Груевски: Со еднократниот отпис на долгови реагиравме како ниту една влада во светот
Деветстотини милиони денари досега се отпишани долгови на 9.000 семејства во рамки на владината мерка за еднократен отпис на долгови на граѓаните. Најголемиот дел од отпишаните долгови се за струја, потоа кредити и минуси на трансакциски сметки и за долгови за радиодифузна такса и топлинска енергија. Вкупно во рамки на мерката се поднесени 41.765 барања и се работи на подготвување решенија. На триесетина од нив денеска им беа доделени решенијата за отпис на долговите. Решенијата во Владата ги додели премиерот Никола Груевски, во присуство на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
- Во духот на нашите заложби засновани на начелата на хуманизам, социјална праведност и солидарност изминатата година ја донесовме мерката за еднократен отпис на долгови на граѓани. Ова беше наше изборно ветување и беше директно наменета да помогне на најпогодените наши граѓани, рече премиерот Никола Груевски на доделувањето на решенијата.
Посочи дека Македонија беше прва која излезе со ваква мерка и оти другите држави ја преземаа.
- Реагиравме човечки, реагиравме како ниту една влада во светот што не реагираше, рече премиерот и изрази надеж дека Владата помогнала на многумина и економски растоварила голем број семејства на кои навистина им била потребна помош.
Истакнувајќи дека многумина ја дочекаа со неверување мерката истакна дека Владата решила да помогне на начин на кој никој во светот не помогна. - За разлика од некои други држави каде што се отпуштаа работници, се зголемуваа даноците и се преземаа голем број други мерки кои ја отежнуваа и така тешката ситуација на луѓето, во Македонија се случуваа малку поинакви процеси, истакна Груевски.
Како што додаде, еднократниот отпис на долгови на граѓаните е мерка која директно се однесува на корисниците на социјална и постојана парична помош, невработените лица кои бараат работа повеќе од 12 месеци и лицата изложени на социјален ризик поради тешка болест, настапена инвалидност или смрт на брачниот другар.
- Во разните контакти со граѓаните проценивме дека токму овие категории граѓани во услови на економска криза имале особени потешкотии да ги сервисираат своите долгови за струја, парно, телевизија или пак долгови кон некои банки, рече премиерот и додаде дека не постои човек кој во животот не се соочил со проблеми и со потреба од помош и токму затоа, како што истакна, треба да си помогнеме секогаш кога можеме и секогаш кога е потребно.
Потсети дека досега Владата имала повеќе проекти поврзани со социјално најзагрозените, невработените, лицата со посебни потреби, децата без родители и родителска грижа, корисниците на социјална помош и други категории граѓани и дека и понатаму ќе продолжат со реализација на многу мерки и проекти за поддршка и помош на оние на кои им е најпотребно.
- Од тука сметам дека направивме добро дело и дека ова е одличен пример и голема победа за социјалната солидарност во Република Македонија, истакна премиерот Груевски.
Најголемиот дел од отпишаните долгови се за струја, на второ место се кредити и минуси на трансакциски сметки, на трето место долгови за радиодифузна такса и на четврто долгови за топлинска енергија.
Барања за отпис на долговите граѓаните може да поднесат од 18 август до 13 октомври минатата година. Се отпишуваа долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година. Барања можеа да поднесат лица приматели на социјална помош, невработени подолго од 12 месеци и лица кои имале смртен случај или инвалидитет во семејство кои не можеле да ги исплаќаат обврските.