Груевски: Велигден е денот кога се празнува Христовата жртва за човековото спасение

До: Поглаварот на Македонската Православна ЦркваОхридска Архиепископија

Архиепископ Охридски и Македонски Господин Господин Стефан

 

Ваше Блаженство,

Дозволете ми со голема радост во мое лично име и во името на Владата на Република Македонија, Вам, на членовите на Синодот и на сите православни верници од Македонија и дијаспората, да Ви го честитам големиот Христијански празник - Велигден искрено посакувајќи Ви среќни и благословени празнични денови.

Велигден е денот кога се празнува Христовата жртва за човековото спасение, тоа е празник на љубовта, почитувањето на животот, и вербата во спасението. Велигден е длабоко вкоренет во нашата православна традиција и меѓу православните граѓани кои со голема радост и почит пристапуваат кон празнување на овој ден. Велигден е и празник кој во себе ја носи универзалната и цивилизациска порака на љубов и взаемно почитување, на соживот и разбирање. Секој човек поминува низ мигови на искушенија, наш предизвик е да ја пронајдеме силата во себе да се издигнеме над предизвиците на телото и умот и со божја волја да го избереме вистинскиот пат, патот на почитување, на сакањето, да си помагаме и да не си грешиме или да си предизвикуваме зло еден на друг. Примајќи го зборот божји во нашите срца, даваме мир и спокој на душата. Обединети околу овие вредности треба да чекориме напред, сите заедно да придонесуваме во напредокот и развојот на нашата заедничка држава Република Македонија.

Пораката на овој ден е љубовта и искреноста да не бидат скудни во нас, тие нека бидат наша одлика во секојдневието и ќе ни донесат почит од луѓето.

Велигденското празнување нека ни донесе божји благослов кој ќе допре до сите нас и кој ќе ги осветли душите на сите православни верници. Нека милоста божја биде почувствувана од сите добронамерници, нека значи среќа, мир и долговечност за сите верници, за Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија, и за целата наша држава Република Македонија.

 

            Нека е за многу години големиот празник !

            Вечно нека се слави името на нашиот БОГ!

 

            ХРИСТОС ВОСКРЕСНА !

            НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА !

 

            Со почит,

Никола ГРУЕВСКИ