Соопштенија


Целиот текст на конечната спогодба на македонски [ Преземи ]


СПОГОДБА

КОНЕЧНА СПОГОДБА ЗА РЕШАВАЊЕ НА РАЗЛИКИТЕ ОПИШАНИ ВО РЕЗОЛУЦИИТЕ 817 
(1993) И 845 (1993) НА СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ, ЗА ПРЕСТАНУВАЊЕ НА ВАЖНОСТА НА ПРИВРЕМЕНАТА СПОГОДБА ОД 1995 г. И ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА СТРАТЕШКО ПАРТНЕРСТВО МЕЃУ СТРАНИТЕ

ПРЕАМБУЛА 

Првата страна, Грција („Првата страна“) и Втората страна, која беше примена во Обединетите нации согласно резолуцијата 47/225 од 8 април 1993 г. на Генералното собрание на Обединетите нации („Втората страна”), заедно именувани како „Страните“, 

  • Повикувајќи се на начелата и целите на Повелбата на Обединетите нации, Завршниот документ од Хелсинки од 1975 г., релевантните акти на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и вредностите и начелата на Совет на Европа,
  • Водени од духот и начелата на демократијата, почитувањето на човековите права и основни слободи и достоинство, 
  • Придржувајќи се кон одредбите од Повелбата на Обединетите нации и особено оние коишто се однесуваат на обврската на државите во своите меѓународни односи да се воздржуваат од закана или употреба на сила против територијалниот интегритет или политичката независност на која било држава, 
  • Нагласувајќи ја нивната целосна заложба за начелата за неповредливост на границите и територијалниот интегритет на државите, содржани во Завршниот документ од Хелсинки од 1975 г., 
  • Потврдувајќи ја постоечката граница меѓу нив како трајна меѓународна граница, 
  • Целосно согласни запотребата од зајакнување на мирот, стабилноста, безбедноста и натамошното унапредување на соработката во Југоисточна Европа, 
  • Со желба да ја зајакнат атмосферата на доверба и добрососедски односи во Регионот и трајно да ги прекинат сите непријателски ставови, коишто би можеле сè уште да опстојуваат и согласувајќи се за потребата од воздржување од иредентизам и ревизионизам во која било форма, 
  • Повикувајќи се на нивната обврска, во согласност со Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право, под каков било изговор и во која било форма, да не се мешаат во внатрешните работи и надлежноста на другата Страна, 
  • Подвлекувајќи ја, исто така, важноста на развивањето на пријателски односи меѓу државите и потребата споровите да се решаваат на мирен начин, во согласност со Повелбата на Обединети нации, 
  • Решавајќи ги разликите во согласност со Резолуцијата 817 (1993) од 7 април 1993 г. и Резолуцијата 845(1993) од 18 јуни 1993 г., на Советот за безбедност, како и член 5 од Привремената спогодба од 13 септември 1995 г. на достоинствен и одржлив начин, имајќи ги предвид важноста на прашањето и чувствителностите на секоја Страна, 
  • Земајќи ја предвид Резолуцијата на Генералното собрание47/225 од 8 април 1993 г., 
  • Имајќи ја предвид Привремената спогодба, Меморандумот од 13 октомври 1995 г. за практичните мерки поврзани со Привремената спогодба, Меморандумот за заемно воспоставување на канцеларии за врски во Скопје и Атина од 20 октомври 1995 г., како и процесот на Мерките за градење на довербата, 
  • Подвлекувајќи ја нивната силна желба за заемно пријателство, добрососедство и партнерство за соработка, 
  • Со заложба да ги зајакнат, прошират и продлабочат своите билатерални односи и да постават цврсти темели за зајакнување и почитување на добрососедските односи и за развивање на нивната севкупна билатерална соработка, 
  • Стремејќи се да ја зајакнат и прошират својата билатерална соработка и да ја надградат на ниво на стратешко партнерство, во областите на земјоделството, цивилната заштита, одбраната, економијата, енергијата, животната средина, индустријата, инфраструктурата, инвестициите, политичките односи, туризмот, трговијата, прекуграничната соработка и транспортот, ползувајќи ги притоа придобивките од постоечките Мерки за градење на довербата, 

Се договорија за следново:

ДЕЛ 1 
РЕШАВАЊЕ НА РАЗЛИКАТА ОКОЛУ ИМЕTO, НЕЗАОКРУЖЕНИТЕ ПРАШАЊА ВО ВРСКА СО ИСТОТО И ЗАЦВРСТУВАЊЕ НА ДОБРОСОСЕДСКИТЕ ОДНОСИ 

 

Член 1

  1. Оваа Спогодба е конечна и со нејзиното влегување во сила престанува да важи Привремената спогодба меѓу Страните, потпишана во Њујорк, на 13 септември 1995 г. 
  2. Страните го прифаќаат како обврзувачки исходот од преговорите, коишто се одвиваа под покровителство на Обединетите нации, а кои Страните беа обврзани да ги водат во согласност со Резолуцијата 817 (1993) и Резолуцијата 945 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, како и во согласност со Привремената спогодба од 1995 г. 
  3. Согласно тие преговори, заемно е прифатено и договорено следново: 

а) Официјалното име на Втората страна ќе биде „Република Северна Македонија“, што ќе претставува уставно име на Втората страна и ќе се употребува erga omnes, како што е предвидено во оваа спогодба. Скратеното име на Втората страна ќе биде „Северна Македонија“. 

б) Државјанството на Втората страна ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи. 

в) Официјалниот јазик на Втората страна ќе биде „македонски јазик“,како што е признаено на Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 г. и како што е опишано во член 7, став (3) и став (4) од оваа спогодба. 

г) Термините „Македонија“ и „македонски“ го имаат значењето дадено во член 7 од оваа спогодба. 

д) Кодот за земјата на регистарските таблички на возилата на Втората страна ќе биде НМ или НМК. За сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО). 

ѓ) Придавката во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции ќе биде во согласност со официјалното име на Втората страна или со нејзиното скратено име, односно „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“. Други употреби на придавката, вклучително и употребата на придавкатаво однос на приватни ентитети и актери, кои не се поврзани со државата и јавните ентитети, кои не се основани со закон и не добиваат финансиска поддршка од државата за активности надвор од државата, можат да бидат во согласност со член 7, став (3) и став (4). Употребата на придавката за активности може да биде во согласност со член 7, став (3) и став (4). Ова не влијае на процесот воспоставен според член1, став 3 (ж) и на постојните сложени имиња на градовите на датумот на потпишување на оваа спогодба. 

е) Втората страна ќе го прифати името „Република Северна Македонија“ како нејзиното официјално име, како и термините наведени во член 1, став (3), спроведувајќи внатрешна постапка која е и обврзувачка и неотповиклива и ќе вклучи усвојување на амандман на Уставот, како што е договорено со оваа спогодба. 

ж) Во врска со погоренаведеното име и термини во имиња за комерцијална намена, трговски марки и заштитни знаци, Страните се согласуваат да им дадат поддршка и да ги охрабрат своите деловни заедници да воспостават искрен, структуиран и во добра волја дијалог, во чии рамки ќе бараат и ќе постигнуваат заемно прифатливи решенија за прашањата кои произлегуваат од имињата за комерцијална намена, трговските марки и заштитни знаци и за сите релевантни прашања, на билатерално и на меѓународно ниво. За спроведување на претходно наведените одредби, ќе се формира меѓународна група на експерти, која ќе ја сочинуваат претставници на двете држави, а во контекст на Европската Унија и со соодветен придонес на Обединетите нации и ИСО. Оваа Група на експерти ќе се формира во текот на 2019 г. и ќе ја заврши својата работа во рок од три години. Ниту една одредба од член 1, став 3 (ж) нема да влијае на сегашната комерцијална употреба сè додека не се постигне заемна согласност, како што е предвидено во оваа алинеја. 

  1. По потпишувањето на оваа спогодба, Страните ќе ги спроведат следниве чекори: 

а) Втората страна без одлагање ќе ја поднесе Спогодбата до Собранието за ратификација. 

б) По ратификацијата на Спогодбата во Собранието на Втората страна, Втората страна ќе ја извести Првата страна дека Собранието на Втората страна ја ратификувало Спогодбата. 

в) Втората страна, доколку така одлучи, ќе одржи референдум. 

г) Втората страна ќе ја започне постапката за усвојување на амандмани на Уставот, како што е предвидено во оваа спогодба. 

д) Втората страна во целост ќе ги усвои амандманите на Уставот до крајот на 2018 г. 

ѓ) По известувањето од Втората страна за завршување на постапката за усвојување на погоренаведените амандмани на Уставот и за завршувањето на сите внатрешни правни постапки потребни за влегувањето во сила на оваа спогодба, Првата страна веднаш ќе ја ратификува оваа спогодба. 

  1. По влегувањето во сила на оваа спогодба, Страните ќе го употребуваат името и термините наведени во член 1, став 3 во сите релевантни меѓународни, мултилатерални и регионални организации, институции и форуми, вклучително и на сите состаноци и во вкупната кореспонденција и во сите нивни билатерални односи со сите држави - членки на Обединетите нации. 
  2. Конкретно, веднаш по влегувањето во сила на оваа спогодба, Втората страна ќе: 

а) Ги извести сите меѓународни, мултилатерални и регионални организации, институции и форуми, чиј член е, за влегувањето во сила на оваа спогодба и потоа ќе побара од сите тие организации, институции и форуми да го прифатат и употребуваат името и термините наведени во член 1, став 3 од оваа спогодба за сите намени и цели. Двете Страни, исто така, ќе и се обраќаат на Втората страна во согласност со член 1, став 3 во вкупната комуникација кон, со и во рамките на таквите организации, институции и форуми. 

б) Ги извести ситe држави - членки на Обединети нации за влегувањето во сила на оваа спогодба и ќе побара од истите да го прифатат и да го користат името и термините наведени во член 1, став 3 од оваа спогодба за сите намени и цели, вклучително и во сите свои билатерални односи и комуникација. 

  1. По влегување во сила на оваа спогодба и во согласност со одредбите од член 1, став (9) и став (10) термините „Македонија“, „Република Македонија“, „ПЈР Македонија“, „ПЈР. Македонија“, во преведена или непреведена форма, како и привремената референца „поранешна југословенска Република Македонија“ и кратенката „пјРМ“ ќе престанат да се употребуваат за обраќање кон Втората страна во каков било официјален контекст. 
  2. По влегувањето во сила на оваа спогодба, а земајќи го предвид член 1, став (9) и став (10), Страните ќе го користат името и термините од член 1, став 3 за сите намени и цели erga omnes, односно за внатрешна употреба, потоа во сите свои билатерални односи и во сите регионални и меѓународни организации и институции. 
  3. По влегувањето во сила на оваа спогодба, Втората страна веднаш и во согласност со разумните административни практики ќе ги преземе сите неопходни мерки со цел надлежните органи на земјата од тогаш понатаму внатрешно да го употребуваат името и термините од член 1, став 3 од оваа спогодба во сите нови службени документи, кореспонденција и релевантни материјали. 
  4. Во однос на важноста на веќе постоечките документи и материјали издадени од властите на Втората страна, Страните се согласни да има два преодни периода, еден „технички“ и еден „политички“: 

а) „Техничкиот“ преоден период се однесува на сите официјални документи и материјали на јавната администрација на Втората страна за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата. Важноста на ваквите документи и материјали ќе се обновува во согласност со името и термините наведени во член 1, став 3 од оваа спогодба, најдоцна во рок од пет години по влегувањето во сила на оваа спогодба. 

б) „Политичкиот“ преоден период ќе се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба во Втората страна. Издавањето на ваквите документи и материјали кои се опфатени со оваа категорија во согласност со член 1, став 3 ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската Унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш. 

  1. Постапките за брзо усвојување на амандманите на Уставот на Втората страна, а со цел целосно спроведување на одредбите од оваа спогодба, ќе започнат по ратификацијата на оваа спогодба од нејзиното Собрание или по референдумот, доколку Втората страна одлучи да одржи референдум. 
  2. Името и термините наведени во член 1 од оваа спогодба ќе бидат вградени во Уставот на Втората страна. Ваквата промена ќе се изврши наеднаш и севкупно со еден амандман. Според таквиот амандман, името и термините ќе се сменат следствено во сите членови од Уставот. Натаму, Втората страна ќе пристапи кон усвојување на соодветни амандмани на Преамбулата, член 3 и член 49 од Уставот, како дел од постапката за менување на Уставот. 
  3. Во случај на грешки и пропусти во правилната употреба на името и термините наведени во член 1, став 3 од оваа спогодба во контекст на меѓународни, мултилатерални и регионални организации, институции, коресподенција, состаноци и форуми, како и во вкупните билатерални односи на Втората страна со трети држави и ентитети, која било од Страните може да побара веднаш да се изврши корекција и да се одбегнуваат слични грешки во иднина. 

 

ЧЛЕН 2 

  1. Првата страна се согласува да не приговара на барањата за членство или членството на Втората страна, под името и термините од член 1, став 3 од оваа спогодба во меѓународните, мултилатералните и регионални организации и институции, во кои членува Првата страна. 
  2. Втората страна ќе бара прием во меѓународните, мултилатералните и регионалните организации и институции под името и термините од член 1, став 3 од оваа спогодба. 
  3. По влегувањето во сила на оваа спогодба, а во согласност со член 1 од истата, Првата страна ќе ратификува каква било спогодба за пристапување на Втората страна кон меѓународни организации, во кои членува Првата страна. 
  4. Конкретно, во однос на процесот на интеграција на Втората страна во Европска унија (ЕУ) и Северно-атлантската договорна организација (НАТО), ќе се применува следното: 

а) Втората страна ќе бара членства во НАТО и ЕУ под името и термините од член 1 од оваа спогодба. Зачленувањето во НАТО и ЕУ ќе се одвива со истото име и термини. 
б) По добивање на известување дека Собранието на Втората страна ја ратификувало оваа спогодба, Првата страна веднаш: 

(i) ќе го извести Претседателот на Советот на Европската Унија дека дава поддршка за почеток на преговори за членство на Втората страна во Европската Унија, под името и термините од член 1 од оваа спогодба. 
(ii) ќе го извести генералниот секретар на НАТО дека дава поддршка НАТО да ѝ упати покана за пристапување на Втората страна. Таквата поддршка на Првата страна е условена, прво, со исходот на референдумот, доколку Втората страна одлучи да одржи референдум, во согласност со оваа спогодба, и второ, со целосното усвојување на амандмани на Уставот, како што е предвидено во оваа спогодба. По добивањето на известување од Втората страна дека ги завршила сите нејзини внатрешни правни постапки потребни за влегувањето во сила на оваа спогодба, вклучително и по завршувањето на можен референдум на национално ниво со исход кој е конзистентен со оваа спогодба и по завршувањето на постапката за усвојување на амандманите на Уставот на Втората страна, Првата страна ќе го ратификува Протоколот за пристапување на Втората страна во НАТО. Оваа постапка за ратификација ќе се заврши заедно со постапката за ратификација на оваа спогодба. 

 

ЧЛЕН 3 

  1. Страните со ова ја потврдуваат нивната постоечка меѓусебна граница како трајна и неповредлива меѓународна граница. Ниту една од Страните нема да има или да поддржува никакви претензии кон кој било дел од територијата на другата Страна, ниту пак претензии за промена на нивната меѓусебна постоечка граница. Покрај тоа, ниту една од Страните нема да поддржувакакви било вакви претензии кои може да ги изнесат трети страни. 
  2. Секоја од Страните се обврзува да го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на другата Страна. Ниту една од Страните нема да поддржува какви било активности на трети страни насочени против суверенитетот, територијалниот интегритет или политичката независност на другата Страна. 
  3. Двете Страни ќе се воздржуваат, а во согласност со целите и начелата на Повелбата на Обедините нации, од закани или употреба на сила, вклучително и од закани или употреба на сила со намера да се наруши нивната меѓусебна постоечка граница. 
  4. Двете Страни се обврзуваат дека нема да преземаат, поттикнуваат, поддржуваат и/или толерираат какви било дејности или активности од непријателски карактер насочени против другата Страна. Ниту една од Страните нема да дозволи нејзината територија да биде искористена против другата Страна од трети страни, организации, групи или поединци, коишто изведуваат или се обидуваат да изведат субверзивни, сецесионистички дејствија, или дејствија или активности коишто претставуваат закана на каков било начин за мирот, стабилноста или безбедноста на другата Страна. Секоја од Страните без одлагање ќе ѝ пренесе на другата Страна информации кои истата ги поседува во однос на такви дејности или намери. 

 

ЧЛЕН 4 

  1. Секоја од Страните со ова се обврзува и свечено изјавува дека ниту една одредба од нејзиниот Устав, како што е во сила или како што ќе биде изменет во иднина, не може и не треба да се толкува на начин, кој преставува или кога било ќе претставува основа за претензија кон која било област која не е во рамките на нејзините постоечки меѓународни граници. 
  2. Секоја од Страните се обврзува да не дава, ниту да одобрува какви било иредентистички изјави и дека нема да одобрува какви било вакви изјави дадени од оние кои тврдат дека дејствуваат во името или во интерес на една од Страните. 
  3. Секоја од Страните со ова се обврзува и свечено изјавува дека ниту една одредба од нејзиниот Устав, како што е во сила или како што ќе биде изменет во иднина, не може или не треба да се толкува на начин кој преставува или кога било ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на другата Страна, во каква било форма или заради каква било причина, вклучително и заради заштитата на статусот и првата на кои било лица кои не се нејзини граѓани. 

 

ЧЛЕН 5  

  1. Во вршењето на своите работи, Страните ќе се раководат од духот и начелата на демократијата, фундаменталните слободи, почитувањето на човековите права и достоинство и владеењето на правото, во согласност со Повелбата на Обединетите нации, Универзалната декларација за човекови права , Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи , Меѓународната конвенција за елиминација на сите форма на расна дискриминација , Конвенцијата за правата на детето , Завршниот документ од Хелсинки, Документот од состанокот во Копенхаген на Конференцијата за човековата димензија на Конференцијата за безбедност и соработка во Европа и Париската повелба за нова Европа, и други меѓународни спогодби и инструменти кон кои пристапиле двете Страни. 
  2. Ниту една одредба од кој било инструмент наведен во ставот 1 погоре нема да се толкува дека ѝ дава право на која било од Страните да презема дејствија спротивни на целите и начелата на Повелбата на Обедините нации или Завршниот документ од Хелсинки, вклучително и спротивно на начелото на територијален интегритет на државите. 

 

ЧЛЕН 6 

  1. Со цел јакнење на пријателските билатерални односи, секоја од Страните веднаш ќе преземе делотворни мерки за забрана на какви било непријателски активности, дејствија или пропаганда од страна на државни органи или органи под директна или индиректна контрола на државата и ќе спречи дејствија кои многу веројатно ќе поттикнат шовинизам, непријателство, иредентизам и ревизионизам против другата Страна. Доколку се јават такви дејствија, двете Страни ќе ги преземат сите потребни мерки. 
  2. Секоја од Страните веднаш ќе преземе делотворни мерки за да обесхрабри и спречи какви било дејствија од приватни ентитети, дејствија кои многу веројатно ќе поттикнат насилство, омраза или непријателство против другата Страна. Доколку приватен ентитет на територијата на која било од Страните спроведува такви дејствија без знаење на таа Страна, таа Страна, откога ќе дознае за таквите дејствија, веднаш ќе ги преземе неопходните мерки, предвидени со закон. 
  3. Секоја од Страните ќе спречува и обесхрабрува дејствија, вклучително и дејствија на пропаганда од страна на приватни ентитети, дејствија коишто многу веројатно ќе поттикнат шовинизам, непријателство, иредентизам и ревизионизам против другата Страна. 

 

ЧЛЕН 7

  1. Страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство. 
  2. Во однос на Првата страна, овие термини ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден. 
  3. Во однос на Втората страна, овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став (2). 
  4. Втората страна изјавувадека нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата на јужнословенски јазици. Двете Страни изјавуваат дека официјалниот јазик и останатите одлики на Втората страна не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна. 
  5. Ниту една одредба од оваа Спогодба нема цел на кој било начин да ја поткопа, измени или да влијае на употребата од страна на граѓаните на двете Страни. 

 

ЧЛЕН 8 

  1. Доколку која било од двете Страни верува дека еден или повеќе симболи кои преставуваат дел од нејзиното историско или културно наследство ги употребува другата Страна, таа за таквата наводна употреба ќе ѝ укаже на другата Страна, а другата Страна ќе преземе соодветни корективни дејствија со цел делотворно да се справи со прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство. 
  2. Во рок од шест месеци од влегувањето во сила на оваа Спогодба, Втората страна ќе го преиспита статусот со спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија и доколку истите на кој било начин упатуваат на античката елинска историја и цивилизација, што претставува составен дел од историското или културното наследство на Првата страна, ќе преземе соодветни корективни дејствија со цел делотворно да го разгледа прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство. 
  3. Втората страна нема повторно да го употребува на кој било начин и во каква било форма симболот порано истакнат на нејзиното поранешно државно знаме. Во рок од шест месеци по влегувањето во сила на оваа спогодба, Втората страна ќе пристапи кон отстранување на симболот истакнат на нејзиното поранешно државно знаме од сите јавни места и од јавна употреба на нејзина територија. Археолошките артефакти не спаѓаат во опфатот на оваа одредба. 
  4. Секоја од Страните ќе се придржува кон препораките на Конференцијата на Обединетите нации за стандардизација на географските имиња во однос на употребата на официјалните географски имиња и топоними на територијата на другата Страна, давајќи притоа приоритет на користењето на ендоними, наместо егзоними. 
  5. Во рок од еден месец од потпишувањето на оваа спогодба, Страните преку размена на дипломатски ноти, на рамноправна основа, ќе формираат Заеднички интередисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања, којшто ќе го разгледува објективното научно толкување на историските настани засновано на автентични, засновани на докази и научно издржани историски извори и археолошки наоди. Министерствата за надворешни работи на двете Страни ќе ја надгледуваат работата на Комитетот, а во соработка со други надлежни државнивласти. Комитетот ќе разгледа и доколку утврди дека е соодветно, ќе изврши ревизија на кои било учебници и помошни наставни материјали како што се карти, историски атласи, наставни упатства кои се користат во секоја од Страните, во согласност со начелата и целите на УНЕСКО и Советот на Европа. За оваа цел, Комитет ќе дефинира конкретни временски рамки за да се обезбеди дека во секоја од Страните ниту еден учебник или помошен наставен материјал што се користи во годината по потпишувањето на оваа спогодба не содржи какви било иредентистички/ревизионистички упатувања. Комитетот, исто така, ќе ги проучи и новите изданија на учебниците и помошните наставни материјали, како што е предвидено во овој член. Комитетот редовно ќе се состанува, а најмалку двапати годишно и ќе поднесува годишен извештај за своите активности, како и препораки кои треба да бидат одобрени од Советот за соработка на високо ниво, кој ќе се формира во согласност со член 12. 
  6. Страните прифаќаат дека наведените заемно прифатени решенија, коишто произлегуваат од преговорите, ќе придонесат кон конечното воспоставување на мирољубиви и добрососедски односи во Регионот, во согласност со Резолуцијата 817 (1993) и Резолуцијата 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации. 

 

ДЕЛ 2 
ИНТЕНЗИВИРАЊЕ И ЗБОГАТУВАЊЕ НА СОРАБОТКАТА МЕЃУ ДВЕТЕСТРАНИ

 

ЧЛЕН 9  

  1. Страните се согласуваат дека нивната стратешка соработка ќе ги опфати сите сектори, како што се земјоделство, цивилна заштита, одбрана, економија, енергија, животна средина, индустрија, инфраструктура, инвестиции, политички односи, туризам, трговија, прекугранична соработка и транспорт. Ваквата стратешка соработка ќе се применува не само во секторите опфатени со оваа спогодба, туку исто така и во оние сектори кои во иднина ќе се сметаат за корисни и неопходни за двете земји. Сите овие сектори треба да се вградат во сеопфатен акциски план во текот на развивањето на билатералните односи. 
  2. Постоечките Мерки за градење на довербата ќе бидат вградени во наведениот акциски план. Акцискиот план има за цел спроведување на одредбите од овој дел од оваа спогодба. Акцискиот план континуирано ќе се збогатува и развива. 

 

ДИПЛОМАТСКИ ОДНОСИ 

 

ЧЛЕН 10 

По влегувањето во сила на оваа спогодба:

  1. Првата страна веднаш ќе го подигне нивото: 

а) на нејзината постоечка Канцеларија за врски во главниот град на Втората страна на ниво на амбасада; и 
б) на нејзината постоечка Канцеларија за конзуларни, економски и трговски работи во градот Битола во Втората страна на ниво на генерален конзулат; и 

  1. Втората страна веднаш ќе го подигне нивото:

а) на нејзината постоечка Канцеларија за врски во главниот град на Првата страна на ниво на амбасада; и 
б) на нејзината постоечка Канцеларија за конзуларни, економски и трговски работи во градот Thessaloniki (Солун) на ниво на генерален конзулат. 

 

СОРАБОТКА ВО КОНТЕКСТ НА МЕЃУНАРОДНИ И РЕГИОНАЛНИ ОРГАНИЗАЦИИ И 
ФОРУМИ 

 

ЧЛЕН 11 

Страните тесно ќе соработуваат, билатерално и во рамките на регионалните организации и иницијативи, со цел да обезбедат дека Југоисточна Европа ќе стане регион на мир, раст и просперитет за нејзините народи. Тие ќе ја унапредуваат и ќе соработуваат во дефинирањето на соработката на регионално ниво, а меѓу другото, ќе соработуваат и на заемната поддршка на нивните кандидатури во контекст на меѓународните, мултилатералните и регионалните организации и институции, како што се Обединетите нации, ОБСЕ и Советот на Европа.

 

ПОЛИТИЧКА И ОПШТЕСТВЕНА СОРАБОТКА 

 

ЧЛЕН 12 

  1. Страните се согласуваат да ги зајакнат и натаму да ги развиваат своите билатерални политички односи, преку редовни посети, состаноци и консултации на високо политичко и дипломатско ниво. 
  2. Страните ќе формираат Совет за соработка на високо ниво (ССВН), кој ќе го сочинуваат претставници на нивните влади, заеднички предводен од нивните премиери. 
  3. ССВН ќе се состанува најмалку еднаш годишно и ќе биде надлежно тело за правилно и делотворно спроведување на оваа спогодба и акцискиот план кој ќе произлезе од истата. ССВН ќе донесува одлуки и ќе промовира активности и мерки за подобрување и надградување на билатералната соработка меѓу двете Страни и ќе разгледува какви било прашања кои може да произлезат во текот на спроведувањето на оваа спогодба и акцискиот план што ќе произлезе од истата, а со цел решавање на таквите прашања. 
  4. Страните се убедени дека развојот и јакнењето на непосредните контакти меѓу луѓето се од суштинско значење за развој на пријателството, соработката и добрососедството меѓу Страните и нивните народи. Тие ќе ги поддржуваат и поттикнуваат таквите контакти и средби меѓу нивните граѓани на сите соодветни нивоа. 
  5. Страните ќе дадат поддршка и ќе ги поттикнат контактите меѓу нивните граѓански општества, како и меѓу нивните институции и локални власти, вклучително и активностите за соработка меѓу младите и студентите, како и нивна размена, а со цел постигнување на подобро разбирање и соработкамеѓу нивните народи. 

 

ЕКОНОМСКА СОРАБОТКА 
 

ЧЛЕН 13 

Земајќи го предвид фактот дека Втората страна е држава без излез на море, Страните ќе се раководат од релевантните одредби на Конвенцијата на Обединетите нации за правото на морето, колку што истата е применлива во практика и при склучување спогодби наведени во член 18 од оваа спогодба. 

 

ЧЛЕН 14 

  1. Страните натаму ќе ја развиваат нивната економска соработка во сите области. Особен фокус ќе се стави на јакнење, зацврстување и продлабочување на нивната билатерална соработка во областа на земјоделството, енергијата, животната средина, индустријата, инфраструктурата, инвестициите, туризмот, трговијата и транспортот. За постигнување на овие цели, Страните ќе ги исползуваат и искористат постоечките Мерки за градење на довербата, коишто претставуваат заемно корисна платформа за соработка, која ќе се развие во акциски план. 
  2. Страните ќе поттикнуваат заемни инвестиции и ќе ги преземат сите неопходни мерки за нивна делотворна заштита, вклучително и мерки против прекумерна бирократија и за надминување на институционалните, административните и даночни пречки. Страните особено ќе се фокусираат врз соработката меѓу компаниите, деловните субјекти и индустриите на секоја од Страните. 
  3. Страните ќе се воздржат од наметнување на каква било пречка за движењето на луѓе и стоки меѓу нивните територии и преку територијата на која било од двете Страни на територијата на другата Страна. Страните ќе соработуваат за да го олеснат таквото движење во склад со меѓународното право. 
  4. Страните ќе ја развиваат и поттикнуваат нивната соработка во енергетскиот сектор, имено преку изградба, одржување и искористување на интерконективни гасоводи и нафтоводи (постоечките, оние коишто се во изградба и проектираните), а ќе соработуваат и во однос на изворите на обновлива енергија, вклучително и на соларни, на ветер и хидроелектрични капацитети. Можните нерешени прашања брзо ќе се разгледаат и ќе се постигне заемно прифатливо решение, при што особено ќе се земе предвид Европската политика за енергија и европското законодавство во оваа област. Првата страна ќе ѝ помогне на Втората страна преку соодветно пренесување на знаења и експертиза. 
  5. Страните ќе промовираат, прошируваат и подобруваат кооперативна синергија во областите на инфраструктурата и транспортот, а на реципрочна основа и во областите на патниот, железничкиот, поморскиот и воздушниот транспорт и комуникациски врски, користејќи ги најдобрите достапни технологии и практики. Тие, исто така, ќе го овозможат транзитот меѓу нив на стоки, товар и стоки преку инфраструктурата, вклучително и преку пристаништа и аеродроми, на територијата на секоја од Страните. Страните ќе се придржуваат кон меѓународните правила и регулативи во однос на транзитот, телекомуникациите, знаците и кодовите. Првата страна ќе го направи тоа до онаа мерка и на начин што ќе биде во согласност со нејзините обврски кои произлегуваат од нејзиното членство во Европската Унија и други меѓународни инструменти. Втората страна ќе го стори тоа до онаа мерка и на начин што ќе биде во согласност со нејзините обврски кои произлегуваат од нејзиното членството во меѓународни, мултилатерални или регионални институции или организации каде истата членува во времето на влегување во сила на оваа спогодба, како и обврските кои ќе произлезат од нејзиното членство во Европската Унија, откога ќе се предложи нејзиното пристапување кон истата. 
  6. Страните ќе настојуваат да ги подобрат и модернизираат постоечките гранични премини, како што тоа го бара протокот на сообраќај, а исто така ќе градат и нови гранични премини, со цел да се поттикне туристичката и трговска размена меѓу нив. 
  7. Страните ќе преземаат мерки за да обезбедат заштита на животната средина и зачувување на природната средина во прекуграничните води и нивното опкружување и ќе соработуваат во настојувањата за намалување и отстранување на сите форми на загадување. Страните ќе настојуваат да развиваат и усогласат стратегии и програми за регионална и меѓународна соработка за заштита на животната средина. 
  8. Страните ќе дадат поддршка за проширување на туристичката размена и за развојот на нивната соработка на полињата на алтернативниот туризам, вклучително и културниот, верскиот, образовниот, медицинскиот и спортскиот туризам и ќе соработуваат за подобрување и унапредување на деловните и туристички патувања меѓу нив. 
  9. Страните ќе формираат Заеднички министерски комитет (ЗМК) кој ќе има за цел да ја постигне најдобрата можна соработка во погоре споменатите сектори на економското партнерство, вклучително и преку организирање на заеднички деловни форуми. Комитетот ќе се состанува најмалку еднаш годишно и ќе управува со текот на билатералната економска соработка, со сеопфатната примена на релевантни секторски дејности, спогодби, протоколи и договорни рамки, како и сите идни релевантни спогодби. Страните поттикнуваат што е можно поблиска соработка меѓу нивните стопански комори. 

 

СОРАБОТКА ВО ОБЛАСТИТЕ НА ОБРАЗОВАНИЕТО, НАУКАТА, КУЛТУРАТА, ИСТРАЖУВАЊЕТО, 
ТЕХНОЛОГИЈАТА, ЗДРАВСТВОТО И СПОРТОТ

 

ЧЛЕН 15 

Во добата на новата индустриска револуција и втората генерација на машините, продлабочувањето на соработката меѓу државите и општествата е неопходно повеќе од кога било, особено во однос на општествените активности, технологијата и културата и во потесна и во поширока смисла. Со цел развој на таквата соработка: 

  1. Страните ќе ја развиваат и подобруваат нивната научна, технолошка и техничка соработка, како и нивната соработка во областа на образованието. Тие ќе ја интензивираат нивната меѓусебна размена на информации и на научна и техничка документација и ќе настојуваат заемно да го подобрат пристапот кон научните и истражувачки институции, архиви, библиотеки и слични институции. Страните ќе дадат поддршка на инцијативи од научните и образовните институции, како и од поединци кои се насочени кон подобрување на соработката и размената во областите на науката, технологијата и образованието. 
  2. Страните ќе дадат поддршка и ќе поттикнат настани, како и научни наставни програми во кои ќе учествуваат припадници на нивните научни и академски заедници. Тие, исто така, ќе дадат поддршка и ќе го поттикнуваат организирањето на билатерални и меѓународни конференции во овие области. 
  3. Страните придаваат големо значење на развојот на истражувањето, како и примената и искористувањето на новите технологии, вклучително и на дигиталната технологија и нанотехнологијата, на начин со кој се зачувува животната средина и се надградуваат вештините, капацитетите и вкупната добросостојба на нивните граѓани. За оваа цел, Страните ќе ја развиваат соработката меѓу нивните истражувачки центри, истражувачи и системите на академските институции. 
  4. Страните особено ќе се фокусираат на развојот на културните односи меѓу двете држави, нивните општества и општествени групи, при тоа особено земајќи ги предвид уметноста, танцот, кинематографијата, музиката и театарот. Во овој контекст, особена важност се придава на спорот. Ќе се унапредува билатералната соработка во областа на здравството, вклучително и здравствената заштита. 

 

ПОЛИЦИСКА И СОРАБОТКА ВО ОБЛАСТА НА ЦИВИЛНАТА ЗАШТИТА 

 

ЧЛЕН 16 

  1. Страните тесно ќе соработуваат во борбата против организираниот и прекуграничниот криминал, тероризмот, стопанскиот криминал, особено против криминалот поврзан со нелегалната трговија и/или експлоатација на луѓе, криминалот поврзан со производство, недозволена трговија и/или нелегална трговија на наркотични дроги и психотропни супстанци, нелегалното производство и трговија со оружје, негови резервни делови и компоненти, како и муниција, потоа нелегалниот увоз, извоз и пренос на сопственост на културен имот, како и против дела против цивилното воздухопловство и дела поврзани со фалсификување и/или криумчарење на цигари, алкохол или горива. 
  2. Страните тесно ќе соработуваат во областа на цивилната заштита, особено фокусирајќи се на спречување и справување со природни и катастрофи предизвикани од човекот и на активности за справување со последиците од катастрофите. Секоја Страна може да ја искористи специјализираната едукација и експертизата на другата Страна и секогаш кога е тоа потребно и можно секоја Страна на другата Страна ќе ѝ овозможи користење на нејзината специјална инфраструктура, особено за противпожарна заштита.

Страните може да ја разгледаат можноста за воспоставување на релевантен механизам за помош во спроведувањето на одредбите од овој член. 

 

ОДБРАНБЕНА СОРАБОТКА 

 

ЧЛЕН 17 

Страните ќе ја зајакнат и прошират нивната соработка во областа на одбраната, вклучително и преку чести посети и контакти меѓу политичките и воени лидери на нивните вооружени сили, потоа преку соодветен пренос на знаења и помош за градење на капацитетите, соработката во областите на производство, информирање и заеднички воени вежби. Страните особено ќе се фокусираат врз обуката на персоналот која Страните може меѓусебно да ја обезбедат. 

 

ДОГОВОРНИ ОДНОСИ 
 

ЧЛЕН 18 

  1. По влегувањето во сила на оваа спогодба, во нивните односи, Страните ќе се раководат од одредбите на следните билатерални спогодби кои биле склучени меѓу поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија и Првата Страна, на 18 јуни 1959 г.: 

а) Конвенцијата за заемни правни односи, 
б) Спогодба во врска со реципрочното признавање и спроведување на судски одлуки, и 
в) Спогодба за прашања од областа на водостопанството. 

  1. Страните се согласуваат дека по влегувањето во сила на оваа спогодба, сите меѓународни документи кои се билатерално правно обврзувачки за Страните ќе останат во сила, освен тие чие престанување на важност е конкретно предвидено со оваа спогодба. 
  2. Страните меѓусебно ќе се консултираат со цел да идентификуваат други спогодби склучени меѓу поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија и првата Страна, коишто тие ќе сметаат дека се соодветни да се применуваат во нивните односи. 
  3. Страните се обврзуваат да ги истражат сите можности за склучување на дополнителни билатерални спогодби, потребни во областите од заемен интерес. 

 

ДЕЛ 3

РЕШАВАЊЕ НА СПОРОВИ

 

ЧЛЕН 19

  1. Страните сите спорови ќе ги решаваат единствено со мирољубиви средства, во согласност со Повелбата на Обедините нации. 
  2. Во случај една од Страните да смета дека другата Страна не дејствува во согласност со одредбите од оваа спогодба, таа Страна прво за својата загриженост ќе ја извести другата Страна и ќе се бара решение преку преговори. Доколку Страните не можат прашањето да го решат билатерално, Страните може да се согласат да побараат од генералниот секретар на Обединетите нации да ги употреби неговите добри услуги за решавање на прашањето. 
  3. Секој спор што ќе се јави меѓу Страните во однос на толкувањето или спроведувањето на оваа спогодба и кој нема да се реши во согласност со постапките наведени во член 19, став (2), може да се поведе пред Меѓународниот суд на правдата. Страните прво треба да настојуваат да постигнат согласност со цел заеднички да поведат таков спор пред наведениот суд. Сепак, доколку не се постигне таква согласност во рок од шест месеци, или за подолг период за кој заемно ќе се согласат двете Страни, тогаш таквиот спор пред истиот суд може да го поведе секоја Страна поединечно. 

 

ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

 

ЧЛЕН 20 

  1. Оваа спогодба ќе ја потпишат министрите за надворешни работи на двете Страни. 
  2. Оваа Спогодба е предмет на ратификација, во согласност со последователната постапка предвидена во член 1, став (4). 
  3. По завршувањето на неопходните внатрешно-правни постапки потребни за влегување во сила на оваа спогодба, како што е предвидено во член 1, во рок од две недели, Страните за истото писмено меѓусебно ќе се известат. Оваа спогодба ќе влезе во сила на датумот на прием на последното известување од односната Страна. 
  4. Член 8, став (5) ќе се применува привремено и пред влегувањето во сила на оваа спогодба. Доколку оваа спогодба не влезе во сила, оваа спогодба, во целост и секоја нејзина одредба поединечно, нема да имаат никакво дејство или примена, ниту привремена, ниту каква било друга и истата нема на кој било начин да ја обврзува која било од Страните. 
  5. Разликата и преостанатите прашања наведени во Резолуцијата 817 (1993) и Резолуцијата 845 (1993) на Советот за безбедност на ОН ќе се сметаат за решени по влегувањето во сила на оваа спогодба. 
  6. Што е можно поскоро по влегувањето во сила на оваа спогодба, Страните или една од Страните ќе го извести генералниот секретар на Обединетите нации за влегувањето во сила на оваа спогодба, како и за датумот на кој истата влегла во сила, а со цел нејзино спроведување во Обединетите нации. 
  7. Оваа спогодба не е насочена против која било друга држава, ентитет или лице. Таа не ги загрозува правата и должностите кои произлегуваат од билатералните и мултилатералните спогодби кои се веќе во сила, а кои двете Страни ги склучиле со други држави или меѓународни организации. 
  8. Првата страна ќе ја применуваа оваа спогодба во согласност со нејзините обврски кои произлегуваат од нејзиното членство во Европската Унија и нејзиното членство во други меѓународни, мултилатерални или регионални институции или организации, како и во согласност со други меѓународни инструменти. Слично, Втората страна ќе ја применува оваа спогодба во согласност со нејзините обврски кои произлегуваат од нејзиното членство во меѓународни, мултилатерални или регионални институции или организации, вклучително и оние поврзани со Европската Унија, по предлогот за нејзино пристапување во членство. 
  9. Одредбите од оваа спогодба остануваат во сила за неопределен период и се неотповикливи. Не се дозволени никакви измени на одредбите од член 1, став (3) и став (4) од оваа спогодба. 
  10. Оваа спогодба ќе биде регистрирана во Секретаријатот на Обединетите нации во согласност со член 102 од Повелбата на Обединетите нации, веднаш штом влезе во сила. 

ВО СВЕДОШТВО НА ТОА, Страните преку своите должно овластени претставници, ги потпишаа трите примерока од оваа конечна спогодба, на англиски јазик. 
 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во Трст се сретна со Борис Џонсон, министерот за надворешни работи на Обединетото Кралство, кој ја претставуваше британската премиерка, Тереза Меј на Самитот за Западен Балкан. 

Високиот британски дипломат Џонсон изрази јасна и голема поддршка на новата Влада во Македонија, во име на Велика Британија и премиерката Меј. 

Оценката што ја соопшти министерот за надворешни работи, Џонсон е дека Македонија е конечно на вистинскиот правец и најави дека Велика Британија ќе направи сè што може да ѝ помогне на нашата држава за влез во НАТО и во ЕУ. 

Британскиот министер Џонсон соопшти дека Британија останува партнер на Балканот и активен поддржувач на демократските процеси, како и дека пријателството со Македонија е клучно во реализацијата на оваа важна цел. 

Премиерот Заев изрази благодарност за огромната поддршка од Велика Британија за Македонија и рече дека новата Влада ќе ја оправда добиената доверба преку посветена работа на демократски развој на Македонија и на регионот.

„Владата дефинираше временска рамка за итните реформски приоритети важни на интеграциските процеси во НАТО и ЕУ и одговорно ќе спроведе квалитетни реформи, затоа што граѓаните на Македонија заслужуваат евро-атланстки перспективи“, рече премиерот Заев. 

Присуството на Самитот во Трст на премиерот Заев, придружуван од неколкумина владини министри донесе Договор за транспортната заедница, чијашто потписничка е и нашата држава и ќе значи олеснето поврзување на граѓаните на Македонија со регионот. 

Но, она по што е значаен Самитот во Трст се и бројните билатерални средби што ги оствари премиерот Заев на највисоко политичко ниво, со светски и регионални лидери, кои испратија многу конкретни, јасни и прецизни пораки на целосна поддршка на премиерот Заев и на новата реформска Влада во Македонија. 

Средбите на маргините на Самитот и самиот Самит покажаа дека во претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и во новата Влада на Република Македонија се гледа како на мотор во регионалниот развој, во што се посочува клучот за евро-атлантските перспективи на Македонија и на Западен Балкан.

 
 
 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во Трст имаше билатерална средба со канцеларката на Република Германија, Ангела Меркел.

Германската канцеларка Меркел изрази голема поддршка за новата Влада на Македонија, за одлучноста на Владата за суштински реформи и за определбата за интеграција на Република Македонија во ЕУ.

"Владата е одлучна да ги спроведе потребните реформи и да ја осигура евро-атлантската иднина на Македонија, а со тоа и квалитетен живот за граѓаните", рече премиерот Заев. 

Канцеларката Меркел најави поддршка од Република Германија во реформскиот и евро-атлантскиот интеграциски процес.

Изразена е заедничка определба да продолжи со уште поголем интензитет соработката помеѓу Република Македонија и Република Германија во области важни за граѓаните на двете земји.

 

Владата на Република Македонија на вчерашната седница донесе одлука за прогласување на кризна состојба во регионот на јужната и на северната државна граница поради зголемениот наплив на мигранти, со што согласно правните прописи се отвора можност за соодветен ангажман и на АРМ, информира денеска на прес-конференција портпаролот на МВР Иво Котевски.

Тој посочи дека меѓуинституционалното координативно тело секојдневно ја следи состојбата со илегалните мигранти кои имаат намера да влезат на територијата на Република Македонија од соседна Грција и изготвува соодветни анализи за одговор при сите евентуални сценарија.

Појасни дека заради зголемениот притисок на јужната граница и се поголемиот интензитет на транзит преку т.н. балкански мигрантски коридор, но и состојбата во глобални рамки, беше проценето дека е неопходна дополнителна зголемена и поефикасна контрола на граничниот појас каде што се регистрирани масовни илегални преминувања од грчка страна.

- Ангажманот на Армијата очекуваме да даде резултат во две насоки. Прво, да се зголеми безбедноста и спокојството на локалното население и второ, да се обезбеди посеопфатен пристап во третманот на лицата кои изразиле намера да бараат азил во Република Македонија согласно капацитетите и препораките на конвенциите чиишто потписник е токму Република Македонија и кои се трудиме доследно да ги почитуваме, рече Котевски.

Нагласи дека за постапување по одлуката на Владата ќе биде формиран главен штаб при Центарот за управување со кризи кој треба да го изготви акцискиот план и да ги реализира предвидените активности. 

- Свесни сме дека зголемената контрола на нашата јужна граница не претставува конечно решение на проблемот и затоа очекуваме дека наскоро ќе биде утврден единствен хуман одговор од страна на Европската унија кој ќе ги опфати сите земји кои се најзасегнати од мигрантската криза и солидарно ќе го сподели товарот на соочувањето со предизвикот, рече Котевски.

Посочи дека во изминатите 24 часа, издадени се потврди на 1.327 странски државјани, за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил во Република Македонија.

- Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија - 1.004.Во овие два месеца, откако стапија во сила измените во Законот за азил, издадени се потврди на вкупно 41.414 странски државјани. Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија - 33.461, потоа на Авганистан - 2.073, Ирак - 1.947, Пакистан - 1.198, како и од други земји каде што има оружен конфликт, истакна Котевски.

Од почнувањето на издавањето на потврдите до денеска, појасни, до Одделението за азил се поднесени 47 барања за признавање право на азил врз основа на претходно издадена потврда, при што 34 барања се од државјани на Сирија, од нив 10 за деца, потоа три барања од државјани од Пакистан и Авганистан, а од нив четири се деца кои го придружуваат родителот...

Одговарајќи на новинарско прашање, Koтевски рече мигрантите никогаш легално не влегувале во Република Македонија, ниту пак биле пуштани.

- Напротив МВР согласно капацитетите со кои располага ги преземаше сите неопходни мерки за да ја заштити нашата граница. За жал јужната граница која е надворешна граница на ЕУ воопшто не беше заштитувана од грчка страна односно не само што беа пропуштани, не беа запирани илегалните мигранти односно лицата илегално да ја минуваат границата. Напротив бевме сведоци во голем број случаи кога истите организирано беа транспортирани до границата, рече Котевски.

Со оваа одлука, нагласи тој, практично се засилува контролата на самата граница и во граничниот појас.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека дополнително ќе се утврдуваат трошоците, бидејќи досега МВР како една од институциите која имаше најмногу ингеренции околу контролата на границата се соочуваше со огромни месечни трошоци односно заради зголемениот ангажман на полициски службеници, возила итн.

- Нашите проценки говорат дека трошоците во изминатите неколку месеци заради дополнителниот ангажман изнесуваат околу 800.000 евра на месечно ниво. Тоа се дополнителни трошоци во однос на ангажманот кој го имаше само полицијата за обезбедување на јужната граница, посочи Котевски. 

Укажа дека похуман третман подразбира посоодветен третман на лицата кои се илегални мигранти и кои се во Република Македонија.

- Факт е дека Република Македонија не располага со неограничени капацитети и еден е третманот кој може да им се пружи на лица кога станува збор за 1.500, 2.000, 3.000 или 5.000 мигранти кои би влегле во ист ден, а друг е третманот кој би го добиле доколку илегално успеат да ја поминат границата 50, 100 или 500 илегални мигранти, рече Котевски.

Се очекува македонското МНР соодветно ќе ги извести соседните земји за преземените мерки.

- Ние имаме контакти со грчката полиција, за жал не секогаш на соодветно ниво. Имено, претходниот период се обидувавме во голем број наврати да оствариме соодветен контакт, да направиме соодветна координација во однос на обезбедување на државната граница и мерките кои треба би требале да ги преземаат полициските службеници од грчка страна, но за жал немаше соодветен одговор, додаде Котевски. 

Денеска во Собранието на Република Македонија официјално започна постапката за донесување на нов Закон за спречување на корупција и судир на интереси. Овој закон обединува материја од два закони– Законот за спречување на корупција и Законот за судирот на интереси, што всушност претставува и препорака на ГРЕКО да има обединета законодавна рамка за овие две, тесноповрзани материи.

Министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска даде образложение на Предлог-законот, во кој се инкорпорирани препораките на ГРЕКО, Извештајот на Прибе и Извештајот на ЕК за напредокот на Република Македонија. Според министерката Дескоска, станува збор за закон којшто е усогласен со она што значи правна рамка на Европската Унија. Корупцијата во овој закон се дефинира на ист начин како што е дефинирана во директивите на ЕУ.

- Главните проблеми кои беа нотирани во Извештајот на Прибе и во извештајот на ЕК, беше прашањето околу изборот и составот на ДКСК, којашто, досегашнот начин на избор и состав на ДКСК според постојниот закон не гарантираше непристрасност и непартиско однесување на членовите на ДКСК, истакна министерката.

Станува збор за комисија каде што се зголемени кретериумите за избор на членовите и претседателот на ДКСК. Веќе се дефинирани областите од коишто можат да бидат избрани членовите и претсетелот на комисијата: правнички, политички, комуниколошки и економски науки, кои според министерката Дескоска се областите кои нудат најдобри познавања на оние коишто би работеле со откривање или спречување на корупција.

Покрај ова, како услов за избор, потребно е и дванаесет години работно искуство по завршувањето на високото образование, од кои осум во области на откривање или спречување на корупција, или владеење на правото и доброто управување.

- Предлагаме да се воведе забрана, лицата коишто ќе бидат членови или претседател на комисијата во последните 10 години да не биле пратеници, членови на влада, донатори на политичка партија или да не вршеле функција во органи на политичка партија. Се обидувме покрај вакво ограничување да се воспостават и формални механизми за учество на лица коишто тесно биле поврзани со политиката или биле активни во изминатите 10 години – потенцира министерката Дескоска.

Предвиден е и транспарентен процес на избор на членови и претседател на ДКСК со учество на граѓанските организации и медиумите. 

По објавениот оглас за членови и претседател на ДКСК, Собранието ќе објави оглас за здруженија на граѓани кои работат во областа на владеењето на правото, доброто управување и  спречување на корупција да се пријават да учествуваат нивните претставници во интервјуто на кандидатите, а ќе присуствуваат и новинарските здруженија, претставници од МАНУ и Интеруниверзитетската конференција, со цел да се овозможи еден транспарентен процес во кои ќе бидат избрани овие лица. По интервјуто кое ќе биде јавно, Собранието ќе ја има обврската да ги избере оние коишто се најдобри – сето тоа под будното око на јавноста.

Особено внимание е посветено и на контролата на финансирањето на политичките партии, донациите и изборните кампањи кои ќе бидат под посебна лупа и на ДКСК, не само на другите државни органи.

Во Владата на Република Бугарија денеска се одржа билатерална средба помеѓу Претседателите на Владите на Република Македонија и Република Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов. По завршување на билатералната средба двајцата премиери дадоа изјави за медиумите.

„Туку што завршивме уште една блиска и пријателска средба со мојот добар пријател и пријател на Македонија, Премиерот на Република Бугарија, Борисов. Остваривме полезна средба, како и до сега заради тоа што сите овие наши чести контакти исполнети со конструктивни разговори, договори и планови за идни соработки. Сето тоа е резултат на нашиот Договор за пријателство, добрососедство и соработка којшто нашите две земји го потпишаа. Имплементацијата на сите точки од договорот оди многу добро. Економската соработка никогаш не била подобра. Имаме стабилна трговска размена од над 500 милиони евра, со пораст од 12% во 2018 година и нема да престанеме додека не стигнеме трговска размена од 1 милијарда евра, што побрзо“, изјави премиерот Заев.

 

 

Премиерот Заев најави дека во тек е договарање на втората меѓувладина седница на двете земји која треба да се одржи во декември во внатрешноста на Република Бугарија и на која ќе се разгледуваат новите перспективи на соработка и ќе се констатираат досегашните реализирани проекти.

„Посебно радува интензивирањето на прекуграничната соработка. Се работи со посебен интензитет на отворањето на новите заеднички гранични премини „Клепало“, на потегот Берово - Струмјани, и граничните премини Пехчево - Симитли и Делчево - Невестино. Континуитетот на изградбата на патната и железничката инфраструктура на Коридорот 8, продолжува буквално од Скопје до бугарската граница се гради од три компании огромна патна инфраструктура, првата делница од железничката инфраструктура исто така завршува, во моментов во тек е изборот на техничкиот дел од изборот на втората делница од железничката инфраструктура којашто Скопје го поврзува со Софија“, соопшти премиерот Заев и додаде дека се работи на проектната документација на уште едно гасоводно поврзување помеѓу Република Македонија и Република Бугарија, помеѓу Петрич и Струмица.

Премиерот Заев рече дека ваквиот зголемен интензитет на соработка на заеднички проекти меѓу другото е резултат на огромната поддршка што Република Бугарија и ја пружа на нашата земја, посебно во нашите амбиции за ЕУ и НАТО интеграција.

„Нашите две земји се пример за новата реалност на Балканот. На две соседни земји кои ги надминаа минатите делби и создадоа меѓусебни односи на блиски пријатели и на меѓусебни односи на доверба. Воедно сакам да ги информирам граѓаните на Бугарија дека интензивно работиме на отворањето на комплетната инфраструктура и пристапност до локацијата на споменикот на полковник Каварналиев во областа на Дојран. Истовремено после завршување на поставувањето на споменикот на полковникот Каварналиев во областа на Дојран, којшто беше уништен низ годините наназад, ќе ја возобновиме и плочата на Кајмакчалан. Тоа не обврска од договорот, тоа е обврска од пријателството, тоа е обврска на сите нас да ги зближиме двата народи и нашите земји, да продолжи соработката“ изјави премиерот Заев.

Тој рече дека со Република Бугарија заеднички одбележуваме празници, датуми и ликови и заедно ги празнувавме празниците посветени на Светите браќа Кирил и Методиј на 24 мај во Рим, споделивме заедничко празнување на Илинден и во Скопје и во Благоевград и објави дека заедничката мултидисциплинарна експертска комисија работи со полно и веќе има одржано два состаноци, а третиот е закажан за крајот на ноември.

„Посебно сум среќен што работиме во областа на економијата, образованието, културата, да им се радуваме на младите луѓе од One Love концертите што ги прават во македонските и бугарските градови, но и на сите театарски претстави што се одржуваат насекаде низ Македонија. Огромна е лепезата на соработка што Договорот за соработка, пријателство и добрососедство ги отвори, јас сум убеден дека бенефит имаат граѓаните на двете земји“, нагласи премиерот Заев.

„Ја користам приликата да испратам порака до граѓаните на Република Бугарија дека градиме искрено пријателство со намери коишто прилегаат на 21 век. Потврдивме заедничка историја и заеднички ја одбележуваме. Немаме никакви дилеми, нашите народи се блиски, постои љубов помеѓу двата народа. Апелирам за соработка, поддршка, за меѓусебно помагање од секој можен аспект. Граѓаните на Бугарија знаат дека се добредојдени во сите градови во Република Македонија бидејќи нашите очекувања се големи дека соработката ќе расте“, истакна Заев.

Претседателот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов во својата изјава ја нагласи зголемената соработка помеѓу двете земји, перспективите за нејзино продлабочување и го нагласи поврзувањето на двете земји во повеќе области како што се културата, образованието и економијата, како исклучително значајно.

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, денеска на прес-конференција ги презентираше планот и програмата за намалување на аерозагадувањето во Република Македонија, чијашто имплементација станува стратешки приоритет на Владата за 2019-та година.

Соодветно на тоа, како што рече заменик - министерот Макрадули, за оваа намена се обезбедени дополнителни 1,5 милиони евра. Планот за чист воздух во Република Македонија, како што посочи тој, покажува неколку важни аспекти, односно јасно изразена политичка волја за намалување на аерозагадувањето, спроведувањето на мерките ќе се одвива преку интегриран и координиран пристап, отвореност на Владата и на државните институции за партнерски однос со граѓанските организации, деловните компании и меѓународните организации. Заменик - министерот за животна средина Јани Макрадули исто така потенцираше дека за прв пат се издвојуваат посебни буџетски средства исклучиво за намалување на аерозагадувањето.

„Оваа програма има план да го намали аерозагадувањето во Скопје до 50%, додека во другите градови коишто се жртви повеќе од некои други намалувањето е помеѓу 30% и 50%. Начинот на финансирање на активностите е почетен посебен фонд од 1,5 милиони евра и овие средства се дополнителни, покрај оние што постојат за различни активности на различни министерства поврзани со заштита на животната средина во висина од 20 милиони евра“, рече заменик - министерот Макрадули.

Основно начело на планот за чист воздух е справување, односно спречување со изворите на загадување Програмата за намалување на аерозагадувањето ќе се реализира преку неколку приоритетни компоненти:

  1. Мониторинг - комплетна замена на сите инструменти во 18 мониторинг станиците и примена на современи математички модели за моделирање и соодветно предвидување на аерозагадувањето;
  2. Зачестени инспекциски контроли;
  3. Јавни кампања;
  4. Законски измени;
  5. Справување со изворите на загадување од домашното затоплување: транспорт, индустрија, градежништво, урбано зеленило  и отпад.

„Десет илјади домаќинства ќе бидат приклучени на постојниот топлински оператор, топловодната мрежа ќе биде проширена, а врз основа на анализата која што ја направивме, ДДВ-то на испорачана топлинска енергија ќе го намалиме од 18% на 5%. Понатаму, 20 илјади домаќинства ќе ги променат старите нееколошки печки на дрва, 15 илјади домаќинства ќе ја подобрат енергетската ефикасност на домовите, 3 илјади домаќинства ќе бидат приклучени на гас, 20 илјади, а ќе набават инвертер клима уреди за затоплување, а две илјади домаќинства од ранливите категории граѓани субвенционирано ќе го променат начинот на греење. После две години нема да има ниедно домаќинство кое ќе се грее на јаглен, нафта или кокс“, истакна заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.

Дел од останатите мерки кои се предвидуваат во планот за чист воздух се:

  1. Измени на законот за возила (Воведување на еколошки налепници);
  2. Субвенции за набавка на електрични и хибридни возила;
  3. Субвенции за вградување на уреди кои користат нафтен или земен гас;
  4. Воведување посебен зимски режим на сообраќај во деновите кога загадувањето е повисоко;
  5. Воведување пилот училишни автобус;
  6. Измени во законот за индустриски емисии;
  7. Транспарентно објавување на сите компании со валидни А и Б дозволи;
  8. Итна реализација на планот за зазеленување со средствата од компензацијата за изградбата на гасоводот на Водно;
  9. Редизајнирање на јавни запуштени простори;
  10. Зајакнати контроли на градежните активности;
  11. Инспекциските контроли нема да се делат по надлежност, туку по акција;
  12. Боведување на втора смена на инспекциските служби
  13. Подигнување на јавната свест за штетноста од греење на јаглен.

Дополнителен бенефит од исполнувањето на овие мерки и активности во борбата за намалување на аерозагадувањето, како што посочи заменик - министерот Макрадули, ќе биде исполнувањето на целите од Парискиот договор, односно намалување на стакленичките гасови, зголемување на процентот на објекти од енергетска ефикасност и зголемено користење на обновливи извори на енергија.

„Апелирам за заедничка акција и за заедничка иднина. Верувам дека сеуште не е доцна да се делува и никој ќе нема право да каже после 2-3 години да каже дека не знаел колку е штетно загадувањето. Длабоко сум убеден дека ова не е невозможна мисија, бидејќи имаме јасен план што треба да се направи“, рече Макрадули

На прес - конференцијата заменик  министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, најави дека уште следниот месец ќе започнат преговорите за заокружување на оперативниот план за активностите за добивање на А интегрирана дозвола во иднина за најголемиот комбинат РЕК Битола. Тој истакна исто така дека со поставување на мрежи ќе се собере пластиката од реката Вардар, како и дека ќе продолжи активноста „едно капаче една надеж“. Дел од активностите, како што рече Макрадули ќе бидат финансирани и од меѓународни институции, а кон крајот на годината за прибирање на дополнителни средства ќе биде организирана и донаторска конференција.

На новинарско прашање во однос на изворите на загадување, заменик - министерот Макрадули посочи дека број еден загадувач е загревањето на домаќинствата, потоа следат сообраќајот и индустријата.   

Исто така, Макрадули посочи дека разликата помеѓу овој План за чист воздух и сите претходни, е што сега станува збор за владина програма со конкретни мерки и бројки, на чијашто реализација ќе работат сите засегнати државни институции, надлежни министерства, единици на локалната самоуправа, како и граѓанските организации. И затоа Макрадули изрази уверување дека планот за чист воздух ќе ги даде очекуваните резултати, а се со крајна цел намалување на аерозагадување и заштита на здравјето на граѓаните.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски присуствуваше на Стартап Самитот којшто се одржува во Софија, Република Бугарија, во организација на Европската Унија под покровителство на комесарката за дигитална економија и општество, Марија Габриел.

Премиерот Заев се обрати на првата панел дискусија на Самитот за важноста од поттикнување на дигитализација и создавање на услови за развој на иновативноста и стартап бизниси како важен сегмент за дигитална трансформација на Западен Балкан. На овој панел со премиерот Заев дебатираа и претседателите на владите на Црна Гора и Република Србија, Душко Марковиќ и Ана Брнабиќ, а свои воведни обраќања имаа и Претседателот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов и комесарката за дигитална економија и општество во Европската Комисија, Марија Габриел како домаќини на самитот.

 

 

„Земјите од Западен Балкан имаат потенцијал да го фатат моментот за прогрес, посебно младите генерации преку можностите што ги нудат нашите отворени општества преку дигиталното интернет поврзување да ги пренесат модерните напредни искуства од светот во нашиот регион. Сите овие аспекти на технолошки развој и иновации се опфатени и во образовниот процес бидејќи е важно младите генерации да го добијат потребното знаење и да бидат мотивирани. Нашите влади изнаоѓаат можности како уште поинтензивно да ги поддржат иновациите, технолошкиот развој, стартап бизнисите за да се поттикне и забрза иновативниот процес на размислување“, потенцираше премиерот Заев и рече дека Владата на Република Македонија интензивно работи на тој процес преку донесување на нови законски решенија.

Зборувајќи за развој на иновативниот процес и негова практична имплементација премиерот Заев нагласи дека иновацијата претставува храброст да се изнајдат нови идеи и решенија и во тој правец рече дека Владата на Република Македонија целосно ја поддржува и поттикнува иновативноста како основа во процесот на развој на еден одржлив систем на стартапи.

„Во 2018 година Владата на Република Македонија со над 13 милиони евра поддржа иновативни проекти на компании. Фондот за иновации и технолошки развој поддржа 100 иновативни компании да ги развијат своите креативни идеи и што е најважно да ги претстават на пазарот“, додаде премиерот Заев.

Премиерот Заев истакна дека Владата на Република Македонија поддржа отворање на три бизнис акцелератори за отворање нови стартап бизниси и посочи дека практичното искуство и позитивните примери на успешни старт ап компании се мотив за сите млади луѓе да размислуваат креативно, да подготвуваат проекти и да преземат иницијативи за сопствен бизнис со искрена желба да придонесуваат и да работат во приватниот сектор.

„Земјите од Западен Балкан имаат за задача да ги препознаат и имплементираат успешните позитивни искуства и идеи во светот. Поврзувањето и споделените искуства се голема мотивација и инспирација за луѓето од Западен Балкан. Во таа смисла се движиме во добра насока и одржувањето на овој Самит го потврдува тоа“, истакна премиерот Заев на крајот од своето обраќање и повика на креативна дискусија на StartUp Europe Summit за која оцени дека позитивно ќе ги изненади светот и Европа за тоа колку иновативни и креативни можат да бидат луѓето и младите од овој дел на Европа.

Во рамки на одржувањето на Startup Europe Summit 2018 министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, оствари средба со комесарката за дигитална економија и општество во Европската Комисија, Марија Габриел на којашто разговараа за Научно технолошкиот парк којшто до крајот на годината треба да се отвори во Скопје, како и за можноста Република Македонија да биде домаќин на првата регионална академија за сајбер безбедност за земјите од Западен Балкан.

Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор на Владата на Република Македонија на својата седница одржана синоќа ги разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судови, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судски совет и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за кривичната постапка.

Отворајќи ја дебатата, министерката за правда Рената Десковска, која претседаваше со работата на седницата, ги елаборираше предложените измените на законите кои се разгледуваа, со посебен осврт на Законот за судови.

Членовите на Советот своите дискусии, главно, ги насочија на работата на скопскиот кривичен суд, како најголем и како суд со посебни овластувања.

Акцентот беше ставен на неопходноста од формирање на посебно одделение кое ќе ги суди предметите кои сега ги застапува Специјалното јавно обвинителство, а за кое, исто така, беа дадени одредени предлози во насока на негова трансформација и натамошно функционирање.

Адвокатот Александар Тумановски го отвори прашањето за измена на членот 46 од Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судови, а за кој Адвокатската комора на РМ, во текот на вчерашниот ден достави допис до Владата и до Министерството за правда, како и до Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор, со кој се предлага и адвокатите, како дел од правосудниот систем, да можат да бидат предложени во постапките за избор на судии.

Претседателот на Основниот суд Скопје 2 - Скопје, судијата Илир Сулејмани, го отвори прашањето од недостиг на судии во тој суд, како и за видот и начинот на санкционирање на судиите, побара јасно разграничување на термините нестручно и несовесно постапување на судија во текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судови.