Театарот за деца и младинци со нов ентериер
Театарот за деца и младинци е целосно ентериерно уреден со проект и финансии на Министерството за култура. Има нови седишта во гледалиштето, нова електрична инсталација, ново фоаје и тоалети. Покрај обновената внатрешност, оваа национална установа е и доекипирана - вработени се осум нови актери, по двајца режисери и драматурзи и административен кадар.
Театарот денеска го посети министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која е задоволна што во краток рок е извршена реконструкција со која театарот доби нов изглед и е ставен во функција, и вечер во нов амбиент ќе ја изведе претставата „Могли“. Остануваат уште неколку помали зафати со кои проектот ќе биде целосно завршен.
- За краток период се успеа да се завршат многу работи. Целта на проектот е подобрување на условите за работа во оваа институција. Тој опфати реновирање на салата каде што се изведуваат претставите, сменети се седиштата, завршена е електричната инсталација, реконструкција на фоајето, нов мебел, целосно уредување на тоалетите за посетители и за вработените. Ќе има и поставување на телевизиски екрани однадвор каде што ќе се движи репертоарот на театарот, за јавноста да биде информирана за секоја претстава, ќе се довршат и гримјорните за актерите, изјави Канческа-Милевска.
Најави дека салата ќе добие и техничка опрема (аудио и светлосна) во рамки на проектот на Министерството за култура за опремување на сите тетари со современа технологија, која се очекува да пристигне идниот месец.
- Задоволство ми е што во театарот се вработени и актери и административна служба која им беше, исто така, неопходна. Се надевам дека и во иднина, како и во изминатите 25 години, Театарот за деца и младинци ќе продолжи да биде наш репреезент и ќе придонесе за подигнување на свеста кај младата популација со тоа што го има на својот репертоар, додаде министерката за култура.
Директорот на ТДМ Драган Довлев рече дека поради двојно зголемениот број на актери - од осум на 16, двете гримјорни се мали и ќе се направат уште две со пренаменување на помошни простории.
- Треба да се напомене дека предвидената сума од шест милиони денари за реновирање на ентериерот на Театарот за деца и младинци ќе биде намалена на нецели четири милиони денари - сума за која сето ова ќе биде завршено, истакна Довлев.
Тој е задоволен од посетеноста на театарот која, како што рече, е над 90 проценти од капацитетот (120 седишта). Во декември имале 31 претстава со над 3.500 посетители.
Театарот оваа година ќе има три премиери одобрени во годишната програма на Министерството за култура: младинска претстава „Денес не напишав ниту еден збор“ во режија на Владимир Милчин, детска играна претстава „Животинска фарма“ од Џорџ Орвел (прилагодена за деца) во режија на Александра Кардалевска и куклен проект за деца „Петар Пан“ кој ќе го режира соработникот на ТДМ од Бугарија, Боњо Лунгов.
Театарт годинава ќе има балканска турнеја, а со претставите „Македонска приказна“ и „Оливер Твист“ ќе гостува и во Монс, Белгија, кој е престолнина на европската култура во 2015.