Збирка на раскази и песни „Моето патување во Фантазија“

Драги деца,

Кога во декември во 2018 година, го подготвувавме настанот за мојата предновогодишна средба со ученици од основните училишта, неочекувано ни пристигна на помош писателот Михаел Енде и неговата „Бескрајна приказна“ во форма на писмо од Претседателот на Република Фантазија.

Во писмото што го добив, тој пишуваше дека е многу, многу, многу загрижен за неговата земја. Дека ѝ се заканува голема опасност. Дека целата земја Фантазија може да исчезне, да ја снема.

Тој го испратил писмото до претседателите и премиерите на сите земји во светот, со молба неговото писмо да им биде прочитано на децата од сите земји, и дека само децата можат да ја спасат Фантазија од исчезнување.

Јас им го прочитав писмото на децата во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“. На едно место писмото беше малку замачкано од солзата што капнала додека Претседателот на Фантазија го пишувал.

Во него пишуваше дека Големиот црн змеј кој се вика Ништо ќе ја проголта земјата Фантазија затоа што сè повеќе и повеќе деца не читаат книги.

Претседателот на Фантазија, пишуваше во писмото, ги замоли децата од нашата земја, книгите што ќе ги добијат како новогодишен подарок да ги прочитаат зашто така ќе помогнат Големиот црн змеј да ја загуби силата. Да ги прочитаат сите подарени книги и потоа да им ги подарат или позајмат на своите другарчиња, и кога и тие ќе ги прочитаат Големиот црн змеј Ништо ќе ја изгуби целата своја сила, и јунаците на Фантазија ќе бидат спасени и таа повторно ќе биде омилено место за патување.

За да биде победата со читањето книги уште поубедлива, тогаш ги замолив децата да  пишуваат песни, раскази или приказни за деца, и да ги испратат на адреса во Владата за да ги собереме најдобрите детски творби и да ги објавиме во книга.

Еве ја книгата пред вас.

Ова е една од оние книги, од деца за деца, без реклами што ти ја прекинуваат забавата на најинтересното, немаат батерија што се троши, може да се стопира, да паузираш, да ги враќаш најубавите моменти во неа колку што сакаш и повторно да ги читаш. Оваа творба е ваша, од вас, за вас. 

Книгата, што сега ја држите во вашите раце, ќе биде новогодишен подарок за децата од основните училишта во нашата земја, и прва книга што преку нашите училишни и градски библиотеки ќе ја испратиме во земјата Фантазија за да ја читаат сите што ќе ја посетат таа убава земја.

Оваа книга, како заеднички успех на сите деца што ги испратија своите творби да бидат објавени во неа, создаде нови јунаци и жители на Фантазија за кои ќе читаат нивните врсници и на тој начин Големиот црн змеј Ништо ќе биде победен засекогаш!

Ваш, 
Зоран Заев 

 


 

 


Сите испратени песнички и раскази