Спасов, Јанакиевски и Тодоров во посета на општина Чешиново-Облешево
Министрите за труд и социјална политика Диме Спасов, за транспорт и врски Миле Јанакиевски и за здравство Никола Тодоров денеска ги посетија поплавените населени места во општината Чешиново-Облешево. На заедничкиот состанок во општината беше анализирана состојбата со последиците од поплавите и направените штети, а беа превземени мерки за санирање на последиците.
- Состојбата во оваа општина е алармантна. Водата за пиење во сите населени места е загадена и не е за пиење. За таа цел договорено е во наредните часови вода на жителите да им биде донесена вода со цистерни од Кочани и Велес, а Заводот за јавно здравје секојдневно да ја испитува водата од бунарите и пумпите по селата од општината. На населеното место Облешево му претстои опасност од излевање на Кочанска река на влезот во селото, за што се агажирани две машини за чистење на каналите од страна на Дирекцијата за заштита и спасување на Македонија. Јавното претпријатие за патишта ќе работи на оспособување на патен правец до отсеченото село Теранци, изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски.
На состанокот во општината, на кој присуствуваа и професори, доктори-епидемиолози и специјалисти по хигиена од Институтот за јавно здравје и Секторот за превентивна здравствена заштита при Министерството, како и шефот на Канцеларијата на Светската здравствена организација во Скопје е констатирано дека досега нема пријави за заразни заболувања на ова подрачје, и оти Центарот за јавно здравје будно ја следи состојбата во однос на безбедноста на водата за пиење и евентуална појава на заразни заболувања.
Дадени се насоки на Центарот за јавно здравје од ова подрачје секојдневно да врши контрола на водата за пиење и да го информира населението за превентивните мерки со цел спречување појава на заразни болести, како што се: пиење флаширана вода или вода од обезбедени цистерни, превривање на водата за други потреби во домаќинството - миење, готвење, редовно одржување лична хигиена и миење раце...
Исто така, Центарот за јавно здравје е задолжен да спроведе комплетно чистење на ризичните поплавени подрачја и да изврши превентивна дезинфекција и дератизација.
Јавните здравствени установи од подрачјето се задолжени да обезбедат медицински екипи да ги посетат жителите на населените места кои се отсечени заради настанатите поплави, со цел пружање соодветна здравствена помош доколку е потребна. Во амбулантата во општина Чешиново Облешево, почнувајќи од утре ќе има дополнително присуство на доктор и медицинска сестра во периодот од 10 - 14 часот.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов со претставници од општинскиот центар на Кочани го посетија населеното место Чифлик каде што поплавите предизвикаа големи штети.
- Посетивме неколку најзагрозени семејства и се интересиравме што им е најпотребно во овие моменти, истакна министерот Спасов.
Додаде дека Општинскиот центар за социјални работи од Кочани со свои екипи ќе ги посетат најзагрозените семејства и ќе направат увид во настанатата состојба. На жителите на Чифлик им беше обезбедена вода од цистерна, а вода донираше и компанијата Кожувчанка.
Мостот на река Брегалница кај општина Зрновци и натаму е во прекин од нарушената статика и распуканоста, а во прекин е патот Оризари - Прибачево поради надојдените води на Оризарска река.