Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска во одговор на пратеничко прашање рече дека Владата со навремена поддршка и мерки ја насочи енергијата во земјоделството и кон производството на храна.
„За таа цел беше донесен национален план за храна кој што содржи мерки кои поддржуваат стратешки производи, односно пченица, пченка, сончоглед, месо. Интервентниот фонд е 400 милиони денари, а беше зголемен за дополнителни 500 милиони денари и во него покрај тоа што е опфатено субвенционирањето за овие стратешки производи вклучено е зголемување на субвенциите согласно зголеменото производство. Субвенционирање на цената на нафтата, бидејќи имаме зголемување на цените на нафтените деривати и не само зголемена цена на нафтените деривати туку и историски највисока цена во однос на цената на доларот во однос на еврото што дополнително ја покачува цената на нафтата за држави кои немаат производство на нафта, а тоа сме практично сите земји во регионот и најголемиот дел од европските држави”, рече Ковачевски.
Премиерот истакна дека со ребалансот на буџетот се обезбедени потребните средства за поддршка во земјоделството и за навремена исплата на субвенциите.
„Она што можам да ги уверам сите граѓани особено оние што се занимаваат со производство е дека субвенциите ќе бидат исплаќани навремено и ќе бидат исплаќани во суми кои ќе им обезбедуваат стабилно производство на земјоделските култури кои на нас ни се и те како потребни во услови на оваа голема криза. Со таргетирани мерки Министерството за економија уште од прв ден успеа да спречи зголемување на цените на прехранбените производи и исто така веќе е во процедура закон за заштита на потрошувачите, неколку пати го осудивме непазарното и неетичкото однесување на еден дел од трговците на големо и мало кои сакаа да профитираат во услови на растечка инфлација. УЈП и ДПИ навистина неселективно и врз основа сите нивни надлежности деноноќно работеа за да може да се обезбеди граѓаните да имаат рамноправен третман во услови на криза и да не се дозволи некој на грбот на граѓаните да остварува екстра профити”, рече Ковачевски.
Премиерот истакна дека за зголемување на домашното производство на стратешки земјоделски производи беа распишани и наддавања за доделување на земјоделско земјиште и веќе се доделено 5.000 хектари за производство на пченка, пченица и други стратешки култури. Дополнително беше отворен тендер за дополнителни 4.000 хектари кој што исто така е во фаза на реализација и исто така беа исплатени субвенциите кои се однесуваа на тутунарите, 17 илјади тутунари за жал со задоцнување поради неодговорното однесување на опозицијата која што неколку месеци го блокираа законот.
Откако тоа се донесе субвенциите на тутунарите се исплатени, исто така се смени и начинот на исплата на субвенциите за овоштарите, каде за прв пат имаме авансна исплата на субвенциите тогаш кога најмногу им треба и овој начин на исплата ќе биде предложен и веројатно усогласен и да биде и предложен за останатите култури”, рече Ковачевски.