Ставрески во Прилепско, состојбата сериозна, но под контрола
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески заедно со градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески и со Кризниот штаб од Општината денеска е на терен за да се информираат за состојбата по обилните врнежи и невремето викендов.
Тој ги посети населените места Тополчани и Чефигово каде во близината каналот Блацо се влева во Црна Река.
Според Ставрески, состојбата е навистина сериозна, но во овие околности е под контрола.
- Обилните врнежи во пелагонискиот регион оставија сериозни последици и состојбата е навистина сериозна во сите општини и населени места во регионот. Состојбата бара зголемена будност и наше максимално ангажирање, рече Ставрески.
Вицепремиерот нагласи дека се мобилизирани сите екипи со градоначалниците и кризните штабови.
- Преземени се сите мерки да се обезбедат животите на граѓаните и да се намалат материјалните штети. Во некои села во општините Прилеп, Новаци, Могила и Кривогаштани се поплавени куќи, пред се подрумски простории. Постепено во текот на денешниов ден водата се повлекува и се надеваме дека најлошото е зад нас, но мора да бидеме на терен да им помогнеме на граѓаните, изјави Ставрески.
Вицепремиерот и министер за финансии Ставрески очекува полицијата, војската, центрите за кризи со кризните штабови и јавните претпријатија и со градоначалниците да ја надминат состојбата на теренот.
- Состојбата во овие околности е под контрола, треба да останеме будни, но сепак се зависи од временските услови, рече Ставрески.
Тој својата посета во пелагонискиот регион ја продолжува во општините Могила и Новаци.
Според информациите од Центарот за управување со кризи, во прекин е регионалниот пат Прилеп – Кривогаштани, кај селото Врбјани.