Нови апарати за генотипизација на ХИВ на Клиниката за инфективни болести
Апарати за генотипизација на ХИВ вирус се пуштени денеска во употреба на Клиниката за инфективни болести. Набавени се во соработка со Глобалниот фонд за борба против ХИВ/СИДА, туберколоза и маларија. Вредноста на еден од апаратите е околу 85 илјади евра (над 5 милиони денари) и заедно со вредноста на другите апарати, набавени во таа јавна здравствена установа, станува збор за инвестиција од над 11 милиони денари.
Ова денеска го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, на промовирањето на апаратите сместени во лабораторија на Клиниката. Посочи дека најзначајно е што првпат во потесниот регион се набавува ваква апаратура со која ќе може да се прави генотипизација на ХИВ вирусот.
Според него, тоа е од исклучително значење за да може да се постави соодветна и квалитетна терапија односно да не се јавува ситуација во која ќе се дава една терапија, а после шест месеци или една година да се востанови дека пациентот бил отпорен на таа терапија.
- Идејата е дека со тоа не само што се подобрува квалитетот на здравствената услуга и состојбата на пациентите, туку и се прави определена заштеда. Согласно она што ми го кажа директорот на Клиниката, според најновите студии, околу 3.000 долари по пациент се смета дека се прави заштеда, затоа што на секој пациент му се дава соодветна и точна терапија и нема потреба од менување на терапијата, рече Тодоров.
Поради тоа, нагласи, оваа лабораторија која што денес ја промовираат е од исклучително значење и ќе помогне многу и на лекарите на препишувањето на терапијата и на пациентите да добиваат најсоодветна и најсовремена терапија која ќе биде во функција на подобрување на нивната здравствена состојба.
Директорот на Клиниката, Ѕвонко Миленковиќ рече дека на глобално ниво постојат два начини на пристап во лекување на пациенти со ХИВ инфекција.
- Оној пристап по кој ние се опремуваме егзистира во поразвиениот свет односно остварува значително подобри резултати во однос на оние кои одат со стандардниот пристап, кој базира исклучиво на клиничката проценка која базира на вирусолошкиот и имунолошкиот одговор, посочи Миленковиќ.
Одговарајќи на новинарско прашање истакна дека годинава пет нови случаи со ХИВ инфекција се потврдени на Клиниката.