Мајката на Нешковски била повикана на средба, демонстрантите спречиле таа да се реализира
Мајката и братот на починатиот Мартин Нешковски вчера побарале средба во Владата на Република Македонија, а премиерот Никола Груевски и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска веднаш донеле одлука тие да бидат примени. Средбата не се реализирала бидејќи со неа толпа протестанти сакала да влезе во Владата.
- Министерката Јанкулоска веднаш издаде наредба до командирот на полицијата да ја отвори заштитната ограда за да може во Владата да влезе мајката на Нешковски. Но, тоа веднаш беше злоупотребено. Толпа народ сакаше да влезе и тоа не можеше да се реализира, изјави Груевски за Канал 5.
Вториот проблем кој премиерот го посочи е фактот што мајката на Нешковски побарала на таа средба да присуствуваат и медиуми, активисти и протестанти. Според Груевски, тоа укажува на други намери и ако мајката навистина сакала да разговара со него или со Јанкулоска немало потреба од присуство на останатите.