Средби на Јанкулоска во рамки на „Самитот на Белата Куќа за борба против насилниот екстремизам” во Вашингтон
Доцна синоќа, на првиот ден од „Самитот на Белата Куќа за борба против насилниот екстремизам”, кој се одржува во периодот од 18-20 февруари 2015 година во Вашингтон, САД, делегацијата од Министерството за внатрешни работи предводена од министерката Гордана Јанкулоска, во Стејт Департментот имаше работна средба со Џим Волш, заменик асистент на секретарот на меѓународното Биро за наркотици и спроведување на законот и со Ричард Милер – Директор на ИЦИТАП програмата.
На средбата, соопшти денеска МВР, било дискутирано за досегашната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави, реализирана преку овие програми. Од двете страни било констатирано дека таа се одвива континуирано, на високо ниво, при што било посочено дека поддршката за МВР ќе продолжи и во иднина во областите кои се од особен интерес на Министерството за внатрешни работи.
Министерката за внатрешни работи Јанкулоска учествуваше и на „Министерскиот состанок за размена на информации при справување со странските терористички борци” (Foreign Terrorist Fighters). На состанокот, кој го отворил и водел државниот Секретар на САД, Џон Кери, министерката Јанкулоска во нејзиното обраќање истакнала дека за соодветен одговор во борбата против “странските терористички борци”, покрај вклучување на сите земји на регионално и меѓународно ниво, потребно е вклучување и на невладиниот сектор, верските и религиозните заедници, како и сите останати организации и агенции кои се засегнати од оваа проблематика.
Таа посочила дека покрај тоа што во континуитет се следи и работи на спречување на лица да заминат во кризните подрачја како евентуални странски терористички борци, еден од начините за справување со оваа појава е и редовната и брза размена на информации меѓу експертите, преземањето заеднички акции, како и изнаоѓањето на ефективни средства и методи за превенција на сите екстремизми кои водат кон тероризам.
Во текот на денешниот ден, стои во соопштението од МВР, ќе се одржи централниот настан на Самитот на кој ќе учествуваат претставници на повеќе од 60 земји во светот. Предвидено е настанот да го отвори претседателот на Соединетите Американски Држави Барак Обама, а во четвртата сесија министерката Јанкулоска ќе има обраќање на тема „Зацврстување на работата на полицијата во заедница и односот меѓу безбедносните служби и заедницата како елемент во спречувањето и борбата против ширење на насилен екстремизам”.