Министерот Спасов го посети битолскиот Центар за социјални работи
Министерот за труд и социјална политика во Владата на Република Македонија, Диме Спасов денеска во Битола го посети Центарот за социјални работи лоциран во населбата „Карпош“.
Еден од мотивите за денешната посета на министерот Спасов беше желбата за личен увид на процесот на целосна реконструкција на објектот кој не бил реновиран од денот на неговото пуштање во употреба пред триесеттина години.
- Градежните активности се во интензивна фаза, а реализацијата на оваа активност е составен дел на проектот на Владата на Република Македонија за реновирање на Центрите за социјална работа. До денес целосно реновираме и пуштивме во употреба четири центри за социјална работа, а објектот во Битола се реализира во рамките на втората фаза и заедно со центрите во Крушево и Демир Хисар кои се опремени со нова опрема. Втората фаза ќе заврши до крајот на септември, а паралелно се подготвува третата фаза со која ќе биде опфатена реконструкцијата на 18 објекти на центрите за социјална работа и 12 објекти на дневни центри за деца со пречки во развојот, со што 95 проценти од објектите на Центрите за социјална работа ќе бидат целосно реновирани, истакна министерот Спасов.
На денешната средба со новинарите, министерот за труд и социјална политика Спасов, посочи дека за реконструкција на објектот во Битола обезбедени се 9 милиони денари, а за третата фаза ќе бидат инвестирани 1,2 милиони евра од ИПА програмата на Европската Унија.
Инвестицискиот проект на министерството за труд и социјална политика и реконструкцијата на битолскиот Центар за социјални работи ја поздрави градоначалникот Владимир Талески кој на денешната средба истакна дека соработка со министерството продолжува и низ други проекти кои се врзани со граѓаните од различни социјални категории.