Министерот Ставрески го означи стартот на инвестициски проект во Охрид вреден околу два милиони евра
Инфраструктурни проекти во вредност од околу два милиони евра ќе се реализираат во Охрид. Почетокот на реализацијата на проектите, за кои Владата обезбеди средства преку Светска банкиа, го означија вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.
Обраќајќи се пред присутните на означувањето на почетокот на реконструкцијата на улицата „Питу Гули“ Ставрески рече дека станува збор за први сериозни инвестиции во Охрид после повеќе од две децении.
- Станува збор за инвестиции во инфраструктурата, нешто што во голем дел ќе помогне во подобрување на животот на граѓаните. Инвестициите во инфраструктурата и во отворањето работни места се двата основни начини како можеме да го подобриме животот на граѓаните, истакна тој.
Министерот Ставрески нагласи дека станува збор за средства од 128 милиони денари, наменети за изградба на околу пет километри локални и регионални патишта, изградба и реконструкција на шест улици во градот и два кружни тока за регулирање на сообраќајот на главната сообраќајна артертија – булеварот „Туристичка“.
- Со овие средства истовремено ќе се реконструираат и улици на кои не е интервенирано повеќе од 40 години...На тие улици ќе се смени асфалтот, ќе се уредат тротоарите, ќе се обнови атмосферската канализација. Со проекот се предвидени и средства за реконструкција на локалниот пат до село Елшани и патот што минува низ селото Лескоец, рече Ставрески.
Меѓу другото, во тек е и постапката за набавка на пет специјални комунални возила наменети за подобрување на чистотата на градот.
- Сакам да истакнам дека овие капитални инвестиции не се единствените што се реализираат во градот. Очекувам за една година да се комплетира проектната документација и студиите за заштита на животната средина за изградба на патот до Пештани и инвестици во изградба на болницата „Свети Еразмо“, универзитетскиот комплекс и други инвестиции насочени кон подобрување на ликот на градот Охрид, рече Ставрески.
Притоа тој најави и подобри времиња за Охрид, кога станува збор за намалувањето на невработеноста.
- Веќе се ваботени првите 50 лица во германската фабрика „ОДВ Електрик“ која што во јули ќе почне со изградба на фабрика во ТИРЗ „Охрид – Струга“ и очекуваме до крајот на првиот квартал од 2016 таа да е завршена, додаде заменик-премиерот, појаснувајќи дека истовремено се работи на реконструкција на хала во градот за компанијата „Костал“, во која ќе почне производство, што ќе значи отварање нови работни места.
Сето тоа е значајно бидејќи, како што рече, ќе отвори нов инвестициски циклус што означи крај на дологодишниот тренд на затворање погони во Охрид.
- Дојде време да зборуваме за инвестиции и нови фабрики. Посакувам градоначалникот и неговиот тим да продолжат со успешна работа и го предизвикувам доколку успее да го реализира проектот онака како што е предвидено, за следната година му ветувам уште милион евра инвестиција во Охрид за нови проекти, истакна Ставрески.
Градоначалникот Бакрачески, кој претходно денеска даде отчет пред граѓаните за сработеното во првите две години од актуелната гарнитура на локалната самоуправа, истакна дека вториот дел од неговиот мандат ќе го отпочне со реализација на претходно најавуваните и подготвуваните проекти.
- Изминатиот период напорно работевме за да дојдеме до реализација на овој проект...На ова претходеше долготраен процес на исполнување на критериумите на Светската банка, а со согласност на Министерството за финансии, во кој што целокупната техничка документација ја изготвија кадрите и стручните служби на Општна Охрид, истакна Бакрачески.