Околу 2.000 лица ќе се вработат на неопределено време во јавното здравство
Согласно Законот за трансформација во редовен работен однос во јавното здравство на неопределено време ќе се вработат околу 2.000 лица - медицински и помошен (административен) персонал, односно доктори, медицински сестри, техничари, хигиеничари, правници, информатичари... кои досега или волонтирале или работеле со договори на определено време.
За вработувањето на овие лица постапката веќе е во тек. Во првата група ќе бидат вработени 35 проценти од овие лица, односно околу 700 ќе бидат вработени веднаш, додека останатите ќе бидат вработени на неопределено време од 1 декември оваа година, односно од 1 септември 2016 година.
- Само во општите и клиничките болници низ државата ќе бидат редовно вработени вкупно 739 лица, од кои во првата група 259 лица. Во Универзитетските клиники во Скопје ќе бидат редовно вработени околу 600 лица, а само во првата група ќе бидат вработени 210 лица. Во здравствените домови ќе бидат вработени вкупно 168 лица, во специјалните болници, заводи и институти низ државата редовно ќе се вработат околу 300 лица. Во Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје редовно ќе се вработат речиси 200 лица, информираше на денешната прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.
На ваков начин, според него, долгорочно ќе се реши егзистенцијалното прашање на поголем број лица кои досега биле ангажирани во здравствените установи како волонтери или со договори на определено време.
- Ова е исклучително значајна мерка на Владата на Република Македонија, со која ќе помогнеме на илјадници семејства низ државата, имајќи предвид дека досега овие лица не биле редовно вработени и не можеле да остварат право на здравствено, пензиско, односно социјално осигурување, истакна министерот за здравство.
Според Законот, приоритет во динамиката на вработување имаат лицата кои се најдолго ангажирани во установите, односно оние лица кои имаат најдолго работно искуство во установата ќе бидат вработени во првата група.
- Во Специјалната болница за гинекологија и акушерство – Чаир има 15 лица што се ангажирани од 2003 година, кои околу 12 години работат како волонтери или со договор на дело, а сега ќе бидат редовно вработени. По 11 до 12 години се ангажирани и волонтерите во Општата болница Струга, околу 10 години во Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза во Скопје и на Клиниката за радиологија. Околу девет години се ангажирани волонтерите или лицата со договор на дело во Клиниката за радиотерапија и онкологија и Клиниката за пулмологија и алергологија, а околу 7 години на Клиниката за хематологија, рече министерот Тодоров.
Mеѓу останатите лица кои подолго време биле ангажирани со договор, како куриозитет, тој го спомена и лицето кое било ангажирано уште од 1994 година.
Информира дека сите јавни здравствени установи веќе ги отпочнале постапките за вработување на овие лица, ги доставиле потребните документи до Министерството за здравство, по што тие, како што рече, се доставуваат и до Министерството за финансии каде се склучуваат договорите. Тодоров очекува целата постапка да биде завршена во законски предвидениот рок од еден месец.