Реконструирано киното во Делчево
Во Делчево повторно ќе биде ставено во функција киното кое со финансиска поддршка на Министерството за култура од околу два милиона денари лани беше реконструирано и доби нова фасада, нова покривна конструкција и уредени санитарни јазли.
Министерката Елизабета Канческа-Милевска денеска ја посети општина Делчево и киносалата, која е во надлежност на Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“. Рече дека од 1933, кога бил направен, ова е прва крупна интервенција на објектот, кој од руина и грда слика на градот, сега ќе биде место за филмски проекции, но и за други културни настани.
- Изминатата година со поддршка од Министерството за култура, киносалата е целосно реконструирана. Претходно, за потребите на киносалата во Делчево беше обезбедена и нова дигитална филмска опрема, како и нов дигитален проектор. Делчево со овој проект доби нов современ простор, кој освен за презентација на филмовите од богатата македонска и светска кинематографска продукција, ќе се користи и за други културни настани, изјави Канческа-Милевска, која објектот го посети заедно со делчевскиот градоначалник Дарко Шехтански.
Таа посочи дека во разговор со градоначалникот денеска договориле оваа година Министерството да помогне и со мали интервенции во ентериерот во салата, за кој Центарот за култура има проект.
- Делчево повторно ќе го добие киното во сјајот кој некогаш го имал, а со тоа и центарот на градот го добива ликот кој треба да го има, рече Шехтански.
Министерката соопшти дека оваа година ќе се реконструира и уреди поставката во Музејот во село Разловци посветен на Разловечкото востание, за што минатата година е изработен проект. Додаде и дека Министерството преку годишната програма поддржува манифестации и дејности во Делчево кои се во функција на локалниот развој и богата културна понуда. Ги издвои копаничарството и резбата кои во овој крај се автентични и добиваат финансиска поддршка преку проектот креативни индустрии.
Канческа-Милевска беше и во селото Драмче, од каде што потекнува соборното оро Копачка кое УНЕСКО лани го впиша на репрезентативната листа на нематеријално културно наследство. Таму ја отвори Спомен-собата на дедо Митко (Димитар Станоевски) кој 60 години бил ороводец на Копачката, а починал во 2009 на 93 години.
Министерството за култура го финансираше уредувањето на чардакот, ходникот и собата на дедо Митко во неговиот дом во Белчанска маала во Драмче. Во рамките на поставката се изложени стари фотографии, текстови објавени во домашни и во странски весници, предмети и инструменти што ги употребувал, народните носии во кои ја играл и ја предводел „Копачката“, а на дрвени табли се ставени познати изреки на дедо Митко за орото. Играорците денеска ја изведоа „Копачката“ - игра која ја симболизира обработката на земјата.
- Орото Копачка е нашата гордост. Благодарение на нивната љубов и посветеност, Македонија стана дел од листата на светското културно наследство. Благодарение на нивните огромни желби, куќата на дедо Митко ќе прерасне во една Спомен-соба. Таа е автентично сочувана и има многу вредни прдмети, изјави Канческа-Милевска.
Традиционалното оро „Копачката“ стана второ македонско нематеријално културно наследство под заштита на УНЕСКО. Во 2013 година Македонија на листата на УНЕСКО го впиша и уникатниот верски обичај „Четрсе“ од Штипско.
За време на работната посета на Делчево министерката Канческа Милевска положи цвеќе на спонмикот на Гоце Делчев во центарот на градот по повод 143 години од неговото раѓање.