Владата објави оглас за именување директор на Агенцијата за филм на РМ
Владата објави оглас за именување директор на Агенцијата за филм на Република Македонија со утврдени услови согласно со Законот за филмската дејност.
Кандидатот што ќе се пријави треба да има државјанство на РМ, во моментот на именувањето со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност; да има стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен од областа на филмот или на општествените науки или правен факултет со положен правосуден испит или економски факултет; да има минимум пет години работно искуство во областа на филмот или правото или економијата, да има положено психолошки тест и тест за интегритет.
Кандидатот треба да поседува и меѓународно признат сертификат или уверение за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години, кој треба да е еден од наведените: ТОЕФЕЛ ИБТ - најмалку 74 бода, ИЕЛТС (IELTS) - најмалку 6 бода, ИЛЕЦ (ILEC) (Cambridge English: Legal) - најмалку Б2 (B2) ниво, ФЦЕ (FCE) (Cambridge English: First) - положен, БУЛАТС (BULATS) - најмалку 60 бода или АПТИС (АPTIS) - најмалку ниво Б2 (B2).
Со пријавата кандидатите задолжително треба да достават: кратка биографија; уверение за државјанство; доказ дека со правосилна судска пресуда не му е изречена казна прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност; диплома за завршено високо образование најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен од областа на филмот или на општествените науки или правен факултет со положен правосуден испит или економски факултет; доказ дека има минимум пет години работно искуство во областа на филмот или правото или економијата и доказ за положен психолошки тест и тест за интегритет.
Во огласот е наведено дека директорот на Агенцијата за филм го именува и разрешува Владата на Република Македонија, со мандат од две години.
- Ова е дел од нашата политика на транспарентност и отвореност на полето на кадровските прашања, и на давање шанса на квалитетните и способни кадри да бидат избрани за вршење одговорни државни позиции. Кандидатите кои ги исполнуваат условите од огласот треба да ги поднесат потребните документи за апликација во оригинал или копија заверена на нотар во архивата на Владата. Единствен критериум за избор ќе биде квалитетот на кандидатот, кој е содржан од неговото искуство, образованието, способностите, и идеите и визиите за развој, изјави за МИА Александар Ѓорѓиев, портпаролот на Владата на РМ.
Документите треба да се достават во архивата на Владата или по пошта на адреса: Влада на Република Македонија бул. „Илинден“ бр.2, 1000 Скопје со назнака: „За јавен оглас за именување директор на Агенцијата за филм на Република Македонија“.
Јавниот оглас ќе трае осум дена, сметано од наредниот ден од денот на објавувањето на огласот во дневните весници.
Некомплетната документација и документацијата доставена по истекот на рокот за аплицирање нема да биде разгледувана.