Изјава на прeмиерот Груевски, во врска со денешната пресуда на Меѓународниот суд на правдата во Хаг
“Почитувани граѓани на Република Македонија,
Денес Меѓународниот суд на правдата во Хаг, ја соопшти донесената пресуда врз основа на тужбата која Република Македонија ја поднесе кон Република Грција за прекршување на членот 11, став 1 од Времената спогодба потпишана помеѓу двете земји во 1995 година.
Оваа постапка формално ја отпочнавме во ноември 2008 година, и тоа откога Грција го попречи нашиот прием во НАТО на Самитот во Букурешт.
Со задоволство сакам да констатирам дека судот одлучи дека тужбата е исправна, и одлучи да го прифати основното тужбено барање на Република Македонија, односно донесе пресуда дека Република Грција го прекршила членот 11 ставот 1 од Времената спогодба, и неоправдано ја попречила интеграцијата на нашата земја во НАТО.
Пресудата е позитивна за Република Македонија, и од името на Владата на Република Македонија и на сите граѓани на Република Македонија, ја поздравуваме одлуката, и изразуваме благодарност до Судот за почитувањето на аргументите на правото и правдата.
Истовремено судот ги отфрли сите барања на Грција по клучните точки, како и сите нивни претставки.
По двете тужбени барања, плус по прашањето на надлежност и прифатливост на случајот, судот се осврна на сите, при што:
- Судот се прогласи за надлежен за овој случај и ги одби сите причини кои ги понуди Грција (цитирам: Судот наоѓа дека е надлежен за правниот спор кој го поднесе Македонија, и нема причина судот да одбие да пресуди. Судот ја прифаќа апликацијата);
- Судот донесе пресуда дека Грција го прекршила членот 11 од Времената спогодба и ја попречила интеграцијата на нашата земја во НАТО, нешто што согласно Спогодбата не смеела да го стори (цитирам: Судот наоѓа дека Грција ја прекршила својата обврска од член 11 став 1 од Времената спогодба).
- Произнесувајќи се за можните правни лекови за оваа повреда односно прекршување, Судот смета дека не е неопходно да и нареди на Грција во иднина да не го прави истото и да не го повтори ова противправно дејство, бидејќи очекува и претпоставува дека земјата (Грција) ќе делува со добра намера, односно судот смета дека треба да верува дека Грција нема да го повтори противправното дејство, кога веќе судот го прогласи за против правно. (цитат: Судот цени дека една декларација дека Грција ја прекршила својата обврска да не приговори на приемот или членството на Македонија во НАТО е потребна. Судот не смета дека е неопходно да и нареди на Грција, како што бара Македонија, да се воздржи од идни дејствија што ќе ја прекршат нејзината обврска од член 11 став 1 од времената спогодба. Како што судот претходно има објаснето генерално правило е дека нема потреба да се претпостави дека држава чие што дејство било декларирано како противправно од страна на судот ќе го повтори тоа дејство во иднина, бидејќи добрата намера мора да се претпоставува.
Според ова, можеме да констатираме дека судот не поддржа во сите три точки, иако на прв поглед и површно се чинеше дека третата точка е во корист на Грција.
Понатаму, она што е исклучително важно е дека судот констатираше и дека Македонија може да го користи уставното име во меѓународни организации кога говори за себе.
Инаку, од сите тврдења на Грција дека ние безброј пати сме ја прекршувале времената спогодба Судот најде само една инстанца каде имало отстапување, во 2004 година, меѓутоа истата година тоа било поправено, со што забелешката на Грција станува ирелевантна.
Важна и значајна за нас е и констатацијата на судот дека Македонија во процесот на надминување на разликата околу името учествувала со добра верба и покажала степен на отвореност особено во месеците пред самитот во Букурешт.
Почитувани,
Република Македонија ќе ја почитува оваа одлука, комплетно и согласно меѓународното право, тоа е наша обврска и наша искрена верба.
Согласно меѓународното право оваа пресуда имплицира дека Грција треба да се воздржи од понатамошно противење на зачленување на Република Македонија во НАТО или други меѓународни организации и институции. Имаме право и да се надеваме дека и третите земји членки на истите организации ќе ја земат предвид пресудата, со оглед на фактот дека владеењето на правото е една од централните вредности на семејствата кон кои се стремиме.
Оваа пресуда дава нов позитивен импулс во амбиентот за одење напред во надминување на спорот за името и отстранување на блокадата која и е приредена на Република Македонија. Пресудата значи, е и доказ, дека Времената спогодба е жива, дека има правна сила која е меѓународно верифицирана од страна на Судот на правдата, и која странките потписнички ја имаат прифатено, а чиј гарант се ОН, и дека истата треба да биде доследно почитувана од страна на сите субјекти на кои се однесува и кои имаат улога во нејзиното создавање, согласно меѓународното право и универзалните вредности и принципи. Таа е основен документ, кој дава правна сигурност, и кој што оствари придвижување и се покажа корисен во досегашното уредување на процесите и односите помеѓу двете земји, и во тоа светло треба да биде единствено толкувана.
Република Македонија е заинтересирана за овозможување на напредок во односите со Грција, и во остварување напредок на нашите евроатлантски и европски интеграции. Ценам дека сега не е ни место, и не е потребен ниту триумфализам, нити еуфорија, иако некој ќе каже дека има сериозни основи за тоа, и апелирам сите граѓани да го почитуваат овој став. Ова не е пресуда која треба да биде толкувана од аспектот на победници и поразени, и никој не смее така да се однесува, затоа што Грција е наш сосед и од исклучително значење е нашите односи да се развиваат низ призмата на почитување, соработка, доверба, партнерство и меѓусебно уважување. Сега е момент да се продолжи со одговорно однесување, кое е наша карактеристика веќе две децении откога овој спор постои, во духот на европските вредности, со подадена рака, пријателски. Ние сме спремни заедно со Грција да работиме на реализација на од нивна страна промовираната Агенда 2014 која е основа за интеграција на земјите од Балканот во Европската Унија. Интеграциите на Република Македонија во Европската Унија и НАТО треба да се гледаат како заеднички успех односно како успех на регионот.
Владата на Република Македонија, во идниот период ќе ги преземе потребните мерки и активности, за промоција на нашиот, заедничкиот и регионалниот интерес, имајќи ги предвид аргументите кои произлегуваат и од ставот на Меѓународниот суд во Хаг и нивното значење за двете земји, нивната целисходност и делотворност, како и за градење на добрососедски односи на почитување и соработка, и суштинско унапредување на односите со Република Грција во духот на пријателството и регионалната стабилност и развој. Ќе продолжиме со исполнување на сите Копенхашки критериуми, и достигнување на европските стандарди.
И покрај пресудата, ние сме посветени на продолжување на разговорите за изнаоѓање на заеднички прифатливо, и одржливо решение за спорот со името, и тоа и под покровителство на Обединетите Нации користејќи ги добрите услуги на г-дин Метју Нимиц, како и за понатамошно градење мерки на доверба помеѓу двете земји со остварување на директни средби и контакти помеѓу лидерите, но и дополнително надградување на постојните односи преку конкретни мерки на градење доверба во таа насока. Пресудата не е пречка, туку напротив е дополнителен позитивен моментум кон изнаоѓање на решение за отвореното прашање кое ги блокира нашите европски и евроатлантски интеграции.
Пресудата е стимул кон европските и евроатлантските институции и кон меѓународните стандарди, кон мотивација за постојано усовршување и реформирање на нашето општеството за достигнување на ниво на развој потребно за нашата интеграција, и развој на односите со соседите.
Пресудата е позитивна, корисна, и јас верувам, дека доколку се гледа и афирмира од вистинскиот агол, има основа за да ги подобри односите и ја засили соработката со Грција за прашањата од заеднички и регионален интерес.
Ние кон неа ќе пристапуваме со одговорност, во насока на промоција на заедничките интереси.
Благодарам!”