењата на ИТ професионалците и нивно соодветно наградување.
- До крајот на 2020 година ќе подготвиме Студија за изводливост за изградба на национална транспортна оптичка мрежа, за да се идентификуваат административните бариери и да се утврдат предлозите за соодветни изменувања во законските прописи.
- До крајот на 2023 година ќе обезбедиме целосна покриеност на најмалку еден град со 5G сигнал, а до крајот на мандатот, покриеност од 70% на главните коридори и патната мрежа во државата. При тоа, ќе предвидиме контрола и регулатива која ќе гарантира безбедност на граѓаните, критичната инфраструктура и безбедноста на државата.