Министерства

На денешната владина седница се усвои новиот Оперативен план за вработување за 2019 година, за кој издвоивме рекордни 1,1 милијарда денари што е највисок износ досега и е за речиси три пати поголем од 2014 година, кога за истата намена беа исплатени 406 милиони денари. Мерките се фокусираат на доквалификација, вработување на најранливите категории, поддршка за стартапите и иновативните бизнис идеи. Во процесот на креирање на овие мерки за првпат се вклучени сите чинители.

Врвен приоритет на МТСП и на Владата е обезбедување нови работни места. За Оперативниот план за вработување 2019 година издвојуваме рекордни 1,1 милијарда денари и се фокусираме на преквалификација и доедукација. Во 2019 да дадеме шанса за сите оние кои имаат образование, а се без работа, да ги прилагодиме на фактичката состојба и да ги активираме на пазарот на трудот.

Новите работни места ги планиравме заедно со работодавците, односно за првпат мерките ги работевме во соработка со сите чинители и според реалните потребите во државата и на локално ниво.

Со Оперативниот план за 2019 година посебен акцент се става на младите невработени лица до 29 години како и на корисниците на гарантирана минимална помош.
Оваа година Оперативниот план ги опфаќа и физичките лица, нуди силна поддршка за самовработување, но и за отворање нови работни места, раст на платите, како и поддршка за вработување на лица со попреченост. Со ОП 2019, меѓу другото, овозможуваме обуки за побарувани занимања и занаети, за дигитални вештини, како и обуки за дигитални вештини. Исто така, се продолжуваат програмите „Практикантство“, „Општинско-корисна работа“ и „Јавни работи“.

Оперативниот план за вработување за 2018 година имаше високи 95% реализација.

Со него за првпат ја воведовме „Гаранцијата за млади“, преку која се вработија 1.839 лица. Преку учество во програмата Самовработување, сопствен бизнис отворија 1.191 лица, а една од најбараните беше програмата „Практикантство“, во која се вклучија 1.263 невработени лица до 34 годишна возраст.

Носител на Оперативниот план е Министерството за труд и социјална политика, а неговата имплементација е во надлежност на Агенцијата за вработување на Република Македонија, во партнерство со други одговорни институции.

Државата не презема долгови на приватни компании, туку директно ги обештетува лозарите, а преку финансиските инструменти на Управата за јавни приходи, тие парите ќе бидат вратени во Буџетот, посочи денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски. 

„Во следните 3 години согласно Законот за земјоделство и рурален развој сите исплати кои што ќе ги прават компаниите за кои што се презема долгот, истите ќе бидат стопирани преку УЈП и ќе бидат средства на Буџетот, односно преку Платежната агенција ќе се вратат во Буџетот. Исто тоа ќе следи и во делот на стечајните постапки кои се отворени во други случаи. Не е точно дека со државни пари се покриваат долгови на приватни фирми, ние директно ги помагаме и обештетуваме лозарите. Државата не им плаќа на винариите и не покрива ничии долгови, државата го има побарувањето. Одлуката на Влада ќе се донесе на седница овој четврток. За земја во која што земјоделството е основна гранка, лозарството која што е најстратешка гранка, со девизен прилив од над 100 милиони евра од кој што сите граѓаните во државата имаат бенефит, лично сметам дека државата треба согласно политиката да води грижа за сите граѓаните, и на овие граѓаните на лозарите треба да им се помогне за да можат да застанат на нозе и да можат да ја вршат дејноста од која што девизен прилив има целата држава и од кои пари се градат и училишта и градинки и се реализираат и други приоритети за граѓаните. Сметам дека станува збор за една многу човечка одлука, проблемите од кои што беа погодени овие лозари, страдаше целиот тој регион. Јас ќе бидат заштитник секогаш и на лозарите и на тутунарите и на сите земјоделци, знаејќи дека тоа е категорија на која што треба да и дадеме силна поддршка, ако сакаме овој сектор да се развива и да биде основа на економијата“, изјави министерот Николовски.

На вчерашната собраниска седница, се усвоија измените на Законот за земјоделство и рурален развој, со што се постави и правниот основ за државата да ги обештети лозарите. Со законските измени се создава можност Владата да донесе одлука за дополнителна помош за одреден земјоделски производ, откупен најмногу пред пет години од денот на донесувањето  на одлуката, а неплатен од страна на регистриран откупувач. Дополнителната помош ќе се исплаќа преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој како мерка предвидена во годишната Програма за финансиска поддршка во земјоделството. Со овие измени лозарите кои во периодот 2014-2016 година го предале грозјето во винарници кои биле регистрирани во регистарот на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, а не добиле пари за предаденото грозје, ќе бидат обесштетени.

Николовски потенцираше дека се подготвуваат и нови измени на Законот за вино и но во другите соодветни закони, со кои ќе се воведат инструменти со кои што земјоделците, лозарите ќе бидат заштитени во делот на откупот и исплатата на земјоделските производи. 

Инаку за откупеното грозје од реколтата 2017 сите регистрирани откупувачи на грозје во МЗШВ ја имаат комплетно завршено исплатата кон лозарите.
 

​​​​​​На еден ден до потпишувањето на пристапниот Протокол за членство на Македонија во Алијансата, во посета на нашата земја и на средба со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска пристигна заменик- премиерот и министер за одбрана на Хрватска, Дамир Крстичевиќ.

„На примерот на Хрватска гледавме колку членството во НАТО, влијаеше позитивно не само на стабилноста, туку и на сите политички процеси и колку тоа даде поддршка и на процесот на пристапување кон ЕУ. Република Македонија успеа за година и половина да го надомести изгубеното време и шанса. Но, за овие година и половина нашите амбиции исто така пораснаа. Како што баравме поддршка за членство во НАТО, денеска и во иднина ќе бараме поддршка за почеток на преговори со ЕУ и членство во Унијата“, рече министерката Шекеринска и изрази благодарност за постојаната и многу јасно изразена хрватска поддршка. „Колега Дамире, се гледаме наскоро во НАТО“, му порача министерката на хрватскиот министер за одбрана.

 

 

Шекеринска истакна дека и претставува задоволство што следната средба со хрватскиот колега Крстичевиќ ќе биде во Брисел, каде за прв пат ќе учествува како министерка за одбрана на официјална средба на министрите за одбрана на Алијансата.

Министерката се заблагодари и за поддршката која хрватската Амбасада во Македонија како НАТО - контакт амбасада во 2017 и 2018 година и ја даваше на Македонија и изрази очекување Хрватска многу бргу да го поддржи членството на Македонија во НАТО и со ратификација на пристапниот протокол.

Хрватскиот министер за одбрана Крстичевиќ ги пренесе, како што рече честитките од цела Хрватска за последните достигнувања на нашата земја нарекувајќи го компромисот со Грција историски успех и победа на дијалогот и дипломатијата. „Добредојдовте во семејството на НАТО. Хрватска меѓу првите ќе го ратификува Протоколот со што ќе прати порака и до сојузничките и партнерските земји. Драго ми е што идната седмица ќе седиме заедно во НАТО како министри за одбрана“, рече министерот Крстичевиќ. Додаде дека верува во отворањето на пристапните преговори на Македонија со ЕУ во јуни, и како идна земја претседавач со ЕУ во 2020 година изрази подготвеност за поддршка на нашата земја со знаење и искуство и на европскиот пат.

Министерот истакна дека двете земји имаат одлична и долгорочна одбранбена соработка, особено на полето на обуката и образованието и изрази подготвеност истата да се развива во делот на реформите на МО и АРМ, размената на искуства во поддршка на населението при елементарни непогоди, како и соработка во делот на организацијата, опремувањето и обуката на специјалните единици.

Македонија и Хрватска соработуваат и во регионалните иницијативи како САД - Јадранската повелба, СЕДМ, РАКВИАК, како и во меѓународните мисии, особено мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан - командата Север, каде заеднички придонесуваат кон воспоставувањето на мирот и демократијата во оваа земја.


Во рамки на мерката „Диверзификација на фарми и развој на бизниси“ од ИПАРД 2 Програмата денеска се склучија првите 24 договори, чија инвестиција изнесува 7,7 милиони евра. Во овие 24 договори вклучени се проекти за изградба на фотонапонска централа, набавување опрема за ветеринарна станица, опрема за производство на сокови, за пчеларство, изградба на објект за преработка на метал, за производство на мебел, изградба на рибник и изградба на објект за производство на саден материјал за повеќегодишни растенија. Исто така, во рамки на овие договори се овозможува поддршка за изградба и опремување на објекти и сместувачки капацитети за рурален тузирам, изградба на објект за производство на медицински помагала, како и изградба на дом за стари лица.

 

 

„Сите овие типови на инвестиции се наменети за руралните средини односно селата и тука спаѓаат инвестиции во мали преработувачки капацитети, во рурален туризам, производство на сточна храна и ѓубриво, отворање на градинки, старечки домови, кина во селата, капацитети за сместување и друго. Поточно со еден збор, оваа мерка е важна за поттикнување на агробизнисти во руралните средини кои ја поттикнуваат економската активност, а истовремено ќе ги подобрат условите за живот во руралните средини“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Никoловски.

Мерката „Диверзификација на фарми и развој на бизниси“ има широка примена и нуди поддршка за кофинансирање на најразлични инвестиции во земјоделството.

 

 

„Овие инвестиции кои ќе бидат реализирани во главните подрачја се добар показател дека Владата, Агенцијата, министерството максимално се грижиме за граѓаните да останат покрај своите огништа, тука да ги започнат своите бизниси. И исто така ова покажува дека ИПАРД Програмата е една успешна приказна. Докажавме дека средствата кога наменско се користат и доаѓаат до вистинските земјоделци секогаш даваат резултати“ истакна директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски.

Од првиот јавен повик МЗШВ одобри 930 проекти со финансиска поддршка од околу 18 милиони. Добар дел од овие средства кај реализираните проекти се веќе исплатени. Поточно, до денеска до Платежната агенција има доставено 589 барања за исплата на завршени инвестиции со кои се побарува за кофинансирање близу 5 милиони евра. Од овие 589 барања, за 129 инвестиции се веќе исплатени 1,5 милиони евра.

Инаку, за Мерката 3 „Инвестиици во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи“ од ИПАРД 2 програмата за кој рокот беше до 29-ти јануари, пристигнаа 65 апликации со вкупна побарувана сума од 15,9 милиони евра.

МЗШВ заедно со Платежната агенција продолжува интензивно да работи на олеснување на процедурите и приближување на оваа Програма до земјоделците и сите потенцијални корисници, со цел да се поттикне стабилен и континуиран развој во секторот.

Министерството за здравство известува дека вчера се прегледани 14 пациенти со симптоми на морбили. По извршениот преглед од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби информираат дека хоспитализирана е само една пациентка (39) од Гостивар, додека останатите 13 пациенти се пуштени на домашно лекување поради полесната клиничка слика на морбили.

Од нив 6 се деца на возраст од 1 до 2 години, невакцинирани, а останатите 7 се возрасни од 21 до 38 години. Во моментот, на Инфективна клиника се хоспитализирани 22 пациенти со морбили и сите се во стабилна здравствена состојба.

Министерството за здравство уште еднаш апелира до граѓаните да се вакцинираат со МРП вакцина, особено децата кои немаат примено ниту една доза од вакцината.

Досега се вакцинирани повеќе од 5.600 лица. Станува збор за висок процент на лица, кои сериозно ги сфатиле препораките на Министерството за сериозноста на заболувањето, важноста за висок колективен имунитет со што се заштитени и лицата, кои од одредени медицински оправдани причини не можат да ја примат вакцината, особено бебињата и пациентите со висок здравствен ризик.

Родителите кои ќе забележат или ќе се посомневаат на првите знаци на болеста, децата да не ги носат во Клиниката, туку кај матичните лекари, како и во дежурните пунктови во поликлиниките „Јане Сандански“, „Бит- пазар“ и „Букурешт“, кои работат 24 часа и вршат комплетни прегледи со лабораторија, а доколку е потребно ќе се упатуваат на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

Најголем број заболени од морбили се деца, затоа останува на сила забраната за посета на градинките од деца, кои не се вакцинирани со МРП вакцината. Задолжително сите деца од училишна возраст да се вакцинираат, ако не се вакцинирани или примиле само една доза од вакцината МРП, сите здравствени работници што од кои било причини не се вакцинирани или не се сигурни во својот вакцинален статус да се вакцинираат, да се намали фреквенцијата на пациенти на Клиниката за детски болести, поради опасност од ширење на оваа многу сериозна болест. Болеста, од заразено лице на друго лице може да се пренесе со кашлање, кивање и по капков пат.

Заради овие причини Министерството за здравство уште еднаш напоменува дека станува збор за многу сериозно заболување кое понекогаш, за жал, покрај здравствени компликации може да заврши со смртен исход.

Потенцираме дека вакцините се со добар рок на траење, од проверен европски производител и поседуваат два сертификата за квалитет. Вакцинирањето е здравствена култура, придобивка на современата медицина, безбедна за употреба, е единствен начин да се спречи епидемија и да се заштити здравјето и животот на луѓето.

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче денеска се обрати на прес конференцијата по повод одбележување на 4 февруари–Светски ден за борба против ракот, во организација на Здружението за борба против рак „БОРКА – за секој нов ден“.

Во своето обраќање, министерот истакна дека се обезбедува квалитетна здравствена заштита за лицата со малигни заболувања, олеснета е и процедурата за набавка на биолошките лекови, со спроведување централизирана набавка на лековите.

„Министерството за здравство максимално ги вложува сите свои капацитети за да го олесни пристапот до лекови и да го подобри третманот на пациентите со малигни заболувања. Биолошките лекови досега ги набавуваа клиниките од условните буџети, а сега се набавуваат централизирано. Станува збор за лекови, кои претежно не се на позитивна листа, а се неопходни за онколошки, хематолошки, невролошки и ревматолошки пациенти, со малигни, инфламаторни и автоимуни болести. Исто така, се набавуваат иновативни лекови за рак за дојка, рак на бели дробови, метастазиран меланом, хематолошки болести, лимфоми, мултиплекс склероза, ревматоиден артритис, васкулитис, со кои се опфаќаат голем број пациенти, имајќи предвид дека долги години немало влез на иновативна терапија во државата. Овие промени значително ќе го олеснат третманот“, истакна министерот Филипче.

Министерот посочи и дека се работи на намалување на времето на чекање за прегледи и воведување дополнителни термини за мамографија и ехо на дојка. „Првпат досега, во соработка со ФЗОМ се обезбедени бесплатни ортопедски градници, за жените што се оперирани од рак на дојка и имаат потреба од градник. Исто така, со Комората на психолози е потпишан Меморандум за соработка со кој се обезбедува психолошка поддршка на пациентите и нивните семејства, особено на онколошките одделенија. Во соработка со невладиниот сектор, обезбедена е и куќа за родители кои не се од Скопје, а имаат деца на подолг престој во болница или се лекуваат од рак, имајќи предвид дека психолошката поддршка е многу важна во целиот процес на лекување“, дополни министерот.

Минатата година во Македонија се регистрирани 9.642 новозаболени лица со малигна неоплазма, од кои 72 деца и 3.122 лица на возраст од 60 до 70 години.

На годишно ниво, Министерството за здравство изготвува посебна Програма за рана детекција на малигни заболувања, во рамки на која се реализираат повеќе превентивни и промотивни активности, меѓу кои за скрининг за карцином на грлото на матката, скрининг за карцином на простата, скринингот за карцином на дојка итн.

Во своето обраќање, министерот Филипче посочи дека минатата година за првпат успешно беше извршена несродна трансплантација на матични хематопетски клетки, со која македонското здравство стана дел од мапата на светските и европски медицински центри за лекување на најтешките болести на крвта, а пред еден месец првпат досега успешно е трансплантирана коскена срцевина кај дете.

Вкупно 11 нови градинки ќе се градат годинава во различни делови од Македонија со поддршка од Министерството за труд и социјална политика. Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, денеска ги потпиша договорте со градоначалниците на општините кои партнерски ќе учествуваат во изградбата на објектите. На списокот за изградба на нови градинки се општините Ѓорче Петров, Куманово, Кавадарци, Брвеница, Босилово, Врапчиште, Шуто Оризари, Демир Капија, Штип, и Гази Баба (2 градинки). Со изградбата на градинките капациетот се проширува за вкупно 860 деца, а ќе се отворат и најмалку 100 нови вработувања. За оваа намена од буџетот на МТСП се обезбедени 85,3 милиони денари без ДДВ.

Министерката Царовска ги повика општините да конкурираат со квалитетни проекти за изградба на нови градинки, затоа што освен во Буџетот на министерството за истата намена на располагање се и уште 15 милиони евра од Светска банка.

„Капиталните инвестиции во детската заштита се и остануваат приоритет на Владата. Раниот детски развој е многу важен за понатамошниот развој на човекот, затоа посветено работиме на јакнење на капацитетите и стручноста на детските градинки низ цела држава и во руралните и во најодалечените места низ Македонија. Годинава буџетот на МТСП за капитални инвестиции во детската заштита е зголеме за 300 %, дополнително на располагање имаме пари и од  Светска банка “, изјави министерката Царовска на средбата со градоначалниците.

Изминатата година Министерството за труд и социјална политика опфатот на децата во предучилишно образование го зголемен за 1.959 деца. Од нив 1.209 се државните градинки, додека останатите 750 во приватните објекти. Исто така за година и половина МТСП учествуваше во изградбата на вкупно 24 градинки, од кои поголемиот дел се веќе ставени во функција. Истовремено МТСП обезбеди над 1.000 согласности за вработувања на кадар во градинките од кои поголемиот дел е на неопределено време.

Министерот за здравство на Република Македонија, Венко Филипче, заедно со австрискиот аташе за труд, социјални работи, здравство и заштита на потрошувачите за Македонија, Харалд Фугер и Људмила Гасер од Сојузното министерство за труд, социјални работи, здравство и заштита на потрошувачите на Република Австрија, присуствуваа на денешниот настан, посветен на размена на искуства за стандардите за професионално образование за медицински сестри.

Тема на настанот беше имплементација на ЕУ директивата за признавање на професионалните квалификации, во насока на препознавање на професионалците во областа на здравството, како што се медицинските сестри. Станува збор за спроведување на процесот за континуирано унапредување на знаењата и вештините, зајакнување на образовната структура и програмите за медицински сестри и акушерки.

Министерот Филипче истакна дека од исклучителна важност е да се посвети внимание на статусот на здравствените работници, да се изнајде начин за негово унапредување.

- Важни ни се човечките капацитети во здравствениот сектор, нивната посветеност на работата и секако подобри резултати. Ова се работи што се постигнуваат со континуирана посветеност и секако дополнителни финансиски средства. Се обидуваме да ги подобриме состојбите, кои со години деградирале, се обидуваме со системски промени да направиме разлика. Резултатите допрва ги очекуваме. Почнавме со зголемување на личните примања на здравствени работници за пет проценти, а ова година за дополнителни пет проценти ги зголемуваме платите на медицинските сестри. Како дополнителен стимул беше и реализацијата на зголемувањето на надоместокот за дежурства, ноќен труд и дополнителна работа на сестрите, кои работат во клиниките и болниците, изјави министерот за здравство на Република Македонија.

Тој додаде дека овој е само дополнување на вреднувањето на трудот на здравствените работници и е една од мерките за да се задржи медицинскиот кадар во земјава.

- Решени сме да направиме вистински позитивни промени во здравствениот сектор. Со најновите измени на Законот за здравствена заштита решивме повеќегодишен проблем и овозможивме преземање во јавното здравство на медицински сестри, кои претходно работеле во приватни здравствени установи, основани под закуп во здравствените домови, а кои во меѓувреме останале без работа поради затворање на ПЗУ, потенцираше министерот Филипче.

Министерот за здравство информираше дека со Здружението на медицински сестри заеднички се реализира проектот за вонболничка постоперативна грижа на пациентите по извршена интервенција.

За министерот за здравство, Венко Филипче од ваквите средби произлегуваат искуства и знаење за унапредување на состојбите во здравството и тие се од исклучително значење за развивање на нашите капацитети во здравствениот сектор.

Државата ќе го исплати долгот што винарниците „Повардарие“ и „Стефанс винарија“ го имаат кон лозарите во најбрз можен рок, ова денеска во Кавадарци им го соопшти на лозарите од тиквешкиот регион, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски. При тоа министерот Николовски дека со ваквата одлука на Владата ќе бидат опфатени сите лозари кои во периодот 2014-2016 година го предале грозјето во винарници кои што во тој период биле регистрирани во регистарот на МЗШВ, а обврските не им биле подмирени, односно не добиле пари за предаденото грозје. Николовски посочи дека во понеделник ќе се направи измена на Законот за земјоделство и рурален развој , а во вторник на владина седница ќе се донесе одлука со која државата ќе го преземе долгот кон лозарите кои побаруваат пари за грозје предадено пред во посочениот период, за да бидат исплатени во најкус можен рок.

„Заокружуваме еден процес во кој што бевме сите, ние како ресорно министерство, ДИЗ, Платежна агенција, градоначалниците и пратениците од Тиквешкиот регион, лозарите . Државата согласно Законот за земјоделство и рурален развој и итните измени на законот кои пратениците од Тиквешкиот регион ќе ги предложат во понеделник ќе го овозможи правниот основ да државата ги преземе овие обврски и тоа ќе биде за сите оние лозари кои го предале грозјето во периодот 2014-2016 во регистрирани винарници кои биле регистрирани во тој период во МЗШВ но обврските не биле подмирени, а тоа се и винарниците „Повардарие“ и „Стефанс винарија“. Правна можност постои и со премиерот договоривме во четврток на посебна владина седница, да се измени Програмата и Уредбата за директните плаќања за 2019, со која ќе се создадат услови за исплата на парите. Веднаш по евиденцијата од страна на Инспекторатот и Платежната агенција, ќе се исплатат парите кон лозарите од над 1.5 милиони евра. Ова е вистински пример на грижа на државата за граѓаните и враќање на парите кај граѓаните“, изјави министерот Николовски.

Николовски изјави дека во изминатиот период биле констатирани долговите кон лозарите за грозје откупено во претходните неколку години. Порача дека е недозволиво тоа што го правеле во минатото некои регистрирани субјекти кои откупувале грозје и го ставале под залог, правеле вино и извезувале, а грозјето не го плаќале.

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев посочи дека задоволството е огромно, особено за лозарите од тиквешкиот регион кои егзистираат од оваа земјоделска гранка.

„Веќе имаше гнев поради неплатени обврски кон лозарите повеќе од четири години. Добро е што ова сега се реши во така брз период, што за мене претставува гордост. Сите кои учествуваа во овој процес напорно работеа како за свои пари, за да може да се обесштетат лозарите. Добро е кога сите сме задоволни“, изјави градоначалникот Јанчев.

Пратеникот Панчо Минов изјави дека има решение и за каматите и судските трошоци на лозарите кои побаруваат пари за грозје продадено пред неколку години.

„По однос на каматите и судските трошоци, побарувањата на лозарите остануваат пред винарниците. Тој проблем нема да биде запоставен и нетретиран. Има решение и за тоа. Има решение и во делот на договорите во кои дваесет проценти мораа да го земаат во пестициди. Голема работа се постигна благодарение на соработката меѓу повеќе субјекти“, изјави Минов.

Присутните лозари ја поздравија одлуката. Воедно министерот Николовски им порача на лозарите дека до празникот Свети Трифун ќе ги добијат субвенциите за одржување на лозови насади за успешно да ја започнат новата производствена сезона.

Изминатиов период министерот Николовски одржа повеќе состаноци со лозарите, менаџментот на „Повардарие“, стечајниот управник на „Стефанс винарија“, градоначалниците и пратениците од тиквешкиот регион, се со цел да се најде начин како лозарите да си ги добијат парите за предадениот род. Паралелно се работи и на соодветни законски измени во новиот Закон за вино,со цел лозарите ќе бидат заштитени во делот на исплатата за предадениот род.

Инаку откупеното грозје од реколта 2017 година е целосно исплатено од страна на винарниците. А исплатата на грозјето од реколтата 2018-та е 70 отсто исплатено.

Министерката за правда, Рената Дескоска се сретна со директорот на Агенцијата за унапредување на правата на заедниците, г. Илхан Рахман, и заменки-директорот на АОПЗ г. Џелал Хоџиќ, кои до Министерството за правда го доставија Предлог-законот за унапредување и заштита на припадниците на заедниците кои се помалку од 20% од вкупното население во Република Македонија.

Измените и дополнувањат на овој закон се во насока на поголемо афирмирање на концпетот „Едно општество за сите“. Секој граѓанин е важен, па во таа насока е и унапредувањето и заштитата на правата на сите немнозински заедници во Република Македонија.

Овој Предлог-закон кој беше подготвен од страна на Агенцијата за унапредување на правата на заедниците наскоро ќе биде објавен на Единствениот национален рагистар на прописи (ЕНЕР).

Како што информираа од АОПЗ, главна цел на овие измени и дополнувања на законот е да се подобри состојбата со имплементација на правата на заедниците, да се олесни следењето на степенот на нивното остварување и да се обезбеди надзор над реализација на овие права од страна на институциите на централно и локално ниво.

Директорот на АОПЗ, г. Илхан Рахман истакна дека Предлог-законот е подготвен од страна на инклузивна работна група формирана од страна на Агенцијата за унапредување на правата и дека наскоро и јавноста ќе може да ги достави своите коментари и предлози за подобрување, откако текстот ќе биде објавен на ЕНЕР.

При изготвување на предлог измени и дополнувања на Агенцијата за остварување на правата на заедниците (АОПЗ) доби поддршка од страна на Европската Комисија преку инструментот ТАИЕКС, како и од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.