Ставрески: Подготвени сме за сите сценарија на должничката криза во Европа

Македонија е подготвена за сите можни сценарија на должничката криза во Европа. Буџетот содржи три сценарија од кои две се експлицитно, а третото имплицитно содржани во него.

Ова денеска го потенцира вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески пред претставниците на банкарскиот и реалниот сектор на трибината „Актуелни состојби во финансискиот сектор и нивното влијание врз развојот на реалната економија“.

Ставрески нагласи дека првото сценарио е со проектираниот раст од 4,5 проценти кое што ќе зависи од случувањата во Европа и кое подразбира во некој пократок временски период да се решат состојбите. 

- Сметаме дека тоа сценарио е можно, иако не е единствено. Можни се и другите сценарија кои се однесуваат на тоа дека европската криза може да потрае и многу подолго. Токму поради тоа во рамките на буџетот е проектирана поконзервативна проекција на приходната страна. Наспроти тоа што отидовме со реален пораст од 4,5 проценти и инфлација од 2,5 проценти, проектиравме на приходната, а соодветно и на расходната страна понизок номинален раст што покажува дека се водеше сметка и за второто сценарио доколку состојбите во европската економија не се подобрат, рече ресорниот министер.

Третото сценарио, кое не е содржано во буџетот, но е можно, е да бидат направени корекции на буџетот во вид на ребаланс доколку состојбите во Европа дополнително се влошат.

-  Ако состојбите во Европа дополнително се влошат тогаш ќе биде потребно да се направат корекции во вид на ребаланс кои не очекувам да се случат во првата половина од годината, но доколку биде потребно, најосновно ќе биде да го задржиме ниското ниво на буџетски дефицит, односно тој да остане во проектираните рамки со што најмногу ќе помогнеме во делот на стабилноста и во одржувањето на ниското ниво на вкупниот долг, рече Ставрески.

Тој смета дека македонската економија ќе ги задржи позитивните стапки на економски раст благодарение на солидните остварувања во првите шест месеци од годинава кога беше забележан раст од 5,2 проценти во просек.

Очекувањата се дека до крајот на годината економскиот раст ќе биде 3,5 проценти и оти за следната година ќе има позитивен економски раст.

Според гувернерот на Народна банка Димитар Богов, македонската економија ќе претпре штети од кризата во Европа што се очекува, но смета дека државата сега е поподготвена од 2008 година.

- Пред ударот што го очекуваме мислам дека сме во подобра ситуација отколку во 2008 година, односно македонската економија има помалку нерамнотежи за разлика од 2008 година, рече Богов, посочувајќи меѓу другото дека девизните резерви се на одлично ниво и може да го издржат првиот удар без поголеми проблеми, позитивни показатели има и во банкарскиот сектор, јавниот долг е еден од најниските....

Богов истакна дека се подготвуваат за сите можни сценарија, но оти скоро е невозможно сценариото за распад на еврозоната.

Кое сценарио и да се случи, депозитите на нашите граѓани се сигурни, без разлика дали се во евра или во денари. Тие нема да изгубат од својата вредност. Тој останува врзан за еврото така што она што го имаат во евра ќе вреди исто во денари, она што го имаат во денари ќе вреди исто во евра, порача првиот човек на Централната банка.