Пуштено во употреба двојно тениско игралиште во Петровец
Двојно тениско игралиште, дел од проектот на Владата за изградба на 120 тениски терени ширум Македонија преку Агенцијата за млади и спорт денеска официјално беше пуштено во употреба во ОУ „Кочо Рацин“ во општина Петровец.
- Пред околу два месеца заедно ја пуштивме во употреба новата зграда на ОУ „Кочо Рацин“ објект со кој решивме значаен проблем на Петровец и овозможивме децата да учат во ново и модерно училиште изградено по сите современи стандарди. Денеска ги пуштаме во употреба новите тениски терени, рече премиерот Груевски по пуштањето во употреба на терените, нагласувајќи дека во рамките на овој проект досега се изградени 44 тениски терени ширум Македонија, а 31 се во фаза на градба.
Тој потсети дека пред две години во Петровец беше пуштена во употреба и новата спортска училишна сала во ОУ „Кочо Рацин“ во Петровец, како и фудбалските стадиони во Петровец, Долно, Средно и Горно Коњари и повеќенаменското игралиште во Ржаничино.
- Очекувањата за успех во спортот се реални само кога се вложува во спортската инфраструктура. Затоа поставивме задача да го изградиме се она што не беше направено во минатото и напорно работиме за да ја оствариме таа цел, рече премиерот Груевски.
Истакна дека Владата ќе продолжи со поддршката на Петровец за изградба на спортска и другата неопходна инфраструктура за подобрување на животот на граѓаните.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески рече дека тениското игралиште е изградено по сите стандарди и има сертифицирана подлога, ограда од три метри и рефлектори за осветлување.
- Определбата на Владата да го поддржува спортот веќе ги дава првите резултати и полека се менува менталитетот и се гради спортскиот дух на нацијата, рече Спасески.
Посочи дека изградбата на тениските терени во Петровец чинела 8 милиони денари, средства обезбедени од буџетот на Агенцијата за млади и спорт.
Градоначалникот на општината Борче Митевски потенцира дека тениското игралиште е од особено значење за општината и додаде дека целта им е преку изградба на спортски терени да ги отргнат децата од улиците и од модерните пороци.
- Со помош на Владата, Агенцијата за млади и спорт и Министерството за образование и наука во изминататите години се изградени многу спортски и инфрастуктурни објекти во општина Петровец, рече Митевски и најави дека за две недели ќе биде поставен камен-темелник за нова градинка за 80 деца во Петровец, канализација во Долно Коњари, фекална канализација во индустриската зона Чојлија...