Седум ловишта добија договори за користење на дивечот
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков денеска ги додели договорите за користење на крупен и ситен дивеч на седум ловишта под концесија во ловните реони Делчево, Македонска Каменица, Прилеп и во Македонски Брод.
Со ловиштето „Стровија“, во следните 20 години ќе управува друштвото за лов „Баллтин Клепалл“ Црнилиште - Долнени, а концесијата изнесува 2.040.000 денари за првиот 10 годишен период.
Друштвото за услуги, трговија и промет „Петрин Лоџ“ ДООЕЛ Македонски Брод е идниот концесионер на дивечот во ловиштето „Требовље“, за 1.081.300 денари, додека ловното здружение „Саса“ од Македонска Каменица“ ловиштето „Вратиславци“ во наредните 10 години ќе го користи за лов на ситен дивеч за 270 илјади денари.
Ловечкото здружение „Острец“ - Делчево ќе стопанисува со четири ловишта и тоа: „Влаина“ за 656.500 денари, „Голак“ за 957 000, „Бигла“ за 518 илјади и „Киселица“ за 254.000 денари за 10 години.
Ловиштата, како што информират од МЗШВ, се доделени по пат на електронско јавно наддавање.