Нов оглас на Владата за странски експерти во домашните компании
Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев
Почитувани,
Во текот на 2014 година Владата на Република Македонија започна со реализација на проектот преку кој беа ангажирани странски експерти за потребите на домашните компании. Во рамките на првиот циклус од овој проект потреба за странски експерт пријавија 98 компании за реализација на вкупно 105 мисии во компаниите.
Во досегашниот тек на проектот, согласно зацртаната динамика веќе над 50% од странските експерти ги завршија своите мисии во домашните компании, односно престојуваа во домашните претпријатија и со својата експертиза придонесоа за позитивни придвижувања на деловниот перформанс на претпријатијата. Согласно акцискиот план во следниот период и останатите странски експерти од првиот циклус ќе престојуваат во остатокот од домашните компании.
Во најголем дел, односно 46% од странските експерти беа ангажирани во компании кои се од областа на производството на производи за широка потрошувачка, 11% партиципираа во компании од услужната дејност, а 8% во компании од областа на технологијата.
Опфатени се компании од 20 градови во државата, кои се различни по обем на вработени. Мали претпријатија кои имаат до 50 вработени беа посетени од 63% од експертите, средни компании со број на вработени од 50 до 250 работници добија експертиза од 29% од експертите, а 8% од странските стручни лица работеа во големите компании со над 250 вработени.
Ефектите од овој проект се навистина позитивни. 45% од компаниите истакнаа дека странскиот експерт помогнал во подобрување на производствениот или услужниот процес на претпријатието, 45% истакнале дека имале придобивки во делот на маркетингот, а 10% во делот на процесите на анализа и планирање на дејноста.
Над 80% од компаниите истакнаа дека повторно би ангажирале странски експерт. Она што е најбитно за нас како Влада е дека над 85% од компаниите каде што престојувал странскиот експерт истакнале дека како резултат на неговата експертиза и подобрувањето на деловниот перформанс од таа експертиза отвориле или се во процес на отворање на нови работни места.
Согледувајќи ги сите овие позитивни резултати и како резултат на барањата на бизнис заедницата, Владата одлучи да се реализира нов втор циклус од проектот за ангажирање на странски експерти за потребите на домашните компании.
Во текот на утрешниот ден ќе биде објавен јавен повик кој ќе трае 45 дена, на кој ќе може да се пријават сите компании, независно од секторот во кој функционираат, кои имаат потреба од ангажирање на странски експерт во нивната компанија и кои ги исполнуваат следните услови:
-да постојат најмалку 2 години, за што како доказ со апликацијата се доставуваат последните два биланси на успех;
-да имаат најмалку 5, а најмногу 250 вработени, со цел да се даде поголем фокус и поддршка на малите и средни претпријатија;
-да имаат најмалку 51% учество на домашен капитал, за што како доказ со апликацијата се доставува тековна состојба од Централен регистар.
Компаниите кои имаат потреба од странски експерт, треба да ја наведат конкретната потреба за ангажман на експертот, односно делот од производствениот или организациониот процес за кој е потребна експертиза и предметот на експертиза.
Апликациите на оние компании кои ги исполнуваат условите од овој јавен повик ќе бидат проследени до странските партнерски организации кои нудат експертска помош, за да може да се поврзат страните и да се утврди и прецизира точниот профил на бараниот експерт. Владата во соработка со странските организации кои нудат ваков вид на техничка помош ќе овозможи да бидат покриени најголемиот дел од средствата потребни за ангажирање на странскиот експерт, пред се главните трошоци како што се надоместокот за ангажман на експертот (дневници за работа) и транспортот од земјата во која функционира експертот во Македонија и обратно. Домашните компании, со нивна согласност, би имале обврска единствено за определен минимален партиципативен надоместок за покривање на локалните трошоци за ангажман, како што се на пример за сместување, евентуален локален транспорт на експертот, и тоа за периодот за кој тој ќе работи за домашната компанија. Избраните експерти, со цел да направат анализа и придонес во работењето, во период од 7 до 21 ден ќе престојуваат во домашната компанија и ќе дадат свои совети и мислења во насока на подобрување на работењето на компанијата.
Овој проект е конкретна и позитивна поддршка на домашната економија. Имајќи ги во предвид позитивните искуства од првиот циклус, сметаме дека и во рамки на вториот циклус ќе се продолжи со подобрување на деловниот перформанс на компаниите кои ќе бидат дел од проектот. Апелираме компаниите кои имаат интерес за овој проект да се пријават преку електронската апликација на владината интернет страница или со достава на поднесок во владината архива, и на тој начин да добијат можност низ една експертска помош да ги подобрат своите деловни перформанси, да обезбедат раст на своето претпријатие, поголема профитабилност, освојување на нови пазари и отворање на нови работни места.