Илир Хасани – заменик-министер за здравство

Илир Хасани е роден 23 мај 1977 година во Куманово.

Основното и средното образование го завршил во родниот град. Во 2001 година дипломира на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Професионалната кариера ја започнува како лекар по општа практика во приватна здравствена установа. 

Од 2003 година волонтира на Клиниката за трауматологија во Скопје, каде што е активно вклучен во секојдневната практика. 

Од 2004 година е вработен на Клиниката за трауматологија, а со звањето специјалист по општа хирургија се здоби во 2008 година.

Во 2006 година е избран за помлад асистент, а во 2011 година за асистент.

Во 2015 година е избран за асистент-докторант на Медицинскиот факултет по предметот хирургија.

Од 2009 до 2010 година ја извршува функцијата в.д. директор на Клиника за ортопедски болести при Клиничкиот центар во Скопје .

Во 2009 година бил избран за национален претставник на Здружениот медицински комитет при НАТО силите.

Во јуни 2010 година е именуван за заменик-координатор на хируршките клиники со Ургентен центар, КАРИЛ и Клиника за ортопедски болести. 

Во периодот од 2011 до 2017 година е раководител на Ургентниот хируршки центар каде максимално придонесува кон организирање на ургентната служба, ургентното дијагностицирање и ургентното згрижување на акутно хируршки болни во нормални услови и во услови на масовни случувања.

Од 2017 година e именуван за директор на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар-Скопје, а иста година е  именуван и за национален советник на министерот за здравство.

Во 2018 година ја завршува субспецијализацијата по трауматологија, со што се стекна со звање субспецијалист трауматолог.
Докторските студии од областа на трауматологијата на коскено-зглобниот систем на Медицинскиот факултет во Скопје ги завршува во март 2018 година, додека за научен соработник е избран во јуни 2019 година на истиот факултет.

Хасани има учествувано на повеќе конгреси, симпозиуми и други стручно-научни собири од меѓународен и од национален карактер како предавач. Автор и коавтор е на повеќе стручни трудови, за кои се објавени рецензии во списанија и билтени на конгреси и симпозиуми.

За првпат во нашата земја има воведено неколку нови методи од современата трауматологија, кои благодарение тоа денес на Клиниката за трауматологија се користат рутински.

Во мај 2020 година е избран како национален делегат од Република Северна Македонија во  најголемата светска организација на трауматолози и ортопеди SICOT.
Одлично говори англиски јазик, со меѓународно признат сертификат од универзитетот во Кембриџ. Има познавање на германскиот јазик и поседува одлични компјутерски вештини.

Член е на Македонското лекарско друштво, Македонското друштво на ортопеди и трауматолози, Ao Alumni association, AO Spine Association, Црвениот крст на РСМ и активен член на SICOT (Société Internationale de Chirurgie Orthopédique et de Traumatologie).

Од септември 2020 година ја извршува функцијата заменик-министер за здравство.