Aкција за бесплатни превентивни прегледи во рамки на програмата „Здравје за сите“
Акција за бесплатни превентивни прегледи на граѓаните во рамки на превентивната програмата „Здравје за сите“ на Министерството за здравство почна вчера и ќе се спроведува до крајот на месецот во сите здравствени домови или на фреквентни места во градовите.
Целта на акцијата која се спроведува во пресрет на летниот период и престојните високи температури е да се подигне свеста кај граѓаните без оглед на возраста за континуирана грижа за своето здравје и вршење навремени превентивни прегледи.
Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција рече дека бесплатните превентивни прегледи ќе бидат според однапред утврден распоред, а секој здравствен дом ги организира во определен ден според распоредот од 8 до 11 часот и на точно определена локација за која граѓаните ќе бидат информирани.
Покрај лекарскиот преглед, посочи министерот, медицинските тимови од здравствените домови вршат мерење на крвен притисок, телесна тежина и висина и одредување ниво на шеќер и маснотии во крвта.
- При тоа се даваат и совети за грижа за здравјето, препораки за начин на исхрана, а во пресрет на високите температури и совети за превенција од температурните влијанија. Резултатите од извршените мерења на граѓаните им се соопштуваат веднаш, а лицата кај кои ќе се утврдат повисоки вредности се советуваат и се упатуваат на натамошни прегледи преку својот матичен лекар, истакна Тодоров.
Појасни дека во рамки на акцијата која почна вчера веќе се спроведуваат бесплатни превентивни прегледи во Скопје, Гевгелија, Гостивар, Дебар, Кавадарци и Кичево.
Забележано е, укажа Тодоров, дека лицата кои примаат терапија за зголемен крвен притисок или зголемено ниво на шеќер во крвта се добро информирани за својата здравствена состојба, за начинот на лекување и за потребата од консултативни медицински прегледи.
- Констатирани се пет случаи на лица кои имале зголемен крвен притисок или зголемени вредности на холестерол, а воопшто не биле свесни за оваа здравствена состојба, ниту претходно имале побарано здравствена помош и поради тоа веднаш се дадени совети за натамошни медицински иследувања, хигиено диететски режим на исхрана, како и совети за превенција од топлото време. Овие совети се дадени или се даваат и кај лица кај кои е констатирана зголемена телесна тежина, рече Тодоров.
Потенцира дека денеска се спроведуваат бесплатни превентивни прегледи во Кочани, Крива Паланка и Куманово, утре ќе се спроведат во Охрид, Прилеп и Струга, на 22 јуни во Струмица, Тетово и Велес, на 23 јуни во Штип, Берово и Македонски Брод, на 24 јуни во Валандово, Вевчани и Виница, на 25 јуни во Делчево, Демир Хисар и Кратово, на 26 јуни во Крушево, Неготино и Пехчево, на 29 јуни во Пробиштип, Радовиш и Ресен, а на 30 јуни во Маврово-Ростуше, Свети Николе и во Битола.
- Распоред за оваа акција е објавен на веб страницата на Министерството за здравство, а секој здравствен дом има обврска да ги информира граѓаните преку локалните медиуми, додаде Тодоров.