Спасов: Посебниот додаток за деца со пречки во развојот зголемен за 25 проценти
Износот на посебениот додаток за деца со пречки во развојот од материјално необезбедени семејства од денеска е зголемен за 25 проценти.
- Реализирано е уште едно ветување на Владата на Република Македонија. Околу 1.030 родители денес на своите сметки добија зголемен посебен додаток за цели 25 проценти. За зголемувањето се обезбедени 18,5 милиони денари за период од една година, изјави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Тој денеска имаше средба со претседателите на националните сојузи на лица со инвалидност, на која разговараа за неколку проекти кои се нивни предлози и се во фаза на реализација. Целта на средбата е министерот да ги слушне нивните мислења за проектите за тие што подобро да се имплементираат.
- Еден од проектите е грантот за самовработување за лицата со инвалидност кој набргу ќе почне да се реализира. Ќе продолжиме да даваме максимум во однос на подобрување на правата на лицата и децата со пречки во развојот, на лицата со инвалидност, за да се подобрува нивниот секојдневен живот, рече Спасов.
Претседателите на националните сојузи на лица со инвалидност се задоволни од поддршката што ја добиваат од МТСП.
Бранимир Јовановски, претседател на Националниот сојуз на лица со трелесен инвалидитет „Мобилност Македонија“, изјави дека имаат постојана комуникација и многу добра соработка со Министерството за труд и социјална полтика во остварувања на правата и подобрување на состојбата на лицата со телесна инвалидност.
- Една од основните нивни потреби, посебно на лицата со потешка инвалидност, се социјалните примања и секое зголемување е подобрување на состојбата во која тие се наоѓаат. Денеска ќе разговараме и за вработувања на овие лица што е многу важно за тие да стекнат своја егзистенција и да можат да носат битни одлуки во животот. Се надевам дека овие проекти ќе вродат со плод и дека за кратко време ќе може да се пофалиме дека положбата на лицата со телесен инвалидитет и на останатите видови инвалидност е уште подобра, истакна Јовановски.
Васко Марков од Националниот сојуз на глуви и наглуви се заблагодари за проектите кои ги користат нивните членови. - Многу сум задоволен од сите проекти кои се направени - додатокот за глувост, вработувањата на глуви во „Македонски шуми“, обуките за знаковен јазик. Од сите ветувања имаме позитивни резултати, рече Марков.
Претседателот на Националниот сојуз на слепите Жарко Селковски, исто така, во име на нивното членство се заблагодари за проектите што ги реализираат МТСП и Владата.
- Зголемување за 25 отсто на додатокот за деца е од огромно значење, како и проектот за самовработување на инвалидните лица за кој разговараме денеска. Верувам дека ќе има уште проекти од корист на сите инвалидни лица во Македонија и дека соработката ќе продолжи, изјави Селковски.