Прес-конференција на премиерот Никола Груевски
Почитувани претставници на медиумите,
Пред околу 25 дена излегов на прес конференција на која објавив дека Зоран Заев ми се закани со објавување на нелегално снимени телефонски разговори од речиси целиот државен врв доколку не го прифатам неговото барање за формирање на техничка влада, понуда која јас ја одбив. Посочив и дека неколку пати тој ми кажа дека матерјалот го прибавил во соработка со странска разузнавачка служба и дека за тие негови изјави постојат цврсти и непобитни докази.
Во меѓувреме тој започна со реализација на заканата, на очиглед на целата јавност.
Побарав од јавноста внимателно да следи и да не наседнува лесно на шпекулации и разни местенки, да внимава во каков контекст ќе биде пакувана целата нивна приказна и која ќе биде нивната цел, и секој еден добро да размисли пред да донесе свој став.
Денес сум тука пред Вас да одговорам на сите Ваши прашања и на прашања, кои јавноста деновиве со право си ги поставува. Пред да Ве повикам Вас почитувани преставници на медиумите да ми поставите прашања, ќе се обидам да одговорам на неколку најчесто поставувани прашања меѓу граѓаните, кои допираат до мене сиот овој изминат период.
1. Кога и како прв пат дознав за заканата и која беше мојата прва реакција?
Пред воопшто да побара средба со мене, Зоран Заев тој својата намера ја соопшти на најмалку 200 до 300 луѓе, главно негови познаници, сопартици, коалициони партнери,одредени блиски до него новинари итн. Истите тие, интересната информација ја прераскажуваа на нивните позници, блиски, сопртијци, соработници итн. Така, во период од неколку недели голем број луѓе нашироко прераскажуваа што се планира, па таквите информации допреа и до мене од поголем број страни, главно мои познаници, пријатели, сопартијци, подржувачи и слично. Така што кога З.З. побара средба со мене, јас веќе претпоставував зошто ја бара, односно знаев дека ќе следува закана и уцена од најдолен вид.
2. Како би постапил секој од Вас во таква ситуација?
Јас постапив на начин што случајот уредно го пријавив во надлежните институции, по што обвинителството издаде наредба за т.н. ПИМ мерки, во кои влегуваше снимање на разговорот, а потоа и останатите разговори на средбите со З.З.
Информациите по допрен глас се потврдија уште на првата средба, кога З.З. отворено и недвосмислено ме информираше дека странска разузнавачка служба го снабдила со поголем број снимени телефонски разговори од целиот државен врв и други јавни личности по што уследи барањето за формирање техничка влада. На ова, сите сте сведоци, претходеа низа јавни закани за тоа како ние за три дена ќе си заминеме, како ќе бидеме принудени на техничка влада и сл.
3. Откако информирав дека дел од прераскажаните разговори, кои ми ги прераскажуваше ЗЗ беа делумно точни, дел половично точни и половично неточни и дел целосно неточни, во јавноста еден период имаше шпекулации што тоа тој ми кажал. И кои разговори се точните разговори? Односно дека наводно сум признал дека нешто е точно.
Одговорот е дека ми прераскажа неколку разговори кои главно беа бенигни, неважни, без некоја посебна тежина, но требаше да послужат да ме убедат дека навистина тој има такви разговори. Со други зборови, целта беше да ми биде дадено до знаење дека заканата е реална а не блеф.
На пример, ми прераскажа еден разговор во кој мене ми се јави еден конкретен пратеник кој се пожали од односот на еден министер, по што јас телефонски контактирав со министерот прашувајки го зошто го навредил пратеникот, на што министерот негираше дека нивната дискусија била онаква како што мене ми ја престави пратеникот, за што посочи и сведоци од присутните на нивната дискусија именувајки ги сведоците присутни по име.
Или втор пример од изборите во 2013-та кога еден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ револтиран од провокациите на терен во струмичкиот регион, во разговор со директорот на УБК, изразувајки револт од односот кон него на некои активисти на СДСМ во лутина го информира дека размислува да се пресмета физички со нив, употребувајќи во нервоза радикални зборови, на што директорот на УБК му кажал дека тоа не е добро и дека го советува да не го прави тоа, совет кој пратеникот го прифатил.
Значи, ќе повторам, прераскажувањата беа со неважни примери и намерата беше само да ја сфатам сериозноста на заканата.
Но имаше и други разговори кои ми беа потенцирани, а кои укажуваа дека се целосно измислени и монтирани, како на пример дека за прашања од областа на надворешната политика јас многу често се советувам со еден наш пратеник, пред да разговарам со министерот за надворешни работи, а станува збор за пратеник со кого реално јас се имам слушнато 2-3 пати на тема неповрзана со надворешната политика, во последните четири години. Затоа реков јавно, а тоа му го кажав и на него директно, дека постојат разговори кои се неточни, а некои од нив делумно точни, затоа што не е тешко со денешната технологија, кога имате илјадници разговори од некого, да монтирате и да ги ставите во одреден контекст и функција.
4. Дали во мојата канцеларија постојано се снима?
Одговорот е НЕ.
Никогаш не се снимало ниту ќе се снима, освен доколку, како во случајот обвинителството не издаде таква наредба, а по претходна оправдана пријава, и заради што беше монтирана, а потоа демонтирана опрема за снимање во мојата канцеларија.
5. Кој стои зад снимањето? Се мисли на телефонскиот разговор
Според досегашните сознанија кои ги добив од МВР зад снимањето стои странска разузнавачка служба чии главен соработник во РМ е лицето З.В. кој развил своја агентурна мрежа во МК.
Во неговиот лап топ покрај останатите работи, пронајдени се и транскрипти на телефонски разговори prevedeni на англиски јазик, пред кои стои опис на имињата на лицата кои го водат разговорот и нивните меѓусеби релации, а исто така во матерјалите има и политичка анализа. И според овие информации, но и според повеќе други, со кои располагаат институциите и кои се обезбедени во процесот, јасно е дека материјалот бил наменет за надворешни лица кои не го разбираат македонскиот јазик, и кои недоволно добро ги знаат политичките и други јавни личности во РМ. Затоа било потребно да се преведат разговорите, да се опише кој со кого зборува, каква функција имат тие луѓе во Македонија и кои се нивните меѓусебни односи со цел нарачателот да има целосна и јасна слика, со анализа поткрепена со транскрипти од конкретни разговори помеѓу истакнати личности во политичкиот живот.
Дел од пронајдениот материјал кај лицето З.В. пронајден е и во компјутерот на неговата сопруга која го користела тој компјутер на нејзиното работно место во една финасиска организација во сопственост на приватна компанија од една соседна држава.
За тоа дали лицето З.В. и неговото семејство имале или не одредени незаконски дејствија, укажуваат и нивните панични реакции во обид со секира да го скршат комјутерот, низ прозор да ги фрлат мобилните телефони во кои испраќањето на пораки било со шифри со комбинација на броеви, и за нивната инволвираност прибавените докази МВР ги достави до јавното обвинителство и ќе бидат презентирани пред судот во понатамошната постапка.
Дали некој од Вас доколку е невин, и по некој случај му дојде полиција за претрес, ќе го крши компјутерот со секира, ќе го фрла мобилниот телефонот низ прозор, и дали некој нормален човек со сопругата и децата се допишува наместо со букви, и зборови,со бројки, шифри кои секој од нив знае како да ги дешифрира и да ги претвори во текст?
За среќа се ова е дешифрирано и обезбедено како доказ за на суд.
Следно често поставувано прашање
6. Дали за сето ова постојат докази?
Информиран сум од МВР дека од нивната комуникација со обвинителството се цени дека за сето ова постојат цврсти докази, како матерјални, така и сведочења, а за дел од нив ќе говорам и подоцна. Значи цврсти и непобитни докази.
Следно многу често поставувано прашање :
7. Едно од клучните и веројатно најчесто прашање кои јавноста го поставува е кој ги снимал телефонските разговори.
Еве го одговорот.
Откако Зоран Заев ми ја упати заканата, МВР регистрираше два начини на кои се снимале разговорите.
Првиот начин, за кој беше предаден на суд и за кој веќе денес објавија и медиумите дека имаме и една судска правосилна одлука е следниот.
Според сведочењето и признанието пред истражните органи во правосудната постапка на двајца од притворените, лицето З.В. врбувал две лица кои му помогнале во снимање на матерјалите за што добиле парична надомест. Двете лица според сознанијата кои ги добив, го признаа делото пред истражните органи во кривчната постапка, и како што пред малку видовме од медиумите судот веќе едно од лицата кое во целост го признало делото го осуди за виновно и му изрече затворска казна. Лицето Ѓ.Л. кое патем речено во времето кога лицето З.В. извршувал висока државна функција во МВР било негов прв соработник, во тоа време откако се соочило со доказите на МВР и обвинителството за стореното кривично дело, го признало делото признавајки дека како познаник и повеќе годишен соработник на лицето ЗВ по негово барање го врбувал лицето З.К. вработен во УБК од 1993 година кој е најискусниот и главен инжињер во МВР односно во УБК и кој работел токму на опремата за следење на комуникации во МВР која се користи само во законски одобрена постапка. Тој му кажал дека на З.В. му се потребни снимени матерјали со цел нивно давање на странска разузнавачка служба, а заради нејзини потреби за следење на политичките и општите состојби во РМ. За тоа му била ветена а потоа и реализирана парична награда во повеќе наврати. Материјалите биле доставувани до трет фактор, и користени за анализа и други дејствија.
Лицето З.К. ја прифатило незаконската понуда и нелегално, спротивно на закон ги приклучувало на снимање сите броеви кои доаѓале како нарачка од лицето З.В. а во посредство на лицето Ѓ.Л. снимените материјали ги предавал редовно на лицето Ѓ.Л. а овој пак на лицето З.В. по што следела паричната награда. И двајцата пред истражните органи изјавиле дека биле убедени дека тој материјал ќе заврши само кај странска разузнавачка служба, и дека никогаш нема да биде објавен јавно, што им влевало надеж дека никогаш нема да бидат разоткриени. Кај двете лица во извршениот претрес и проверки најдени се материјални докази за истотото и поголеми количини на пари и акции. Меѓу другото во претресот на лицето З.К. пронајдени се и ЦД-а со снимени телефонски разговори и тоа е пронајдено токму во неговата канцеларија.
Снимањето според нивните искази започнало некаде во 2010-та година.
Ќе повторам, двете лица го признаа делото пред надлежните институции. Судот веќе едното лице го осуди за виновно и лицето З.К. доби затворка казна за што пред малку објавија о медиумите. Пресудата е правосилна бидејки обвинетиот во целост го призна делото.
Со ова паднаа во вода и сите обвинувања на опозицијата дека ние стоиме зад прислушувањето за што всушност тие немаат ниту еден доказ. Ниту еден. Тоа им беше само параван за да почнат со објавувањето и јавноста да ги ослободи од некаква одговорност и да ги разбере дека нели тие биле репресирани и сега ќе објавуваат какви нелуѓе сме биле ние. Па шпекулираа со различни бројки, дека имало 26 илјади прислушкувани, па 20 илјади и слично, сето тоа наменски, за да создадат страв кај луѓето дека којзнае што имаат за некој од нив, односно да имаат можност да го балансираат гневот на граѓаните од фактот дека едно лице како Зоран Заев го има нивниот приватен живот на компакт диск, дека го руши системот на оваа земја, дека директно ги нарушува државните интереси, и ја руши приватноста на граѓаните.
Тоа околу првиот начин.
Вториот начин како се снимало е со т.н тактичка опрема.
Одкако Зоран Заев започна да ги упатува заканите кон мене, МВР покани врвни експерти за оваа проблематика од позната странска компанија, која со своја опрема изврши проверка и утврди дека повремено на различни локации главно во центарот на Скопје, непознат сторител врши нелегално прислушкување и снимање на телефонски разговори, користејки мобилна опрема, чија локација постојано се менува, а која функционира по принцип на клонирање на т.н. базни станици. Се правела промена на местоположбата, а во радиус од околу два километри од институциите, главно во центар, од каде се лоцирале токму и телефоните на државниот врв и носителите на јавни функции, и таа опрема ја приклучувале во одреден дел од денот најчесто помеѓу 12 и 18 часот.
МВР за ова има и писмен извештај за наодите кои произлегоа од нивната работа, но досега неуспеа да ги лоцира сторителите, заради што, истрагата за ова сеуште е незавршена.
Она што беше посочено е дека нивната анализа укажува дека оние кои го обавуваат снимањето со мобилната тактичка опрема се професионалци од висок калибар, високо обучени за такви дејствија.
Да сумирам дека, во изминатиот период Македонија била таргет на снимање на телефонски разговори на странска разузнавачка служба, потпомогната од нивни соработници од РМ. Снимениот материјал се преведувал на англиски и се испраќал кај нарачателот. Во еден момент, некаде кон средината на 2014-та година, за овие матерјали се информира и лицето Зоран Заев со цел да бидат објавени во јавноста и да биде исполнета одредена цел на тајната разузнавачка служба која е нарачател и финасиер на оваа операција. Лицето Зоран Заев најпрвин се обидува да изнуди техничка влада користејки закана дека ќе го објави овој материјал, за подоцна откако уцената ќе се одбие, да ја реализира заканата.
Директните извршители се уапсени, а за еден од нив кои во целост го признал делото, како што денес дознав од медиумите, судот веќе изрече казна затвор. За останатите ќе следи судската постапка.
Следно прашање
8. Би го искоментирал и тврдењето на Заев дека постапката против него и неговите соработници била со цел да се спречи да ги објави материјалите?
Ако целта ми беше да го замолчам или спречам како што самиот кажува тогаш логично би било да ги прифатам неговите уцени и неговите барањата за техничка влада. Но јас тоа не го направив. Овдека играта не е Зоран Заев, тој е само еден најобичен инструмент, камиказа, овде играта е многу поголема, преголема за неговите сфаќања. Јас не сум човек кој функционира под закани и уцени, тоа е неприфатливо кон граѓаните и кон државата да калкулирам за националните и државните интереси. Сите факти и околности треба, и верувам ќе се утврдат низ транспарентната и објективна постапка.
9. Се шпекулираше дека сме прифатиле на средбите техничка влада?
Апсолутно неточно, ако прифатев таква работа тогаш зошто СДСМ не се врати во Собрание тобидејќи тоа беше нивниот главен услов. Се работи за класична манипулација.
10.Дали безбедносниот систем е под сериозна закана и е провален?
Како и во секоја друга земја обиди за такво нешто постоеле и ќе постојат, и сите земји се соочуваат со тоа и работат на превенирање. Државата се грижи за функционалноста на безбедносниот систем и најдобар одговор на ваквиот вид обиди е токму оваа реакција на институциите и покренување на процесните дејствија за расчистување и расветлување на околностите поврзани со овој случај. Ако се сеќавате и во Германија, па дури и во Америка имаше ваков пробив на безбедносниот систем. Ние реагиравме соодветно и лицата кои го направија ова се фатени. Тоа е многу важно.
11. Се поставуваа прашања од типот Дали се вистина разговорите на високите функционери од Владата чии разговори ги објавува Заев
Дали се веродостојни или не, ќе потврди судската постапка, низ законска процедура, предвидена во законите за вакво нешто. Јас нема да навлегувам во веродостојноста на материјалите кои се прибавени, искреирани и се објавуваат на незаконски начин и кои се дел од постапката.
Само ќе ми дозволите да кажам неколку збора плус на оваа тема.
При обликување на претставата за сите нас граѓаните не анализирале, гледале како се однесуваме, како работиме, дали правиме добро или лошо. Граѓаните не познаваат долго време, многу долго, и имаат јасна слика што можеме да направиме, а што не. Што е израз на нервоза, на лутина, вербални навреди, а што е суштина на нашите карактери. Ние сме сепак на крај само луѓе, со сите наши слабости и со сите наши маани. И ние се радуваме, и ние се смееме, се нервираме, погодени од навреди, клевети, местенки, и ние тажиме при загуби или лични вредносни порази. И ние сме луѓе. Гледам во изминатиов период главна задача која си ја задала опозицијата е да не направи монструми,да не направи нечовечни. И морам да признаам дека советниците од страна добро ги советувале како да тргнат. Нормално целта им е да мобилизираат народ кој треба да им поверува на овие нивни клевети и конструкции и да почнат со протести, па да продолжат со пуштање креирани снимки, па протести, веројатно и некое насилство, и така да се занимаваме со ова, и буквално да не киднапира сите нас со се цела јавност во тој вртлог, а на страна од реалните теми и од потреби на граѓаните.
Тука сакам да потенцирам две работи:
- Граѓаните не познаваат кои сме и какви сме. Со нив сме речиси девет години, некои од нас и подолго и ни ги знаат и нашите маани и нашите доблести и што можеме и имаме срце и што не можеме да направиме;
- Од секој граѓанин зависи колку ова ќе трае, и колку ќе го окупира нивното и наше внимание.
Нашиот план е да се бориме против ова што и се случува на нашата држава. И под тоа мислам да се бориме со аргументи, со факти, со нашето вистинско лице, а тоа е она кое граѓаните го познаваат сиве овие години. Ние сме истите тие кои ги зголемуваа платите и пензиите и социјалната помош, истите кои трчаат по светот по инвеститори и придонесуваат за отворање на нови работни места, кои прават програми за самовработување, кои градат патишта, болници, инвестираат во здравството, им помагаат на земјоделците, сакаат да поправат нешто во образованието, истите кои даваат бесплатни учебници, компјутери за секое дете, нови автобуси, булевари, водоводни и канализациони мрежи. Ние сме истите тие кои работеа и сеуште работат со полна пареа на реалните проблеми, со наша програма и ветувања зад кои стоиме. Мнозинството граѓани гласаа за нас во континуитет речеси 9 години. Имаме свои слабости, грешки, пропусти, но тие никогаш не се од стратешко значење. Се трудиме многу. Граѓаните не познаваат кои сме. Јас сум убеден дека ова што сега се случува со сите обвинувања на опозицијата и налетот на блиските до нив медиуми со тоа што ставаат во контекст искреирани материјали од разговори, граѓаните нема да го прифатат, како што сум убеден дека вие многу добро не познавате и внимателно ќе ги следите сите детали поврзани со ова.
Нервоза, пцовки, гнев, лични негативни чувства, презир кон некого, вербални реакции од кои подоцна сме се срамеле или за кои сме се покајале сите ние сме искажале на различен начин, но важно е тие да не се суштината на нашето однесување. И вие добро знаете и граѓаните добро знаат дека не се, колку и некој да сака тоа свесно да ни го залепи ставајќи го во одреден контекст базиран на креирано сценарио.
Ние мора заеднички да се одбраниме. И ќе успееме.
Провокации ќе има многу. Некој сака сценарио кое ќе финишира со насилство и со сериозна криза. Ние тоа нема да го дозволиме.
Мојата порака до работниците, земјоделците, пензионерите, студентите, бизнисмените, професорите, лекарите, до оние кои се невработени, до оние кои ги тиштат истите секојдневни проблеми и кои бараат решенија на тие проблеми, мојата порака до сите граѓани е, важен е реалниот живот, реалните проекти, реалните потреби на сите вас, и кој може да одговори на тие потреби, кој може да ви понуди решенија за проблемите и нови можности, кој може да обезбеди нови работни места, нови патишта, нови училишта, болници и слично. Ние работиме за граѓаните, деструкцијата и валканата кампања нека ја тераат тие и нека тонат во својата безидејност. Да не им дозволиме нарачателите на ова да успеат во своите намери. Да останеме спокојни, трезвени во одлуките, и да не наседнуваме во провокации. Ова ќе помине. Побрзо отколку што многумина мислат. Нас не чека многу работа. Имаме многу проекти пред нас, има и над 25 компании кои донесоа или се пред носење одлука за инвестирање, на чие убедување сме потрошиле многу навистина многу време, сите ние, за да отворат можности тука, за да помогнат и да вработат наши сограѓани. Еве вчера потпишавме со компанијата која во Прилеп ќе отвори 2000 нови работни места почнувајќи постепено од октомври годиахнва. Тоа е реалниот живот. Тоа сме ние. Ние не сме тоа што сакаат да не прикажат.
12. Сигурно јавноста се интересира и за тоа дали ќе бидат разрешени функционерите или дали ќе си поднесат оставка?
Во контекст на ова сакам да потенцирам дека за овој случај никој не треба да брза со било какви одлуки и заклучоци. Во постапката, која што како што кажав и претходно треба да биде транспарентна, ќе се покаже се. Никој не треба однапред да биде суден, без да се знаат деталите и околностите за овие креирани материјали и не се утврди вистината низ судска постапка.
13. Многумина прашуваат како се ова би можело да заврши?
На ова прашање граѓаните ќе го дадат својот одговор, преку довербата која ја даваат и ќе ја дадат на сите нас на политичката сцена. Времето и граѓаните, се клучот, односно нивната определба дали сакаат да бидат вовлечени во ова деструктивно сценарио спремено и спакувано од страна, или ќе се насочат на реалните проблеми и на тоа кој ќе има подобра понуда и подобри решенија за проблемите на граѓаните, подобра програма, и резултати.
Инаку, овој рецепт за урнисување на државата преку креирани материјали во соработка со странски служби, со наведувачки воведи, на прес конференции нашата опозиција треба да го патентира. Вакво нешто досега на никого не му текнало. Замислете колку се би било полесно ако секој што претендира да биде сериозен политичар или партија и да води една држава, почне да соработува со служби и да креира материјал за да ја оцрни власта. Тогаш не се потребни ни проекти, ни програма, ни стручен кадар, тогаш е потребен само еден човек кој е доволно очаен, доволнолаком, доволно слаб, за да прифати да соработува и да прибегне кон вакво сценарио. Но, времето, времето ќе им го даде најјасниот одговор на сите нив, но и на оние кои во даден момент ќе се поколебаат и на оние кои ќе им повлијаат во ова сценарио.
14. Многумина се прашуваат дали очекуваме дестабилизација?
Споменав и на самиот почеток, но ќе повторам и сега, институциите на системот ја вршат својата работа одговорно и посветено и секако будно. Дестабилизација би била од најголема корист на оние кои го наметнуваат и спроведуваат ова сценарио, но мнозинството граѓани имаат мудрост и нема да дозволат да бидат дел од едно такво сценарио. Јас како премиер остро ќе се спротивставам доколку постојат било какви интенции во таа насока, а земјата и покрај било каква сериозност на некаков обид за дестабилизација ќе обезбеди ред и поредок.
15. Се поставуваше и прашањето која е странската служба за чии цели работеле овие луѓе, и чие сценарио реализираат.
Одговорот на прашањето со кого комуницирале овие лица и со какви намери, е познат на нашата служба. Јас толку можам да кажам во јавност.
16. И за тоа што некои луѓе злонамерно коментираа во смисла Како сум се чуствувал кога сум слушал низ креираните снимки однесување на моите соработници кои се однесувале нечовечки.
За тоа дали е некој човек или не, и за да се просуди за неговата личност, дали е добар или не како човек, потребно е нешто многу повеќе од неколку телефонски креирани разговори. И на најдобриот човек на светот ако му извадиш делови од неколку разговори во негативно расположение, можете да го претставите како лош човек, тоа е манипулација од страна на тој што ги креира и селектира разговорите.