Честитка од премиерот Груевски по повод еврејскиот празник Пасха

До: Г-ѓа Берта Романо – Николиќ,
Претседател на Еврејската заедница во Република Македонија
      
                   
До: членовите и припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија,  
                                                 


Почитувана г-ѓо Романо – Николиќ,

Имам чест и задоволство, во името на Владата на Република Македонија и во свое лично име, Вам и на сите припадници на Еврејската заедница во Република Македонија, да Ви упатам најсрдечни честитки по повод големиот празник ПЕСАХ.
    Неговото славење говори за почитта кон независноста, слободата и волјата на секој човек. Овие вредности се подеднакво значајни и за еврејскиот и за македонскиот народ, кои низ својата историја вистински ја спознале нивната важност.
    Празниците како овој се дел од културната разноликост која Македонија ја прави препознатлива и уникатна. Почитувањето на различностите и прифаќањето на вредностите на заедниците, со кои се промовира унапредувањето и развојот на мултикултурализмот, е одлика на општество во кое инклузивноста е темел на меѓуетничките и меѓурелигиските односи. Еврејската заедница со векови е дел од македонското општество врз кое трајно го оставила својот позитивен белег. Принципите на почит на човечкиот живот, човечкото достоинство, вербата во демократијата и желбата за силна и подобра Македонија не обединуваат и уверен сум дека и понатаму ќе продолжиме заеднички да ги развиваме и втемелуваме во нашата држава. Само со ваков пристап можеме да се надеваме на иднина во која ќе продолжиме сите подеднакво да ги уживаме своите права и слободи, токму како што е во духот на големиот празник кој Евреите од Македонија и ширум светот го прославуваат на овој ден.
Честитајќи Ви го уште еднаш големиот празник ПЕСАХ, Ви посакувам убави празнични денови.

    Со почит,
 

Никола ГРУЕВСКИ