Министерството за образование и наука набави 25 нови професионални машини и апарати за мензите во три студентските домови. Со оваа набавка во вредност од 2,5 милиони денари, после 35 години, студентските домови ,,Гоце Делчев”, ,,Стив Наумов” и ,,Кузман Јосифовски Питу” ги осовременуваат условите, го подигаат квалитетот и ја подобруваат услугата за студентите.
Како дел од планот за унапредување на студентскиот стандард се и активностите за подобрување на условите за сместување и престој во студентските домови. Започнавме реконструкција на 9 студентски домови со KfW Development Bank за што се обезбедени 25 милиони евра со кои домовите ќе се модернизираат и ќе станат енергетски ефикасни.
Изминатиот период посветено работевме и на унапредување на студентскиот и ученичкиот стандард.
Ги променивме политиките за стипендирање, воведовме целосно нови категории на стипендии, но и ги зголемивме месечните износи на стипендии кои се исплаќаат на студентите и учениците. Студентските стипендии кои се доделуваа во неколку категории со различни износи од 3.300 денари, од 4.400 денари и така натаму, сега се сите изедначени на 6.050 денари, со исклучок на оние за студенти запишани на математика, физика, хемија кои остануваат по 18.000 денари месечно. За првпат воведовме и стипендии за трет циклус на студии, тоа се 15 стипендии од по 18.000 денари за 12 месеци во годината, а ги вративме по цела една деценија и стипендиите за постдипломски студии во државата, вкупно 50 стипендии од по 9.000 денари за 9 месеци во годината. И двата типа на стипендии се за студенти кои ќе се запишат на конкретни струки наведени во конкурсите, кои се исклучително дефицитарни.
За првпат од оваа година започна исплатата на субвенциониран студентски оброк кој во моментот го примаат над 27.000 студенти.
МОН продолжува да го унапредува студентскиот и ученичкиот стандард и да инвестира во подобри услови за сместување и настава.