Попоски: Образованието клуч за глобалната развојна соработка
Образованието е клучот за развојната соработка и креирањето на партнерства во справување со глобалните предизвици, истакна министерот за надворешни работи Никола Попоски на овогодинешниот Croatia Forum 2015 во Дубровник.
- Преминувањето на една земја од статус на примател на помош во статус што споделува минува неизбежно преку фокус на образованието. Република Македонија од корисник на помош во изминатиов период, со приближувањето кон ЕУ презема чекори за обезбедување на средства и давател на развојна помош, истакна Попоски во своето излагање на панелот “Помеѓу пари, знаење и партнерство: дефинирање на приоритетите, размена и соработка“.
Како што соопшти МНР, оваа година форумот на кој учествуваа министри за надворешна политика на земјите од регионот, Европа и Африка и од Азија, беше посветен на развојната политика и соработка.
На форумот беа разменети мислења и ставови во однос на меѓународна развојна соработка како значаен сегмент на соработката помеѓу државите на глобално ниво.
Во напредна фаза, се наведува, е подготовката на Законот за развојна помош, со цел да се воспостави долгорочен систем за давање развојна помош во определени земји во развој.
Република Македонија има искуство во давање стипендии на студенти од трети земји во развој. Тоа е најдобар начин и најсигурен начин на помагање на одржлив развој во друга земја.