Интегрално обраќање на министерката Јанкулоска на Вашингтонскиот самит
Интегралното обраќање на тема “Зацврстување на работата на полицијата во заедница и односот меѓу безбедносните служби и заедницата како состојка во спречувањето и борбата против ширење на насилен екстремизам“ што вчера во рамки на Вашингтонскиот самит посветен на борбата против насилниот екстремизам го имаше министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска:
“Во денешниот свет на модерни безбедносни ризици, феноменот на радикализација е сè повеќе присутен во секое општество во кое делови од младата популација ги прифаќа екстремните позиции и идеи, го менува своето однесување, од политички активизам преминува во употреба на насилни средства и методи.Паралелно со опасноста од повреда на општествената кохезија, продлабочување на поларизацијата по етничка/религиозна линија и појава на меѓу-религиски/меѓу-културни тензии – главна закана, но и врвен безбедносен приоритет за сите земји станува можноста од терористичко делување.
Учеството на македонски државјани во регионите во Сирија и Ирак каде што се водат вооружени конфликти, главно како активисти на „Исламската држава“, надополнето со присуство на екстремисти – лица и групи и ширење на радикални позиции, идеи и начела, особено од аспект на глобализацијата, укажуваат на потенцијална опасност од извршување на акти на насилство со елементи на тероризам.
Соочувајќи се со новите предизвици, Република Македонија постојано ги надградува своите нормативни и институционални капацитети, создавајќи сопствена безбедносна стратегија, усогласена со домашните потреби, но и со напорите на меѓународната заедница за заедничка борба против тероризмот.
Сепак, стартувајќи од позицијата дека екстремизмот и радикализмот, покрај безбедносната, имаат и поширока општествена компонента, цениме дека превенирањето на овие безбедносни феномени, нужно ја наметнува потребата од широка активност и на официјалните верски заедници, образовните институции, локалните заедници, медиумите и граѓанскиот/ невладин сектор.
Во оваа насока, работењето на полицијата во заедница како релативно нов концепт на работа на полицијата претставува ефективна алатка во борбата против тероризмот. Но тој е различен, во различни земји. Да се користи работењето на полицијата во заедница за спречување на тероризмот значи да се адаптира на политичкиот, општествениот и географскиот контекст каде што специфичниот пристаптреба да се спроведе.
Сите ние сме свесни дека поддршката на заедницата не може да се пртетпостави или да се земе здраво за готово; таа мора да се добие, таа мора да се заслужи. И колку што е тешко да се добие довербата на јавноста, толку е и лесно таа да се изгуби. Ова особено важи од аспект на спречувањето и борбата против тероризмот, затоа што како прашање тоа може да биде премногу чувствително или да се чини далечно за јавноста, па дури и да разбуди отпор и непријателски однос кон полицијата. Нивото на кое што community policing може да придонесе во бората против тероризмот зависи од нивото на доверба и соработка кое веќе постои меѓу полицијата и јавноста.
Во општество во кое што постојат различни етнички групи, улогата на полицијата се утврдува токму според нејзината мулти-етничност. Хетерогениот состав на населението е извор на диверзитет кој може да биде причина за одредени безбедносни проблеми, но исто така може да донесе и предности карактеристични за земјата. Преку кампањи за зголемување на свеста на јавноста, граѓаните може да се информираат за активностите на локалната полиција и на владата за спречување и подготовка во случај на терористички напади, а плановите за одговор на кризни ситуации може да бидат јавно достапни“.