Сарачини: Само со конкурентни и иновативни производи може да се надмине кризата која доаѓа

Македонските претпријатија само со конкурентни и иновативни производи можат да ги преживеат сегашните тешки времиња, смета министерот за економија Ваљон Сарачини.

- Нашата економија е мала и отоврена со 60 отсто од извозот наменет за европскиот пазар. Затоа тешко ќе остане имуна на кризата во Европската унија. Сметам дека само со иновации можеме да останеме на здрави нозе. Ќе се потрудиме да се формира т.н. триаголник Влада-универзитети-деловна заедница со цел заедно да се работи на проекти и активности за развој на нашата економија, рече Сарачини на денешната прес-конференција.

Тој нагласи дека се во постојана комуникација со деловната заедница и оти ги следат нивните барања и потреби во делот на зголемувањето на иновативноста.

- Со иновативни производи можеме да станеме конкурентни на светските пазари. Апелирам сите компании да се потрудат да бидат поконкурентни и поиновативни за да можат да се натпреваруваат со конкуренцијата во спротивно ќе ги проголта кризата која доаѓа, нагласи Сарачини.

Владата, посочи, преку министерствата за економија и за образование и наука спроведува активна политика за поттикнување на иновативноста кај компаниите.

- Од јануари ќе почнеме со проектот за формирање регистер на компании кои имаат капацитет за иновации. Во наредните два до три месеци ќе се направи идентификување на индикаторите за формарање на регистерот, потоа ќе се изготви атлас, а на крајот ќе се направи регистерот. Во следната фаза ќе се ангажираат странски експерти и професори кои преку обуки ќе им ги пренесат своите знаења во делот на иновативноста на нашите компании. Следниот проект ќе биде ваучер за иновации со кој ќе доделуваме по 5.000 евра за развојот на бизнис планови за компаниите, а на крај ќе се изработи инвестициска стратегија за периодот 2012-2020 година со техничка и финансиска помош од ОЕЦД, појасни Сарачини.

Министерот за образование и наука Панче Кралев прецизира дека основна цел во иднина ќе биде пошироката академска заедница активно да се вклучи во развојот на дијалогот со бизнис заедницата.

- Научно-истражувачкиот потенцијал со кој рсполага Македонија создава доволно добра основа за соработка и за креирање на идните иновативни политики во стопанските субјекти. Во таа насока ќе се организраат низа средби на кои ќе се разговара за потребата од одреден кадар кој е дефицитарен на пазарот на трудот, рече Кралев.

Во моментов, истакна, 0,3 отсто од БДП на Република Македонија се троши за научно-истражувачка дејност.

- Во тек е изработка на стратегија за научно-истражувачка дејност која треба да го трасира патот за зголемување на тој процент на 3 отсто од БДП колку што во ментов се користи во земјите од ЕУ за таа намена. Зголемувањто на процентот ќе биде во рамките на буџетските можности што го исклучува приватниот сектор кој вложува во истражувачката дејност за свои потреби, рече Кралев.