Адеми на трилатерална средба за предложеното прекугранично заштитено подрачје „Шар Планина – Кораб – Дешат“

 

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми денеска учествуваше на првата трилатерална средба за предложеното прекугранично заштитено подрачје „Шар Планина – Кораб – Дешат“ што се одржа на Попова Шапка.

Целта на иницијативата е да се собере широк опсег на заинтересирани учесници од регионот на предложеното прекугранично заштитено подрачје „Шар Планина – Кораб – Дешат“, да се воспостават локални партнерства со што ќе се олеснат прекуграничните работни контакти и консултации и да се воспостави механизам за долготрајна прекугранична соработка.

- Ова подрачје претставува едно од најважните жаришта на биодиверзитет во регионот и има потенцијал да стане најголемото заштитено подрачје во регионот на Југоисточна Европа и едно од најголемите во Европа, изјави министерот Адеми.

Тој потенцира дека иницијативата на Владата за прогласување на Шар Планина за нов национален парк е во согласност за остварување на оваа заедничка визија, бидејќи, како што рече, Шар Планина е под силен антропоген притисок кој резултира со постепена деградација на биодиверзитетот и останатите природни вредности, што пак е неможно без соработка и координирана акција со соседните земји со кои го делиме подрачјето.

- Владата има посебен план за развој на Попова Шапка за следните четири години со изградба на нови хотели, скијачки патеки и слично во вредност од над 25 милиони евра. Ова не е во спротивност ниту пречка во процедурата за прогласување на нов национален парк туку во корелација со него, по што ќе се добие и нова можност за промовирање на еко туризмот, истакна Адеми.

Инспекциските контроли, додаде, придонеле за намалување на дивото сечење на шумите и криволовот и, како што нагласи, подигната е свеста кај населението што наидува на подршка.

На дводневниот состанок што почна вчера во организација на Програмата на ОН за животна средина со седиште во Виена освен од Македонија учествуваат и претставници на државните институции и на невладини организации од Албанија, Косово и Црна Гора.

За програмскиот офицер на УНЕП Пјер Карло Сандеи богаството и убавините на подрачјето бараат меѓугранична соработка така што средбата е дел од серијата состаноци што оваа програма ги реализира со подршка на владите на Австрија и Финска.

- Наидовме на голем интерес и од населениото, но и од локалните и државните институции, меѓутоа основно е заштитата на средината да не биде само на хартија туку вистински да се реализира на терен како основа за одрлив економски развој, рече Сандаи.

Директорот на управата на националниот парк Шара Хазер Дана, од Косово информира дека од косовска страна делот на Шар Планина е прогласен за национален парк уште во 1986 година, но оти во тек е нова процедура за препрогласување при што тој би требало да добие поголема површина од претходно со вклучување на просторот на општина Драгаш во заштитената зона.

- Нашиот национален парк што е единствен што постои на Косово покажува извонредни резултати во зачувувањето на животната средина. Тоа не значи дека не се случуваат некои илегални работи, но тие се сведени на најмала мера, изјави Дана.

За професорот од Природно – математичкиот факултет во Скопје и претседател на Македонското еколошко друштво, Димче Меловски секој месец доцнење во процедурата за прогласување на Шар Планина за национален парк значи дополнителен степен во деградацијата на средината така што и релативно малиот капаците што би го имало телото формирано за управување на паркот би придонело за подобрување на состојбите.

- Регионалната соработка во вакви проекти е неопходна ако сакаме да ги заштитиме на пример крупните ѕверови како мечката и рисот на кои им се потребни големи подрачја. Тое е причината зошто нив ги нема во повеќето европски земји, додека овој реон тоа би им го овозможил, нагласи Мелоски.