Стоп за злоупотреби
Корупцијата и политичките злоупотреби се најголеми непријатели на граѓаните и институциите. Го оштетуваат буџетот, ја рушат правната држава, ги слабеат институциите и ја загрозуваат демократијата, создавајќи недоверба меѓу граѓаните. Правдата, еднаквоста и слободата се првите жртви на политичките злоупотреби и корупцијата. Владата на Република Северна Македонија ќе ја води битката преку широка и обврзувачка транспарентност, заштита на слободата на медиумите, институционална поддршка на силна и независна ДКСК и нулта толеранција при откриени злоупотреби. Целта ни е да градиме систем кој одвраќа од злоупотреби и јасно ја лоцира одговорноста. Ќе ги јакнеме граѓаните и институциите, а ќе ги намалуваме дискреционите права и моќта на политичарите и носителите на јавни овластувања.
Граѓаните се особено чувствителни на злоупотребите на носителите на функции и тоа со право. Никој не смее да е над законот, а носителите на функции со свој пример тоа мора да го докажуваат. Ќе предложиме измени во Кривичниот законик со кои ќе се заостри казнената политика за дела типично врзани за носители на функции.
Дополнително, ќе ги намалиме привилегиите на јавните функционери, а со цел да се спречи злоупотреба на функцијата за лични цели, намалување на буџетските трошоци и зголемување на ефикасноста во вршењето на функцијата.
Владата ќе предложи законска обврска за јавна објава на сите службени трошоци на сите функционери во законодавна, извршна, локална и судска власт. За што се трошат парите на граѓаните – никој нема право да крие.
Дополнително, Владата ќе предложи покрај прочистувањето во правосудството да се создаде ефикасен систем на проверка на потеклото на пари и капитал кај секој поранешен и актуелен функционер, по пат на систем што кој ќе ги земе предвид најдобрите ЕУ практики.
Ќе поддржиме воведување на систем на електронско следење на предмети кои произлегуваат од претставки за корупција, a преку одлуки на Владата и Собранието ќе се грижиме одлуките на функционерите по сопствена оценка да бидат само во границите на неопходното и непреченото функционирање на органот на чие чело е функционерот.
Уште во првата година од новиот мандат Владата ќе донесе нова Стратегија за отворени податоци, која ќе постави јасни и повисоки таргети за транспарентност за сите институции и за нивните први луѓе. Нивно исполнување ќе биде услов за секој раководител (министер или директор) да ја задржи својата позиција.
Отворени податоци значат и едноставен начин за пристап до нив. Јавниот сектор ги има обете задачи: да ги отвори податоците за јавноста, но и да ги направи едноставни и униформирани за пристап. До 2024 година ќе обезбедиме единствен стандард за прикажување и пристапување до информациите на интернет страниците на институциите од јавниот сектор, вклучувајќи и стандарден начин за пребарување и нивна достапност за лицата со попреченост. Во првите шест месеци, ќе ги модернизираме веб-страниците на министерствата и Владата и ќе го зголемиме бројот и квалитетот на податоци. Пристапот ќе биде понатамошно развивање на т.н. активна транспарентност.
Сите ЕЛС кои ќе добијат средства од буџетот, ќе мораат да ги прифатат правилата на отвореност и отчетност доколку сакаат да ги искористат парите на граѓаните преку централниот буџет.
Владата ќе предложи измени во Изборниот законик со кој ќе се воведе принципот на отворени листи уште при следните локални избори. Директниот избор ќе значи поголема врска на избраните со нивните сограѓани, наместо силна врска и зависност само од политичките партии.
Затоа ќе воведеме зајакната анализа од страна на УЈП на приходите и расходите на нотарите/ извршителите која ќе биде основ за детални контроли, измени и дополнувања на нивните тарифници и длабинска контрола на незаконитите поврзувања во оваа, за граѓаните, исклучително осетлива дејност.