Груевски: Предвременото раздолжување потврда за економската стабилност
Предвременото раздолжување кон Меѓународниот монетарен фонд од 174 милиони долари и денешното враќање на 25 милиони евра средства земени од државни записи покажува дека Македонија има стабилна макроекономска ситуација, оти буџетот е стабилен, а долгот на државата е сведен на 34,9 проценти од БДП, што е еден од најниските во Европа.
Ова го истакна премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарски прашања по денешното доделување решенија за вработување на деца без родители истакнувајќи дека Македонија вторпат се раздолжува предвреме.
- Ние и во 2007 и 2008 година направивме еден сериозен исчекор во предвремено раздолжување. Тогаш бевме и доста критикувани од опозицијата, а сега гледам молчат и ги нема никаде. Во тој период не критикуваа дека тоа не било паметен чекор, потоа, пак, тоа многу ни помогна за време на светската глобална криза и финансиска криза. Сега повторно го правиме тој чекор и со него долгот на државата е сведен на 34,9 отсто од БДП што е еден од најниските државни долгови во Европа. Раздолжувањето беше за 174 милиони долари со што во целост се заврши таа обврска што ја имавме кон ММФ, изјави премиерот.
Тој додаде дека дополнително е и раздолжувањето кон приватните банки за претходно земените државни записи, а кои значат олабавување и ослободување на средства во домашната економија, бидејќи банките овие дополнителни средства сега ќе треба да ги пласираат некаде.
- Тоа најмногу говори дали во моментот Македонија има стабилна макроекономска ситуација, дали има стабилна состојба со буџетот, дали имаме или немаме било какви проблеми. Кога предвремено се раздолжувате, кога враќате долгови, а не земате одредени нови средства тоа е најдобар одговор на се, рече премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарски прашања.
Предвременото раздолжување вчера го поздрави Меѓународниот монетарен фонд, а претходно и бизнис заедницата и експертите. Република Македонија предвреме ги исплати вкупните заостанати обврски кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во износ од 173,3 милиони долари. Овие обврски произлегуваат од средствата повлечени во рамките на Претпазливата ликвидна линија, одобрена во јануари 2011 година. Според првичниот план, последната рата требаше да се исплати во март 2016 година.