Доделени наградите за најдобар краток филм на тема „Заедно за училишта без насилство“

Огнен Огњановски, Ангелче Милев и Олза Неими се добитници на првите награди за најдобар краток филм во трите категории на тема „Заедно за училишта без насилство“.

Втората награда во категоријата „Заедно за училишта без насилство“ ја доби Стефан Митановски, во втората категорија „Биди промената што сакаш да ја видиш“ наградата ја доби Мирјана Петрушевска и во третата категорија „Слободно да кажеш што сакаш за создавање училишта без насилство“ втората награда и припадна на Марија Кекеновска. 

Изборот за најдобар краток филм е направен меѓу 33 финалисти. 

Со изборот на најдобар краток филм заврши истоимената кампања на УНИЦЕФ и на Министерството за образование и наука (МОН).

МОН, како што информира министерот Панче Кралев, изработи поширока стратегија, план за обука на наставниот и помошниот кадар во училиштата со цел справување со ситуации каде има потенцијал да дојде до насилство во училиштата. Такви обуки се спроведени во сите основни и во одредени средни училишта.

Кралев нагласи дека е потребно Министерството заеднички со сите учесници во образованието, како што се родителите, наставниците, учениците, директорите да преземат активности и конкретни чекори за надминуавње на овие проблеми.

Тој посочи дека Министерството не може да врши физичка контрола на учениците дали поседуваат оружје или не, но оти во соработка со општините е ангажирано физичко обезбедување за подобрување на безбедносната состојба и делување превентивно каде што ќе има потреба.

- Во некои училишта се инсталирани и технички средства за надгледување на ходниците и местата каде се движат учениците со цел да се помогне во превенцијата и да се помогне во идентификација на ученици кои би можеле да предизвикаат некакви проблеми, додаде министерот за образование и наука.

Министерството за труд и социјална политика, според министерот Спиро Ристовски, се бори против сите видови насилство и девијантно однесување во семејствата.

- Министерството ќе ги даде сите потребни ресурси и капацитети во поддршка на Министерството за образование и наука за заедничко фокусирање во борбата против насилството во училиштата бидејќи тоа придонесува за развој на општеството во целост, рече Ристовски.

Невенка Крушаровска, заменик - народен правобранител, одговорна за правата на децата, смета дека мерките ќе ја зголемат јавната свест не само кај децата, туки и кај родителите, наставниците и секој поединец дека проблемите не треба да се решаваат со насилство туку мирно.

- Покрај едукацијата на наставниците потребна е и едукација на младите, односно исполнување на целите на образованието пропишани и во Конвенцијата за правата на детето и во законската регулатива дека децата треба да растат во општество исполнето со мир, меѓусебно разбирање и пријателство меѓу сите и оти насилството не е  решение на проблемите туку мирното разбирање, истакна Крушаровска.  

Народниот правобранител, посочи таа, го следи проблемот и бара изнаоѓање системско решение за искоренување на насилството во училиштата, преку едукација на децата и на наставниците, и како што рече, преку контрола на децата да не носат оружје во училиштата.

Кампањата „Заедно за училишта без насилство“ е дел од заедничките заложби на Владата на Република Македонија, УНИЦЕФ и партнерите од граѓанското општество за справување со насилството во училишта. Почна во мај годинава со конкурс за стихови за песна на која можеа да учествуваат сите деца. Од стиховите на победниците на конкурсот е направена тематска песна за кампањата чии изведувачи се Некст тајм, Адријан Гаџа и Јана Бурческа, како и музички спот со пораката „Почни од себе, биди промената што сакаш да ја видиш“.