МОН: Прифатени неколку предлози од дебатата за високото образование
Министерството за образование и наука информира дека по завршувањето на вчерашната јавна дебата во врска со предлог пакетот реформи за унапредување на квалитетот на високото образование, претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски заедно со другите владини претставници одржаа дополнителна средба на која беа дискутирани сите понудени предлози, препораки и сугестии за време на дискусијата.
По извршената анализа за конструктивноста и оправданоста на секој од предлозите во сублимираниот извештај, ја информираме јавноста дека од страна на Владата на Република Македонија и Министерствтото за образование и наука, прифатени се неколку од нив. Имено:
- Прифатен е предлогот на Универзитетот “Гоце Делчев“ – Штип, кој се однесува на можноста за студентите да полагаат една половина од предметите во третата студиска година, независно од тоа дали го положиле или не го положиле првиот дел од државниот испит на крајот од втората студиска година;
- Прифатен е предлогот на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и Државниот универзитет во Тетово, кој се однесува на промена на просекот за упис на високообразовните установи за образование на наставници од областа на спортот, од 4.00 на 3.00;
- Прифатен е предлогот на Универзитетот на Југоисточна Европа за унапредување на административните капацитети на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, преку ангажман на дополнителен стручен кадар кој ќе работи во Одборот со полно работно време;
- Понатаму, во однос на студиите од втор циклус, односно постдипломските студии, на предлог на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје ќе можат да се акредитираат во траење од една или две години;
- Исто така, прифатен е и предлогот на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Универзитетот “Св. Климент Охридски“ – Битола и Факултетот за општествени науки за студиските програми од областа на националната историја, лингвистика и уметностите, да не важат одредбите од законот во делот на усогласување на нивната содржина со содржината на исти или слични студиски програми на некој од првите 50 рангирани универзтети од соодветните области, согласно Шангајската листа, имајќи ја во предвид нивната национална специфика;
- Со новиот предлог закон за измена и дополнување на Законот за високото образование, на предлог на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и Факултетот за општествени науки, ќе се регулира звањето – магистер на уметности;
-Дополнително, прифатен е и предлогот на Универзитетот на Југоисточна Европа за воведување на јавен регистар на автори на трудови објавени во меѓународни научни списанија кои се дел од базата “Web of science“.
Изразуваме благодарност до присутните на вчерашната јавна дебата, за искрената намера за придонес во креирањето на подобри и поквалитетни политики за унапредување на високото образование.
Ги охрабруваме сите оние коишто имаат конструктивни предлози, но досега не се произнеле, да го сторат тоа во следниот период, затоа што можоста за дискусија и понатаму останува отворена.